Економија
Народната банка ја додели Годишната награда за 2019 година
Народната банка ја додели Годишната награда за млади истражувачи за најдобар труд од областа на макроекономијата и банкарството за 2019 година. Нејзин добитник е Тереза Кочовска, наградена со прва награда за трудот „Меѓусебното дејство на условната (најниско прифатливата) плата и траењето на невработеноста: Емпириски докази од Македонија“.
Денес во Народната банка се одржа свечена средба со Кочовска, на којашто гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска ѝ ја врачи наградата. Притоа таа изрази задоволство што на конкурсот за оваа година пристигнаа најголем број трудови, во споредба со изминатите неколку години.
„Но кога е во прашање науката, мораме да имаме предвид дека не е важен само квантитетот, туку пред сè квалитетот на трудовите. Ме радува што според заклучокот на Одборот за стручно оценување на пристигнатите трудови, тие се одликуваат со солиден квалитет. Тоа е уште една потврда дека во нашата средина има не мал број млади кадри коишто поседуваат знаења и способности со коишто во времето што е пред нас може и треба да бидат двигатели на научната мисла во сферата на економија. Млади истражувачи коишто треба да ги поддржиме во нивните потфати, за својот потенцијал да го вложат во унапредување на нашата наука. Народната банка катадневно се обидува преку различни форми да им даде што поголема поддршка. Годишната награда е само една од тие форми, преку кои настојуваме да дадеме придонес не само во поттикнувањето на истражувачката активност, туку и за подигнување на квалитетот на макроекономските истражувања во земјава“, истакна Ангеловска-Бежоска.
На средбата членовите на Одборот за стручно оценување на пристигнатите трудови меѓу другото нагласија дека трудот на Тереза Кочовска се одликува со конзистентност, релевантност и актуелност, како и дека е оценет со највисока просечна оценка и од сите нив одделно. Истовремено, тие потсетија дека оценувањето на трудовите беше спроведено анонимно, без сознание кои се нивните автори, со придржување до однапред утврдените критериуми со кои се гарантира сеопфатен и темелен пристап при анализирањето на секој пристигнат труд.
Со цел стимулирање на развојот на научната мисла во земјава, како и заради афирмација на младите стручни кадри, Народната банка ја доделува Годишната награда веќе тринаесет години, во рамки на чествувањето на годишната од монетарното осамостојување на земјава. Конкурсот за годинешната награда беше објавен кон средината на минатата, а трудовите се доставуваа до 1 февруари оваа година. Право на учество имаа авторите од земјава на возраст до триесет и пет години, при што секој автор можеше да конкурира само со еден труд што задолжително требаше да содржи и осврт кон македонската економија на соодветната тема.
Наградениот труд „Меѓусебното дејство на условната (најниско прифатливата) плата и траењето на невработеноста: Емпириски докази од Македонија“ ќе биде презентиран и на сесија на Клубот на истражувачите на Народната банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Биткоинот поскапе на 61.710 евра, инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст
Биткоинот поскапе за 0,53 отсто на 61.710,57 евра денеска во 15:30 часот на најголемата светска берза за криптовалути Binance.
Вкупниот обем на тргување со биткоин во последните 24 часа изнесува 21,42 милијарди евра, што е значително повеќе од вчера.
Инвеститорите се претежно оптимисти за понатамошниот раст на Биткоин.
Економија
Нови цени на дизелот и бензините од полноќ
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,27 % во однос на одлуката од 16.5.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,601 %, кај дизелот 0,751 %, кај екстра-лесното масло 1,310 % и кај „мазутот“ намалувањето е 2,450 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,368 %.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се намалува 1,50 денар/л.
Малопродажните цени на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,306 денари/кг и сега ќе изнесува 42,629 денара/кг.
„Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00.01 часот на 21.5.2024 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт може да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени“, велат од РКЕ.
Економија
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар, објави Регулаторната комисија за енергетика
РЕС е најголем снабдувач со струја на слободниот пазар и најголем дел од стопанството добива електрична енергија од РЕС, објави Регулаторната комисија за енергетика.
РЕС (Renewable Energy Supply) сам држи речиси една третина од пазарот, а другиот дел го делат други 20 снабдувачи.
Во 2023 година РЕС продал 609.771 MWh електрична енергија или 28,84 % од вкупната енергија на слободниот пазар, а во снабдувањето на големите субјекти држи дури 34 % од пазарот.
Освен на големите потрошувачи, РЕС им дава исклучително поволни и поевтини понуди за снабдување и на малите потрошувачи и нивниот број во балансната група на РЕС постојано расте, особено од почетокот на 2024 година.
Компанијата во моментот бележи уште повисоки резултати и снабдува над 900 клиенти, со предвидена годишна количина од речиси 700.000 MWh електрична енергија.
РЕС е формиран 2022, а годинава се најде на листата на топ-100 компании со најголема добивка во 2023 година.
ПР