Економија
Мицкоски: Нов пакет-мерки за ново пљачкање на државата
Новиот пакет-мерки со кој се фали Владата е неразвоен и нема да одговори на потребите на стопанството и граѓаните, туку е ново пљачкање на државата, а бизнисот и граѓаните трпат, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, при посетата на компанијата „Специјал“ во општина Ѓорче Петров одговарајќи на новинарско прашање за петтиот владин пакет-мерки.
Мицкоски истакна дека како и досега, нема помош, туку има крадење бидејќи власта вети една милијарда евра, а самиот Фатмир Битиќи рече дека помошта била за граѓаните и за стопанството не повеќе од 350 милиони евра, што значи дека ги нема или некој ги украл другите 650 милиони евра.
„Поддршката на стопанствениците и на компаниите, велеа дека ќе даделе бескаматни кредити, а потоа под притисок на опозицијата и јавноста додадоа во февруари и март дека во зависност од падот на приходите на компаниите, ќе дадат дополнителна стимулација за вработените за личниот доход почнувајќи од 14.500 денари за најмалиот пад на промет до 21.000 денари за поголем пад. Тоа го поздравувам, но тоа треба да трае за целата 2021 година, која очигледно ќе биде кризна за македонската економија“, рече Мицкоски.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ додаде дека неприфатливи се акробациите на власта бидејќи создаваат несигурност во бизнисот и луѓето не може да планираат на правилен начин бидејќи носат решенија под притисоци, решенија денес за утре наместо да има предвидлив период.
„Никаде не видов интензивна реализација на капиталните инвестиции, што е суштински важно, не се гледа каде ќе се градат патишта, не се гледа каде ќе се реновираат болници, не се гледа каде ќе се гради канализација, не се гледа каде ќе се инвестира во водоводи, театри, градинки, културни институции. Реализацијата на капиталните инвестиции никаде не ја гледаме, што е основно за раст на економијата и поддршка за бизнисот и стопанството“, нагласи Мицкоски.
Тој вели дека, наместо помош сега власта се обидува повторно со ниски кампањи, како тоа дека игра на ставот дека ќе ги избришат долговите што ги имале граѓаните кон комуналните претпријатија ако основниот долг го платат на 6 или 12 рати, но ги изоставуваат оние граѓани што редовно ги сервисираат своите обврски.
„Треба да им се помогне на луѓето да им се дадат повеќе рати, но што со оние граѓани кои редовно ги сервисираат своите обврски и зошто тие се изоставени во овој пакет. Ние како ВМРО-ДПМНЕ амандмански ќе интервенираме во предлог-законот и за оние граѓаните што редовно ги плаќаат обврските да има одредена помош – ваучери, кои понатаму може да ги користат за плаќање на овие обврски“, рече Мицкоски.
Мицкоски се осврна и на помошта за тутунарите за која вели дека е понижувачка затоа што 20.000 семејства, кои егзистираат од тутунот, буквално се понижени со 10 денари помош, која не се знае кој ќе ја добие и покрај тоа што оваа година има убедливо најниска цена од 120 до 140 денари и историски најслабото оценување на класата на тутунот незапаметено од 2005 до денеска.
„Не го прифатија предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за субвенцијата која изнесуваше едно евро за килограм тутун, ниту предлогот веднаш да биде укинат делот од законот кај што се дозволува увоз на тутун сè додека не биде продаден тутунот на македонските тутунари и денеска дополнително ги навредуваат со тоа што секому ќе му дадат поддршка од 10 денари, а министерот дава изјава дека не знае по кој критериум ќе бидат делени овие пари. Повеќе од 20.000 семејства се прехрануваат од тутунот“, вели Мицкоски.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.