Економија
Москва губи 160 милиони евра дневно, но сепак заработува пари
Ограничувањето на цените и ембаргото на Европската унија за поголемиот дел од руската нафта ги намалија приходите на Москва од фосилните горива. Но, Кремљ сè уште заработува значителни пари за финансирање на војната во Украина бидејќи лимитот од 60 долари за барел беше „премногу мек“, велат аналитичарите.
Комбинацијата од ограничувањата на Г7 – главниte демократии и забраната на ЕУ ја чини Русија околу 160 милиони евра (171,9 милиони американски долари) дневно, соопшти Хелсинкискиот Центар за истражување на енергија и чист воздух во студијата за првите недели од санкциите, што стапи на сила на 5 декември.
Бројките покажуваат дека Русија сè уште зема 640 милиони евра дневно од фосилни горива, што е помалку од 1 милијарда евра дневно од март до мај 2022 година, веднаш откако ја нападна Украина на 24 февруари.
Русија би изгубила дополнителни 120 милиони дневно почнувајќи од 5 февруари, доколку ЕУ го забрани увозот на рафинирани нафтени деривати како што е дизел горивото, од кои Русија е главен снабдувач. Тоа би ја намалило заработката на Москва на 520 милиони евра дневно до февруари.
Центарот објави дека Русија успеала да генерира 3,1 милијарди евра приход од испораките на нафта под плафонската цена, собирајќи 2 милијарди евра даночни приходи. Намалувањето на ограничувањето на 25-35 долари за барел речиси целосно ќе ги елиминира даночните приходи со приближување на цената многу поблиску до цената на производството во Русија.
Сегашната граница е над пазарната цена на руската нафта и останува во опсегот на она што и е потребно на Москва за да го балансира својот буџет.
Западните влади се мачеа да најдат начин да ги намалат приходите од фосилни горива кои се главниот извор на финансирање на буџетот на руската влада и нејзината војна против Украина. Првите санкции главно избегнуваа блокирање на испораките на нафта и природен гас, бидејќи Европската унија беше во голема мера зависна од руските фосилни горива за да ја управува својата економија и затоа што вртоглавото покачување на цените на енергијата на почетокот на војната поттикна голем скок на инфлацијата во Европа и во САД.
Намалувањето на границата може да има непредвидливи ефекти бидејќи претседателот Владимир Путин рече дека Русија нема да продава нафта на земјите што ја почитуваат границата, но таа закана не се оствари бидејќи ограничувањето е над пазарната цена.
Сепак, нафтените пазари сега се помалку фокусирани на потенцијалната загуба на руската нафта отколку на слабата побарувачка поради глобалното економско забавување, а цените паднаа.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Николоски-Хрицова: Од март нова авиолинија Охрид – Братислава
Воведување на новата авиолинија Охрид-Братислава и подобрување на економските и трговски односи меѓу Македонија и Словачка беа тема на денешната средба помеѓу заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски и амбасадорката на Словачка, Ивета Хрицова.
Линијата Охрид-Братислава која се воспоставува од март оваа година преку авиокомпанијата „Визер“, ќе придонесе за подобра поврзаност меѓу двете земји, а во функција на развој на туризмот и бизнис секторот, потврдија двајцата соговорници.
Николоски истакна дека Владата посветува особено внимание на развој на ависобраќајот, а воспоставување на оваа авиолинија, ќе ги приближи економските врски меѓу двете држави.
На средбата беа потврдени добрите билатерални односи меѓу Македонија и Словачка, се разговараше за зајакнување на трговска соработка, политичките односи и поттикнување на деловната клима.
Николоски потенцира дека државата се наоѓа во силен инвестициски циклус во реализација на капитални проекти кои имаат регионална димензија и даваат огромен придонес во развој на регионалната соработка преку модернизација на транспортната инфраструктура.
Тој упати честитки за избор на амбасадорката, притоа изрази благодарност за досегашната соработка и ја нагласи потребата од интензивирање на таквата соработка во дејностите од заеднички интерес за двете земји.
Економија
Мицкоски: Речиси 225 милиони евра веќе се пренесени преку Развојната банка на домашните компании, а целосна реализација се очекува во првиот квартал годинава
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарско прашање за тоа како ќе се искористат преостанатите 250 милиони евра за домашните компании изјави:
„Досега се пренесени, практично преку Развојната банка, некаде околу 225 милиони евра од 250 милиони евра. Тоа е оној кредит кој што Владата, условно кажано, го субвенционира со каматна стапка од 1,95%, до три години грејс-период и до 15 години рок на отплата.“
Премиерот посочи дека целосна реализација на средствата се очекува во првиот квартал годинава.
„Очекувам набргу, во првиот квартал од оваа година, целосно да биде исцрпен. И заедно со средствата кои што банките сопствени ги инвестираат во развојните проекти на компаниите, го поддржуваат стопанството и економијата и на тој начин Македонија на инвестициската мапа е навистина водечка во регионот. Ако се има предвид дека растот во првата половина од 2025 година, па би рекол и целосно во текот на целата 2025 година, е двоцифрен број проценти. Споредно со истиот период во рамките, да речеме, на еврозоната, тоа е 2-2,5%. Така што, јас сум навистина задоволен од начинот на кој што овие средства се искористени“, објасни Мицкоски.
Економија
Четири години стратешко партнерство на „Алкалоид“ и СОС Детското село
„Децата се нашата иднина! Секое дете има право на топол дом, грижа и љубов! Секое дете е и наша грижа!“ се моќни пораки спрема заедницата и силни причини за синергија, кои во целост ги препознаваат и ги почитуваат обете организации.
СОС Детско село е организација која во моментов дава поддршка за околу 400 деца и младинци кои се без родители/родителска грижа или кои се во ризик да ги загубат своите родители. Организацијата, која годинава одбележува 25 години од основањето и од згрижувањето на првото дете во земјава, низ годините има помогнато на стотина деца, овозможувајќи им поддршка, љубов, топол дом, чувство на припадност и сигурност, квалитетно образование, посигурна иднина и можност да имаат поубаво детство.



