Економија
НБРМ: Растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот
Комитетот за оперативна монетарна политика на Народната банка на Република Македонија вчера одржа седница на која беа разгледани состојбите во домашната економија, движењата на меѓународните и домашните финансиски пазари и показателите за домашната економија во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Комитетот оцени дека монетарната поставеност е соодветна на постојните економски и финансиски услови, при што одлучи да ја задржи каматната стапка на благајничките записи на нивото од 2,75 отсто. На седницата исто така се одлучи понудата на благајнички записи за аукцијата што ќе се одржи на 10 октомври 2018 година да се задржи на нивото од 25.000 милиони денари. Општо земено и на оваа седница, Комитетот ги задржа досегашните согледувања за здрави економски основи и стабилни очекувања на економските субјекти видливи преку поволните движења на девизниот пазар и растот на депозитната основа на банките. Ризиците за економијата од домашното, но и од надворешното опкружување, и понатаму се присутни.
Споредбата на последните макроекономски показатели за домашната економија со нивната проектирана динамика од априлскиот циклус проекции упатува на одредени отстапувања во одделни сегменти од економијата. Во согласност со објавените проценети податоци растот на БДП за првата половина од годината е послаб од очекуваниот главно поради привременото запирање на дел од поголемите проекти во рамките на јавните инфраструктурни инвестиции. За третиот квартал, при ограничен обем расположливи податоци, засега не може да се даде попрецизна оцена за состојбата во економијата, но, сепак, најголемиот дел од високофреквентните податоци упатува на продолжување на поволните движења во економијата и во овој квартал од годината.
Во однос на инфлациските движења, во периодот јануари-септември, просечната годишна стапка на раст на потрошувачките цени изнесува 1,5 отсто, што претставува надолно отстапување во однос на априлската проекција. Во услови на послаби остварувања, но и нагорна ревизија на надворешните влезни претпоставки кај проекцијата на инфлацијата, се оценува дека ризиците за проектираната стапка на инфлација за 2018 година се урамнотежени.
Последните податоци за девизните резерви покажуваат раст во однос на крајот на претходната година за што во голем дел придонесуваат и интервенциите со нето-откуп на девизи од страна на НБРМ. Растот кај девизните резерви е малку повисок од очекуваниот со априлската проекција, а анализата на показателите за адекватноста на девизните резерви покажува дека тие и понатаму се во сигурната зона. Расположливите показатели од надворешниот сектор за третиот квартал од годината засега се ограничени. Податоците за надворешнотрговската размена за периодот јануари-август укажуваат на малку повисок трговски дефицит во однос на априлската проекција, а расположливите податоци за менувачкиот пазар покажуваат повисок нето-откуп. Во однос на остварувањата во вкупниот биланс на плаќања, податоците за првата половина од годината упатуваат на подобри остварувања и кај тековните и кај финансиските трансакции во однос на априлската проекција.
Првичните монетарни податоци за септември 2018 година покажуваат натамошен раст на кредитите при забележано месечно намалување на депозитната база. Имено, во септември депозитите забележаа мал пад, што произлезе од намалувањето на корпоративните депозити, а штедењето на домаќинствата и натаму се зголемува. На кредитниот пазар во септември се забележуваат позитивни поместувања кај корпоративното кредитирање, ко по намалувањето во претходните два месеца, во септември бележи раст и има најголем придонес кон растот на вкупните кредити. Воедно, продолжи и трендот на зголемување на кредитната поддршка на населението. Депозитните и кредитните текови во текот на третиот квартал се повисоки од очекуваните за овој период, при што и нивото на депозитите и на кредитите во септември го надминува проектираното.
Во периодот помеѓу двете месечни седници на Комитетот денарските ликвидни средства на банките се намалија под влијание на трансакциите на државата, што делумно беше надоместено со сезонски пониската побарувачка за денарска готовина.
На девизниот пазар Народната банка, и во текот на септември и првите денови од октомври, интервенира со откуп на вишокот девизи придонесувајќи за умерено зголемување на денарската ликвидност на банките. Од почетокот на годината досега вкупниот откуп на девизи од страна на Народната банка изнесува речиси 250 милиони евра. Интервенциите ги одразуваат поволните поместувања на девизниот пазар во трансакциите на банките со корпоративниот сектор, но и поголемиот нето-откуп на менувачкиот пазар, а при истовремено солидна девизна ликвидност на банкарскиот систем.
Високата денарска ликвидносна позиција кај најголем дел од банките и во септември придонесе за намален обем на тргување на пазарите на пари, а банките го пласираа поголемиот дел од вишокот денарски средства во расположливи депозити преку ноќ кај Народната банка.
Во септември беше забележано зголемување на приносите на државните обврзници од двете страни на Атлантикот под влијание на постепеното враќање на склоноста кон преземање ризик и потврдата за постепено намалување на монетарниот поттик во еврозоната. Имено, на последниот состанок на ЕЦБ беше потврдено дека, почнувајќи од октомври, ќе се намалува месечниот откуп на хартии од вредност во рамките на програмата за квантитативно олеснување, а претседателот Драги посочи на очекувања за натамошно приближување на инфлацијата кон целната инфлација, што создава простор за почеток на нормализирање на политиката во текот на наредната година. Централната банка на, ФЕД, продолжи со почнатата нормализација на монетарната политика, така што третпат во 2018 година го зголеми целното ниво за распонот на каматните стапки за 25 базични поени на нивото од 2 до 2,25 отсто. И покрај ваквата стабилизација, во текот на месецот на пазарите се појавуваше одредена неизвесност и зголемен интерес на пазарните учесници за инвестиции во сигурни финансиски инструменти. Оваа неизвесност беше реакција на ризиците за фискалната позиција на Италија. Натамошното заострување на трговските тензии помеѓу САД и Кина, по стапувањето во сила на дополнителните царини воведени од страна на САД за увоз на кинески производи во вредност од 200 милијарди долари, предизвика дополнителна пазарна неизвесност.
