Економија
Наезда од претставки за неисплатен К15, 248 пристигнале за 11 дена
За 11 дена во Државниот инспекторат за труд стигнале 248 претставки за неисплатен регрес за годишен одмор. Директорот на Инспекторатот, Аљајдин Хавзиу, вели дека инспекторите прават вонредни контроли и уверува дека ќе се постапи по секоја поднесена претставка.
„До 11 .1. 2019 во сите подрачни единици, вклучувајќи ја и дирекцијата, поднесени се 248 претставки за исплата на регрес за годишен одмор. Претставките се укажување дека нешто не е во ред. Инспекторите во текот на целата година имаат обврска при контролата да утврдат дали работодавецот исплатил регрес, ова сега е наезда од претставки оти луѓето мислат дека само сега може да се контролира и да се исплати, но за К15 ние зборуваме цела година. Тоа е дел од нашите редовни контроли. Оваа бројка од 248 ќе биде многу поголема оти неисплатен регрес утврдуваме и во редовните контроли“, изјави директорот Хавзиу за „Макфакс“ и нагласи дека бројот на претставки во Инспекторатот е зголемен во однос на лани во истиот период.
Онаму каде што ќе утврдат дека не е исплатен регрес, инспекторите му оставаат рок на работодавецот да го исплати, па ако не го исплати, се поведува прекршочна постапка. Сумирани резултати од вонредните контроли во компаниите директорот Хавзиу очекува до крајот на следниот месец.
„Се постапува во континуитет, ќе имаме податоци за овие претставки на крајот на февруари оти до тогаш треба да заврши и контролниот надзор. Во моментот не можеме со точност да кажеме по колку претставки е постапено, но со сигурност можам да кажам дека ќе се постапи по сите. По 15 февруари, ќе знаеме за колку од нив колку се донесени решенија за исплата на годишен регрес, не може 248 претставки во еден ден да се решат“, вели директорот Хавзиу.
Вонредни контроли прават 102 инспектори од 32 подрачни единици и од дирекцијата во Скопје. Директорот Хавзиу смета дека и тие, исто како и другите инспекторати, имаат недостиг од кадар, но вели дека тоа не е пресудно за работата на Инспектарот.
„И илјада инспектори да имаме, а немаме свест во општеството, и тие ќе бидат малку. Имаме недостиг на инспектори. Во планот имаме одобрено 10 вработувања во 2019 година, но исто толку инспектори во текот на годината ќе заминат во пензија. Нам ни недостигаат и ќе ни недостигаат инспектори. Со повеќе инспектори ќе го скратиме времето од пријавување до реализација. Јас се надевам дека ќе најдеме решение за вработувањата“, рече директорот Хавзиу.
За олеснување на процесот на контрола во компаниите, Државниот инспекторат за труд и Инспекцискиот совет подготвуваат „чекинг-листи“ со помош на кои секој работодавец може сам да си направи инспекција за десет основни работи што треба да ги има секоја компанија. Кога во инспекција ќе доаѓаат инспекторите од Државниот инспекторат за труд, работодавците ќе може само да ја покажат потполнетата листа и да понудат документација што ќе го потврди тоа.
По претставките за неисплатен К15, кои се најмногубројни во овој период, во преостанатите месеци од годината вработените најмногу се жалат во Државниот инспекторат за труд за неисплатена прекувремена работа.
Минатата недела Владата го задолжи Државниот инспекторат за труд до крајот на февруари да изготви детаљна информација за исплатата на регресот за годишен одмор и за мерките што се преземени против компаниите што не исплатиле К15.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.