Јулијана Накова-Гапо, национална директорка на СОС Детско село, истакна дека поддршката од „Алкалоид“ и „Бекутан“ претставува многу повеќе од финансиска помош – таа е израз на доверба, долгорочна посветеност и заедничка визија за создавање подобра иднина за децата.
„Горди сме што заедно со ’Бекутан’ градиме приказна на љубов, сигурност и иднина исполнета со надеж. Преку концептот на кумство на една куќа со пет згрижени деца, покрај покривањето на секојдневните трошоци, вложуваме и во нивните образовни и развојни активности, што е од суштинско значење за нивното растење во самостојни и одговорни личности. Ова партнерство е и пример како компаниите можат да бидат вистински херои во животите на децата без родителска грижа“, изјави Накова-Гапо за време на посетата на оваа организација од претставници на компанијата.



Соработката на „Алкалоид“ со македонската гранка на организацијата СОС Детско село започна во декември 2022 година, кога една од куќите на локалитетот во населбата Ченто беше именувана „Бекутан куќа“, за која компанијата ги покри трошоците за секојдневното функционирање. Во 2023 година, по повод 45-годишниот јубилеј на брендот „Бекутан“, беше издвоен одреден процент од продажбите на оваа детска колекција и беа собрани над 2 милиони денари донирани за оваа организација. На Хуманитарниот пикник на компанијата организиран во 2024 година, вработени на „Алкалоид“, членови на нивните семејства и нивни пријатели донираа близу 2 милиони денари наменети за СОС Детско село.



Активностите на компанијата со СОС Детско село ќе продолжат и во тековната година, а се разгледуваат и нови форми на соработка. „Децата се нашата иднина и наша заедничка одговорност. Ниту едно дете не треба и не смее да биде оставено без грижа, поддршка и можност за развој. Како поединци, како заедница убаво е да помогнеме! Преку одговорно делување и заедничка посветеност придонесуваме кон создавање стабилна и инклузивна заедница“, изјави Живко Мукаетов, генерален директор и претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје. Организацијата СОС Детско село функционира на принципот на донации од индивидуалци, компании, институции и разни форми на партнерства со цел да обезбедат средства за реализација на програми и активности за поддршка на ранливите групи на деца без или кои се во ризик да ја загубат родителската грижа.
(ПР)