Општо гледано, на седницата беше заклучено дека од намалувањето на каматната стапка во август, па досега, не се забележани поголеми промени во трендовите кај показателите клучни за монетарната политика. Последните макроекономски показатели и оцени кај одредени сегменти упатуваат на извесни отстапувања во однос на проектираната динамика, кои засега не предизвикуваат поголеми промени во согледувањата за амбиентот во кој се спроведува монетарната политика. На седницата беше констатирано дека и натаму постојат ризици и од домашното и од надворешното окружување, при што Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи сите економски и пазарни показатели во контекст на поставеноста на монетарната политика.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.
Економија
Директорката на УЈП не призна грешка во испратените решенија за данок од работа во странство, но повика секој што има доказ дека е платен, да го достави
Решенија за оданочување на доход од странство за 2020 година Управата за јавни приходи (УЈП) законски морала да ги испрати заклучно со 31 декември, е објаснувањето на директорката Елена Петрова за пристигнатите решенија кај граѓаните на само неколку дена пред Нова година во кои им бараат да си платат данок за доходот од странство иако многумина кажуваат дека данокот е платен во странската земја со која имаме меѓународен договор за избегнување на двојно оданочување. Директорката Петрова денес долго објаснуваше за решенијата за данок на доход од странство, но во ниту еден момент не кажа дека има решенија кои се испратени по грешка оти данокот бил платен во странската земја. Таа објаснуваше дека целата активност е обемна, вклучува вкрстување неколку бази и податоци, дека работеле по доставени известувања од банките и за секој поединечно проверувале дали доходот подлежи или не подлежи на оданочување кај нас.
Оние кои пред Нова година постапиле по решението и вторпат уплатиле данок оти такви насоки добиле и од вработените во УЈП кога се пожалиле, директорката Петрова рече дека ќе ги добијат средствата назад или пак ќе им бидат пресметани за некоја од следните години. И нив и оние кои се уште не постапиле по решенијата ги повика да достават докази во канцелариите на УЈП доколку данокот е платен во странската земја.
„Секако дека ќе бидат земени предвид сите докази. Ќе се утврди, зависно од меѓународниот договор доколку со земјата имаме склучено меѓународен договор, каде треба да се плати данокот, а каде треба да се изврши поврат или доколку е возможно платениот данок во странство да се прифати како даночен кредит па на уплатата што е извршена овде може да се изврши враќање или да се прифати за друг долг за следна година на соодветното лице“, реле директорката Петрова и објасни дека секој случај ќе се разгледува поединечно и даночниот обврзник ќе биде дополнително известен дали доставениот доказ се прифаќа или не.
Директорката Петрова не кажа конкретно колкав период имаат граѓаните за да достават докази за платен данок на доход од странство но јавно ги повика да го сторат тоа.
„Имајќи предвид дека граѓаните мора да се вратат и да обезбедат докази за пет години наназад, за работа што се случила пред пет години, а доказите ги обезбедуваат од странски земји ние ќе им овозможиме на граѓаните и дополнително да достават докази, еве во овој период повикани се граѓаните, јавно ги повикувам и сега сите што имаат и што може да обезбедат докази да ги достават до сите даночни канцеларии на УЈП. Ние ќе ги разгледаме тие докази и што може, ќе биде прифатено. Доставените решенија мораше да бидат донесени до 31 декември, тоа се аконтативни решенија и после врз основа на тие решенија и врз основа на, се разбира дополнително доставените докази, ние треба да преминеме кон коригирање на годишната даночна пријава за 2020 година, односно на конечниот данок за 2020 година. После тоа ќе следат оние постапки за наплата, значи се уште имаме период во кој граѓаните доколку имаат докази можат да ги достават“, објасни директорката Петрова.
За данокот на доход остварен во странство, директорката Петрова кажа дека УЈП испратило над 11.000 персонализирани известувања со секој граѓанин што се појавил во податоците. Утврдиле дека 6.600 граѓани од нив подлежат на оданочување. 2.200 граѓани сами поднеле пресметка за оданочување, а за 4.400 Управата донела решенија по службена должност.
Вкупно утврдениот данок изнесува 186 милиони денари или три милиони евра за 2020 година.
Директорката Петрова нагласи дека главна цел не е само да се соберат пари туку да се создаде даночна дисциплина.
„Јас апелирам граѓаните да си ги обезбедат во овој период што им е даден и доказите за другите години бидејќи ние ќе го утврдуваме данокот и за следните периоди од 2021 до 2025 година и редовно да си ги пријавуваат отсега натаму доходите остварени во странство. Нашата цел не е само тој данок да се утврди и плати туку и отсега понатаму да се воспостави ред и функционирање на системот“, рече директорката Петрова.
Доходот се пријавува по истекот на месецот до 10. во следниот месец освен доходите од плата и пензија кои што се пријавуваат до 31 март по истекот на годината
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,94% во однос на одлуката од 29.12.2025 година.
Од 06.01.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 70,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 72,00 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 64,50 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 64,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 32,801 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95, ЕУРОСУПЕР БС-98 и ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) се намалуваат за 0,50 ден/лит,.
Малопродажната цена на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менува.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се намалува за 0,848 ден/кг и сега ќе изнесува 32,801 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините за 1,200% кај дизелот за 1,395%, кај екстра лесното масло за 0,463% и кај мазутот намалувањето е за 3,841%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е за околу 0,0031% повисок од курсот на доларот.

