Економија
Наместо во белата палата или на други места, парите од покачените производи ќе се употребат за социјалните потреби, уверува Битиќи за „луксузните“ производи

Вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи, не можеше да одговори колкави пари државата ќе собере од покачувањето на ДДВ-то на одредени „луксузни“ производи и каде и за што ќе завршат собраните пари.
Тоа, како што појасни Битиќи, е дел од среднорочен план за даночни реформи.
„Ниедна даночна реформа не можете денеска да ја дефинирате и да кажете кој е денеска ефектот. На среден план и на долг рок тоа е можно да се направи. Одредени продукти мора да се знае дека не треба да имаат повласетна даночна стапка и тоа се средства што на крајот завршуваат кај нашите граѓани за да се сервисираат социјалните потреби. И тоа не се средства што се прибираат за на крајот да завршат во друг систем, во белата палата или на други места“, уверуваше Битиќи.
Според него, сѐ ќе зависи од тоа колква ќе биде потрошувачката токму на тие производи.
„Но, како што рече и премиерот, листата на производи во повластена даночна стапка е навистина еднa од најголемите во регионот“, истакна вицепремиерот.
На прашањето дали на седница на Владата ќе биде прецизирано и предложено каде е потребна корекција на ДДВ-то, Битиќи истакна: „Не можам јас да кажам и да ја земам улогата и да дефинирам што сметам дека треба да биде привилегирано. Тоа се граѓаните, тоа се стопнанските комори, кои треба да реагираат соодветно“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка објавува повик за пријавување трудови за 55. сесија на Клубот на истражувачите

На 25 септември 2025 година, четврток, со почеток во 14 часот, во просториите на Народната банка ќе се одржи 55. сесија на Клубот на истражувачите.
Доколку сакате да презентирате Ваш работен материјал на оваа сесија на Клубот на истражувачите, Ве покануваме да се пријавите со доставување на материјалот на е-адресата: [email protected], најдоцна до 15 септември 2025 година (понеделник).
Трудовите треба да бидат изработени во согласност со трендовите и стандардите на современите истражувања, што подразбира емпириска анализа, како и систематизирани заклучоци од истражувањето.
На сесиите на Клубот, како платформа за дискусија и размена на стручни мислења, може да се презентираат резултатите и сознанијата и од истражување/труд во работна верзија.
Клубот на истражувачите на Народната банка е отворена платформа за презентација и за дискусија за научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата. Зачленувањето во Клубот на истражувачите е од отворен карактер, за што можете да видите подетални информации на веб-страницата на Народната банка www.nbrm.mk, во делот Клуб на истражувачи.
Економија
Цената на златото расте: „Зголемените нивоа на економска неизвесност го прават попривлечно“

Цените на златото скокнаа на рекордно високо ниво, надминувајќи го претходниот рекорд поставен во април откако претседателот Доналд Трамп воведе тарифи на „Денот на ослободувањето“, во услови на слаб долар и очекувања за намалување на каматните стапки во САД овој месец, јавуваат светските агенции.
Според написите, цената на златото порасна за 0,9 проценти на 3.508,70 долари за унца во азиската трговија, пред да ги намали добивките на 3.497 долари.
Побарувачката за злато се зголеми бидејќи инвеститорите го гледаат како заштита од инфлација и поширока макроекономска неизвесност, велат аналитичарите.
Растечките загрижености за независноста на Федералните резерви откако Трамп изврши притисок врз претседателот Џеј Пауел и се обиде да ја отстрани гувернерката Лиза Кук, како и очекувањата за намалување на каматните стапки, го поттикнаа најновото зголемување.
„Сè се спојува за да се создаде совршена ситуација за повисоки цени на златото“, рече Дејвид Вилсон, раководител на стратегијата за стоки во BNP Paribas. „Зголемените нивоа на економска неизвесност јасно го прават златото попривлечно.“
Приливот во фондовите за злато што се тргуваат на берза се појави како главен извор на побарувачка што ги поддржува цените, напиша „Голдман Сакс“ во неодамнешна белешка. Аналитичарите на банката предвидуваат дека спот цените ќе достигнат 4.000 долари за унца до средината на следната година.
Фото: принтскрин
Економија
Царината: За 14,5 милиони евра зголемена наплатата на приходи во август

За 14,5 милиони евра е зголемена наплатата на приходи во август во царината во споредба со истиот месец минатата година, што претставува рекорден раст на приходите од 8,9 проценти остварени на месечно ниво годинава, соопшти Царинската управа.
Притоа, најголем раст од 19,5 проценти е остварен во наплатата на акциза, при што по овој основ во август се собрани приходи од 3,78 милијарди денари.
Наплатата на приходи од царина пак, бележи пораст од 7,9 проценти, додека приходите од данокот на моторни возила бележат раст од 7,3 проценти.
„Претходниот месец наплатата на приходите беше зголемена за 10,5 милиони евра, овој месец за 14,5 милиони евра. Ова е новиот систем на вредности во Царинската управа. Систем што генерира повисоки приходи во Буџетот на државата, систем што овозможува повеќе пари за болници, училишта, патишта. Одржлив систем што го разобличува криминалот и ја издигнува економијата на државата”, вели директорот Бобан Николовски.
Кумулативно од почетокот на годината Царинската управа наплати приходи од 86 милијарди денари или 1,4 милијарди евра, што е за 65,5 милиони евра повеќе од лани истиот период.