Економија
Највисоката плата во 2019 година изнесува 114.854.796 денари, најмладиот милионер во Македонија има само 6 години
Највисоката годишна бруто-плата во 2019 година исплатена е на граѓанин од Струга. Платата е остварена во индустријата со метали и изнесува 114.854.796,00 денари. На листата на највисоко рангирани бруто-плати се најдоа и платите исплатени во секторот здравство, аптеки, образование, комбинирани канцелариски и административни услужни дејности и производство на горна облека, соопшти на денешната прес-конференција, директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска.
Највисокото лично примање по друг основ, како што рече таа, изнесува 48.511.454,00 денари на годишно ниво за повремено или привремено извршени услуги кон градежна компанија.
„ Највисоката капитална добивка 88.352.113 денари остварена е од граѓанин на Скопје од продажба на сопственички удел од странска компанија, додека највисоката исплатена дивиденда е во износ од 210.411.765,00 денари и исплатена е на граѓанин на Битола кој е сопственик на бизнис кој припаѓа на дејностите во градежништвото“, изјави Лукаревска.
Скопјани доминираат на листата со доход од самостојното вршење на дејност, од кој највисокиот изнесува 44.065.522,00 денари. Во 10-те топ рангирани на листата се наоѓаат адвокати, нотари, извршители и угостители.
Граѓанин од Скопско остварил доход од продажба на сопствени земјоделски производи во износ од 32.345.815,00 денари, а гевгеличанец остварил 11.694.817 денари доход по овој основ. Во 2019 година прворангираниот според вкупно остварен бруто-доход од закуп и подзакуп на имот (издавање земјиште, станови и деловни простории, превозни средства и друг вид имот) е обврзник од Тетово, кој пријавил 84.039.667 милиони денари.
Прворангиран според остварен вкупно бруто-доход од авторски права и други стварни права е обврзник од Скопје, со 22.612.966 денари, додека кумановец остварил бруто-доход од 4.161.850 денари од права од индустриска сопственост. Највисоката добивка од лото, обложување, казино и учество во наградни игри, односно пријавен вкупен бруто-доход од игри на среќа е жителка на Скопје кој само по овој основ остварила 29.293.930,00 денари.
Прворангираниот пензионер е од Штип чија бруто-пензија изнесува 8.064.865,00 денари. Прворангираниот осигуреник по основ на уплатени премии и исплатена осигурена сума остварил доход од 7.835.927 денари.
Во категорија друг доход вклучува доход од различни извори како што е доходот кој не е конкретно опишан во Законот за данокот на личен доход и не е изземен од оданочување, доходот остварен од продажба на корисен цврст отпад, доходот остварен со електронска трговија преку интернет, доходот од маркетиншки интернет-услуги, износот на неискористената финансиска помош, износот на неискористените донирани финансиски, како и кусоци кои не се предизвикани од вонредни настани (кражба, пожар или други природни непогоди), кои не се на трошок на платата на одговорното лице.
Во оваа категорија прворангираниот е од Скопје со износ 167.595.958,00 денари и овој доход претставува кусок кој не е предизвикан од вонредни настани и кој не е на трошок на платата на одговорното лице
Второрангиран е граѓанин од Тетово кој доброволно го пријавил својот доход во износ од 138.938.218,00 денари кој е исплатен од компании кои работат со мрежни социјални и видеоплатформи. Највозрасното лице кое остварило над еден милион денари приход било на возраст од 101 година, додека во групата над 10.000.000 милиони денари највозрасниот има 86 години. Лице кое се родило во 2013 година е најмладиот милионер во 2019 година и истото остварило доход од закупнина над 1.000.000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.