Економија
Народната банка со поддршка за вклучување на финансиската едукација во образовниот процес
Финансиската едукација овозможува подобро разбирање на финансиските производи, концепти и ризици, како и развој на способностите за носење издржани финансиски одлуки, што придонесува за поголема општествена благосостојба. Затоа, финансиската едукација е еден од стратегиските приоритети на Народната банка, при што посебно внимание ѝ се посветува на едукацијата на младите, кои се носечки столб на иднината на општеството. Ова беше посочено од страна на гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска на средбата со претседателот на Сојузот на средношколците, Берин Мухамед.
„Последниве години Народната банка вложува зголемени напори за зајакнување на финансиската едукација и инклузија, во согласност со првата национална стратегија во овој домен, донесена од страна на финансиските регулатори, предводени од Народната банка. Меѓу другото, активностите на Народната банка ги имаат предвид и резултатите од Анкетата на Народната банка, која покажа дека околу половина од младите сметаат дека располагаат со делумно знаење за управувањето со парите. Најголемиот дел од нив учат за управувањето со парите од своите семејства, а во однос на начинот на едукација, сметаат дека најдобро можат да се стекнат со финансиски знаења преку класични предавања, во комбинација со едукативни материјали на интернет и видеоматеријали“, велат од Народна банка.
На средбата, претставниците на Сојузот го истакнаа финансиското образование како еден од приоритетите на средношколците, нагласувајќи ја потребата од воведување на финансиското образование во формалниот образовен процес. На средбата, претставниците на Сојузот на средношколци ја презентираа и својата публикација „Изучување на граѓанското и финансиското образование, медиумска писменост и дебатата во средните училишта како предуслов за градење активни граѓани“, каде што се прави осврт на клучните полиња во кои младите имаат потреба за продлабочување на формалното образование, заради нивна поголема вклучевност и активност. Изучувањето на финансиската едукација во образовниот процес е заложба и на Народната банка, којашто би се остварила преку воведување посебен предмет или посеопфатно вклучување на одделни сегменти во постојните предмети (иако и сега е делумно застапено во основното и средното образование). Ова е предвидено како посебна активност во Стратегијата за финансиска едукација и финансиска инклузија, за што се остварува постојана соработка со Бирото за развој на образованието при Министерството за образование и наука.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

