Економија
Народната банка донесе нов пакет монетарни мерки
Вчера, се одржа седница на Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка (КОМП), на која беа разгледани клучните показатели за домашната економија и движењата на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
По намалувањето на основната каматна стапка во јануари и март, на оваа седница на Комитетот се донесе одлука за нејзино повторно намалување од 0,25-процентни поени, со што таа ќе изнесува 1,5 отсто. Истовремено, по намалувањето на износот на благајничките записи, кој беше понуден на априлската аукција, на седницата беше одлучено понудата на благајничките записи на аукцијата што ќе се одржи денес да се намали за нови 7 милијарди денари. Заедно со средствата што беа ослободени со намалената понуда на благајничките записи на аукцијата во април се ослободуваат вкупно 15 милијарди денари, кои се очекува да овозможат натамошна поддршка на македонската економија преку поттикнување на кредитната активност на банкарскиот систем, се вели во соопштението.
Одлуката за натамошно монетарно релаксирање се темели на стабилизирањето на очекувањата и довербата на економските субјекти во последниот период, видливо преку подобрените движења на девизниот пазар и кај депозитите во банкарскиот систем. Овие околности, при истовремено комфорно ниво на девизните резерви и умерена инфлација, а при оцена за неповолни ефекти од здравствената криза врз економската активност на краток рок, отвораат простор за натамошна поддршка преку монетарната политика.
Ова релаксирање на монетарната политика се очекува да придонесе за намалување на цената на финансирање преку кредити од банките, како и за обезбедување дополнителна ликвидност во банкарскиот систем, што соодветно ќе може банките да ја искористат за поддршка на домашната економија преку зголемување на кредитната активност и ублажување на ефектите од негативниот шок врз домашната економија.
На седницата се одлучи да се направат и дополнителни промени преку кои од централнатата банка ќе им се овозможи на банките поголем пристап до ликвидност доколку во следниот период се појави таква потреба, што индиректно отвора и дополнителен простор за зголемена кредитна поддршка на економијата. Поконкретно, со овие промени се прошири опфатот на хартиите од вредност, кои Народната банка може да ги прифати од домашните банки како инструменти за обезбедување денарска ликвидност во банкарскиот систем. Така, при спроведување на монетарните операции за откуп на хартии од вредност на привремена или дефинитивна основа, Народната банка ќе може да ги прифаќа и домашните државни обврзници со најдолга рочност (15 и 30 години), како и еврообврзниците издадени од страна на државата на меѓународните финансиски пазари, кои се во сопственост на домашните деловни банки.
Комитетот ги разгледа најновите остварувања во домашната економија во контекст на новите априлски макроекономски проекции, при што заклучи дека и покрај веќе видливите негативни ефекти врз економијата поврзани со шокот од Ковид-19, економските фундаменти и натаму остануваат здрави. Отсуството на нерамнотежи е видливо преку ниската инфлација и стабилните движења на девизниот пазар во последниот период.
Во однос на најновите макроекономски показатели, по релативно солидниот раст на економијата во 2019 година, досега расположливите високофреквентни показатели за економската активност во првото тримесечје на оваа година упатуваат на продолжување на растот, но со забавено темпо. Имено, и покрај поволните движења во првите два месеца од годината, првите ефекти од корона-кризата се забележуваат во март, а се видливи преку падот на активноста во индустријата и трговијата. Во градежништвото и во текот на вториот месец од годината е регистриран висок раст на активноста.
Просечната годишна стапка на инфлација остварена во првите четири месеци од годината изнесува 0,4 отсто при очекувања за стапка на инфлацијата од речиси 0 отсто за оваа година и урамнотежени ризици во врска со проекцијата.
Нивото на девизните резерви и натаму се одржува во сигурната зона со остварувања во согласност со очекувањата. Во однос на расположливите информации за надворешниот сектор, податоците за надворешнотрговската размена заклучно со март оваа година упатуваат на проширување на трговскиот дефицит на годишна основа во првиот квартал – движења што се вградени во објавените најнови проекции на Народната банка. Податоците за менувачкиот пазар заклучно со втората декада на април укажуваат на остварени нето-приливи од приватните трансфери, кои засега се малку пониски од очекуваните за вториот квартал од оваа година иако периодот за поконкретна оцена е многу кус.
Во однос на движењата кај вкупните депозити и вкупните кредити, првичните податоци за април покажуваат нивен натамошен раст на годишна основа иако со поумерена динамика во согласност со со очекуваната патека во рамките на проекциите.
Показателите за домашните финансиски пазари посочуваат на постепено стабилизирање на движењата на девизниот пазар при забележано нормализирање на очекувањата на физичките лица. Имено, од крајот на април наваму се забележува постојано намалување на побарувачката на девизи од физичките лица, која постепено се враќа кон вообичаеното ниво пред почнување на корона-кризата. Во такви околности Народната банка во втората половина на април повремено интервенира на девизниот пазар со продажба на вкупно 28 милиони евра. Од почетокот на мај централната банка нема интервенирано на девизниот пазар.
Во однос на надворешното окружување, мерките со привремено запирање на активноста во одредени економски дејности кај земјите во светот резултираа со значителен пад на економската активност на глобално ниво, видлив преку показателите за БДП за првото тримесечје од годината, и други високофреквентни показатели. Во такви околности, во април, носителите на монетарните и фискалните политики на развиените земји и на земјите во развој продолжија да обезбедуваат соодветна поддршка за домашните економии. Ваквите случувања влијаеја за стабилизирање на очекувањата на инвеститорите на меѓународните финансиски пазари и соодветно за намалена променливост на цените на финансиските инструменти.
Општо земено, на седницата на Комитетот беше заклучено дека надворешните и домашните ризици за економијата и натаму се присутни. Во актуелните околности, при стабилизирање на показателите кои се релевантни за монетарната политика, постои простор за натамошно монетарно релаксирање во функција на поддршка на економијата. Народната банка и во следниот период внимателно ќе ги следи трендовите и потенцијалните ризици заради соодветна реакција преку приспособување на политиките и преземање други дополнителни мерки доколку тоа е потребно.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

