Економија
Најпознатите картички за лојалност во Македонија се happy картичките на НЕПТУН!
Компанијата Нептун на своите потрошувачи долги години им овозможува поволности при купувањето. Па, освен добропознатите happy картички, како новина ги воведе Digital happy картичктa и haPPy MasterCard кредитната картичка, кои значат дополнителни попусти и поврат на пари на сметката на потрошувачите, како и можност за плаќање на рати.
Филип Копановски, раководител на одделот за лојалност, финансирање и услуги во Нептун Македонија вели дека Нептун haPPy картичката за лојалност овозможува низа предности и бенефиции за сите нивни членови. Крајната цел им се задоволни купувачи и врвно купувачко искуство.

„ Како предности би ги издвоил: купување по haPPy цени, вредносните ваучери, достава, промоции, поддршка, монтажа, но и пристап до финансиски производи во соработка со деловните банки. Во нашата лојалната програма се предвидени и понапредни нивоа на членство кои значат уште поголеми поволности и бенефиции за клиентите. Детални информации за поволностите и условите може да најдете на следниот линк: https://www.neptun.mk/happyinfo.nspx.“
Нептун haPPy лојалната картичка годинава слави јубилеј, 6 години од нејзиното воведување на пазарот. Во овој период, компанијата издала преку 300 илјади картички.
„ Ни претставува исклучително големо задоволство што Нептун haPPy лојалната картичка беше доста брзо препознаена и прифатена од нашите членови. Во овие 6 години, со постојан и стабилен раст успеавме да издадеме 300.000 картички за лојалност, број што ги надмина сите наши проекции и очекувања, и во исто време претставува обврска и одговорност да обезбедиме врвно купувачко искуство и задоволни клиенти. Попустот при пазарењето со оваа картичка е само еден дел од целокупното купувачко искуство, а зависи од карактеристиките и условите на промотивните акции“, додава Копановски.
Дигитализацијата на компанијата, пак, доведе до потреба да се создаде Digital happy card, која им помага на купувачите да ги имаат истите бенефити при онлајн шопингот како кога купуваат во салоните на Нептун.

„ Нептун е современа компанија што ги следи светските трендови. Дигитализацијата е еден од клучните процеси што се одвиваат не само кај нас, туку и во ‘Балфин Групацијата’ од која сме дел. Наш приоритет се секогаш купувачите и нивното купувачко искуство да биде на највисоко ниво. Новото време налага клиентите да добијат подеднакво врвно купувачко искуство и онлајн на нашата веб страница, но и преку мобилната апликација. Затоа беше потребно happy картичката да се трансформира за членовите да ги имаат истите бенефиции и кога пазарат онлајн. Тоа значи дека сите што веќе имаат happy картичка може да ја дигитализираат, односно да креираат акаунт на нашата веб страница или мобилна апликација. Оние што немаат happy картичка може лесно да купат онлајн и веднаш да станат дел од нашата лојална програма. Дигиталната happy картичка се впишува во акаунтот на купувачот и со неа може да се купува онлајн, но и во продавниците така што ќе ја прикажат на каса преку смартфон. Дополнителен бенефит е тоа што дигиталната happy картичка може да се набави онлајн на попуст од 50%“, вели Никола Митревски, маркетинг координатор.
Новина во Нептун е и Happy mastercard кредитната картичка. Димитар Стојковски, менаџер за односи со клиенти во Неп лојалити вели дека ова е ко-брендиран производ помеѓу Нептун и НЛБ Банка. Таа е поддржана од соодветна програма за лојалност со која управува компанијата Неп Лојалити.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска: Соларната енергија е еден од клучните столбови на македонската енергетска транзиција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска денеска се обрати на настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, организиран од Агенцијата за иновации и научно-технолошки развој и претприемништво – ИНОВА, по повод 26 јануари – Меѓународниот ден на чистата енергија.
Во своето обраќање, Божиновска истакна дека одбележувањето на Меѓународниот ден на чистата енергија претставува силен потсетник за заедничката одговорност, но и за стратешката можност што ја има државата во процесот на енергетската транзиција кон одржлив, сигурен и модерен енергетски систем.
„Соларната енергија денес е еден од најважните столбови на националната енергетска транзиција. Македонија има сериозен сончев потенцијал и наша јасна стратешка определба е тој потенцијал да го искористиме максимално – преку стабилна регулаторна рамка, поддршка на инвестициите и активна улога на државата“, нагласи Божиновска.
Таа посочи дека изминатата година е забележан значителен раст на фотоволтаичните капацитети, како резултат на зголемениот интерес и од инвеститорите и од граѓаните, што ја потврдува довербата во соларната енергија како исплатливо и одржливо решение. Министерката нагласи дека Министерството не е само регулатор, туку активен двигател на процесите, со фокус на државни инвестиции во соларни капацитети, системи за складирање на енергија и стратешко планирање на декарбонизацијата.
Во обраќањето беше истакната и важноста на партнерството со приватниот сектор, академската заедница и граѓаните, како неопходен предуслов за успешна и праведна енергетска транзиција.
„Енергетската транзиција не е проект на една институција. Таа е заеднички процес кој бара соработка, знаење и визија. Само така можеме да изградиме модерен, сигурен и одржлив енергетски систем кој ќе обезбеди подобар квалитет на живот и почиста животна средина“, порача Божиновска.
Настанот „Соларен ден – чиста енергија во пракса“, кој се одржа во Europe House, вклучи едукативна сесија и панел-дискусија за можностите и предизвиците на соларната енергија во Македонија, со учество на претставници од институции, академската заедница и компании од енергетскиот сектор.
Економија
Потпишан Протокол за правила за потекло со Обединетото Кралство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон, денеска го потпишаа Протоколот за правила за потекло, кој претставува интегрален дел од Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Протоколот за правила за потекло овозможува практична и правна примена на проширената кумулација со материјали со потекло од Европската унија, земјите на ЕФТА, како и од другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, со кои двете држави применуваат преференцијална трговија.
„Проширената кумулација на потекло на стоките директно ќе придонесе за унапредување на можностите на македонските извозници за користење преференцијален третман при утврдување на потеклото на стоката во трговијата со Обединетото Кралство. Ова е особено значајно за секторите со сложени производни ланци и висок удел на материјали од Европската унија и другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, како и во контекст на усогласувањето со новите трговски односи на Обединетото Кралство по излегувањето од Европската унија.
Со потпишувањето на овој Протокол се создаваат услови за зголемен извоз, отворање нови работни места, зајакнување на економијата и поголема економска сигурност за граѓаните, преку подобро позиционирање на македонската економија на еден од најзначајните европски пазари“, соопштија од Министерството.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.

