Економија
Над 6.500 апликации пристигнале за покривање на дел од сметките за струја
Заклучно со вчерашниот ден кога заврши јавниот повик за мерката за финансиска поддршка за покривање на дел од сметките за електрична енергија за домаќинствата со ниски примања во архивата на Министерството за економија се пристигнати 6.500 барања, а согласно предвидените буџетски средства за оваа намена кои изнесуваат 60.000.000 денари, со финансиска поддршка може да се стекнат околу 7.000 домаќинства. Тоа значи дека имаме успешна реализација на мерката, кажа министерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција на која информираше за реализација на јавниот повик.
Како што информираше министерот, согласно оваа мерка предвидено е да се пркријат од 600 до 800 денари од сметката за електрична енергија на домаќинствата за ниски приходи.
„Очекуваме дека денеска и утре во архивата на Министерството за економија да пристигнат уште 200 барања од барателите кои заклучно со вчерашниот ден преку пошта ги испратиле своите апликации. Со што сакам да заклучам дека имаме успешна реализација на оваа мерка“, кажа Бектеши.
Министерот информираше дека за спроведување на активностите за реализација на финансиска поддршка за лица со ниски примања, формирани се пет комисии кои активно работат и до крајот на февруари ќе биде изготвена финална листа на баратели кои ќе се стекнат со финансиска поддршка.
„Финансиската поддршка ќе добијат најранливите категории преку примена на принципот најниски примања во домаќинство во 2021 година, во соодветната категорија. Во случај кога повеќе баратели имаат идентичен износ на месечни примања во домаќинството, истите ќе бидат подредени според архивскиот број, растечки. По изготвувањето на финалните листи, Министерството за економија истите ќе ги достави до универзалниот снабдувач со електрична енергија, ЕВН ХОУМ, со цел потврдување на внесените податоци за бројот на корисник и за бројот на место на потрошувачка и по добиен одговор од нивна страна Министерството за економија ќе изгови решенија за стекнување финансиска поддршка, потенцираше министерот и додаде дека средствата за финансиската поддршка за месеците јануари, февруари и март 2020 година ќе бидат засметани во сметките за потрошена електрична енергија кои се доставуват до потрошувачите во март 2022 година, при што доколку износот на потрошена електрична енергија е помал од вкупната субвенција за овие три месеци, корисниците ќе бидат во претплата“, кажа Бектеши.
Според јавниот повик корисниците на финансиска поддршка во текот на оваа година треба преостанатиот дел од износот на сметката за претходниот месец да го плаќаат во рокот за плаќање наведен на сметката.
Во спротивно, доколку корисникот на финансиска поддршка не го плати преостанатиот намален износ на две последователни сметки, Министерството за економија ќе донесе решение со кое се укинува решението за стекнување финансиска поддршка.
„Во услови на прогласена криза во снабдувањето со електрична енергија, Министерството за економија со оваа програма годинава за прв пат ја воведе мерката за парична помош за најранливите категории на лица со ниски примања, кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон“, кажа Бектеши.
Согласно јавниот повик, најранливите категории на лица со ниски примања до 30.000 денари кои не се приматели на гарантирана помош согласно закон ќе добијат парична помош, односно намалување на месечната сметка за потрошена електрична енергија во износ од 600 денари или 800 денари месечно, во зависност од големината на домаќинството.
И тоа:
– самец до 15.194 денари;
– домаќинство со два члена до 18.000 денари;
– домаќинство со три члена до 21.000 денари
– домаќинство со четири члена до 25.000 денари; и
– домаќинство со пет члена и повеќе до 30.000 денари
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Соларната енергија е еден од клучните столбови на македонската енергетска транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се обрати на настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, организиран од Агенцијата за иновации и научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, по повод 26 јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека одбележувањето на Меѓународниот ден на чистата енергија претставува силен потсетник за заедничката одговорност, но и за стратешката можност што ја има државата во процесот на енергетската транзиција кон одржлив, сигурен и модерен енергетски систем.
„Соларната енергија денес е еден од најважните столбови на националната енергетска транзиција. Македонија има сериозен сончев потенцијал и наша јасна стратешка определба е тој потенцијал да го искористиме максимално – преку стабилна регулаторна рамка, поддршка на инвестициите и активна улога на државата“, нагласи Божиновска.
Таа посочи дека изминатата година е забележан значителен раст на фотоволтаичните капацитети, како резултат на зголемениот интерес и од инвеститорите и од граѓаните, што ја потврдува довербата во соларната енергија како исплатливо и одржливо решение. Министерката нагласи дека Министерството не е само регулатор, туку активен двигател на процесите, со фокус на државни инвестиции во соларни капацитети, системи за складирање на енергија и стратешко планирање на декарбонизацијата.
Во обраќањето беше истакната и важноста на партнерството со приватниот сектор, академската заедница и граѓаните, како неопходен предуслов за успешна и праведна енергетска транзиција.
„Енергетската транзиција не е проект на една институција. Таа е заеднички процес кој бара соработка, знаење и визија. Само така можеме да изградиме модерен, сигурен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот и почиста животна средина“, порача Божиновска.
Настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, кој се одржа во Europe House, вклучи едукативна сесија и панел-дискусија за можностите и предизвиците на соларната енергија во Македонија, со учество на претставници од институции, академската заедница и компании од енергетскиот сектор.
Економија
Потпишан Протокол за правила за потекло со Обединетото Кралство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон, денеска го потпишаа Протоколот за правила за потекло, кој претставува интегрален дел од Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Протоколот за правила за потекло овозможува практична и правна примена на проширената кумулација со материјали со потекло од Европската унија, земјите на ЕФТА, како и од другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, со кои двете држави применуваат преференцијална трговија.
„Проширената кумулација на потекло на стоките директно ќе придонесе за унапредување на можностите на македонските извозници за користење преференцијален третман при утврдување на потеклото на стоката во трговијата со Обединетото Кралство. Ова е особено значајно за секторите со сложени производни ланци и висок удел на материјали од Европската унија и другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, како и во контекст на усогласувањето со новите трговски односи на Обединетото Кралство по излегувањето од Европската унија.
Со потпишувањето на овој Протокол се создаваат услови за зголемен извоз, отворање нови работни места, зајакнување на економијата и поголема економска сигурност за граѓаните, преку подобро позиционирање на македонската економија на еден од најзначајните европски пазари“, соопштија од Министерството.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.

