Економија
Николовски: Нема да дозволиме сточарите одгледувачи на овци од својот производ да прават загуба
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, заедно со градоначалникот на општина Велес, Аце Коцевски, посебната советничка за земјоделство, шумарство и водостопанство на претседателот на Владата на РСМ, Ленче Николовска, и сите директори на надлежните институции од секторот земјоделство, денеска, во Велес, одржа работна средба со земјоделците од регионот. На средбата се разговараше за актуелната состојба во земјоделството, проблемите со кои се соочуваат земјоделците, исплатата на субвенциите, како и новите развојни мерки од програмите за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за оваа година. Министерот Николовски потенцира дека МЗШВ и Владата ја следат состојбата со откупот на јагнето.
„Во моментот е сезоната на откуп, но пикот на продажба се очекува да биде по 1 април пред самите празници. Знаеме за откупната цена. Вчера и завчера постојано тимовите од МЗШВ комуницираат и ги следат состојбите. Бевме и сме во комуникација со сите засегнати страни, со здруженијата и со сточарите. Се одржаа низа средби во предходниот период и како ресорно Министерство и како Влада она што можам да го кажам е дека нема да дозволиме сточарите одгледувачи на овци од својот производ да прават загуба и верувам дека сите заеднички ќе донесеме решение“, изјави Николовски.
Притоа Николовски потенцира дека МЗШВ континуирано работи на воспоставување контакти со нови пазари за извоз на јагнешкото и дека веќе течат преговори за добивање квота за извоз на јагнешко месо на турскиот пазар. Во меѓувреме Агенцијата за храна и ветеринарство ја завршува процедурата со пописот кај овците и козите, кој треба да заврши до 30.6.2019 година, кој е важен за попрецизно дефинирање на политиките за секторот овчарство и распределба на субвенциите.
На средбата беа презенитирани мерките од годинешните програми, особено оние што се важни за земјоделците од Велешкиот Регион, како што е новата мерка за малите земјоделски стопанства, земјоделски стопанства под 1 хектар, зголемените субвенции за набавка на приплоден добиток од 14 на 91 милион денари, повисоките субвенции за производителите на јаболка, за производителите на сончоглед и друго. Во Програмата за рурален развој оваа година се зголемува сумата за мерката инвестиции за маркетинг на земјоделски производи од 300 илјади евра на речиси 4 милиони евра, со што ќе се овозможи предфинансирање на инвестициски проекти во висина од 100 отсто од износот на предлог-проектите, што е важно за инвестиции во преработувачката индустрија. Николовски посочи дека кон средната на годината 55.000 земјоделци ќе ги добијат зелените картички за да ја користат новата мерка за субвенција по принципот на кофинансирање за набавка на гориво за земјоделската механизација. Директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството, Николчо Бабовски, ја истакна важноста од навремена исплата на субвенциите пред почетокот на новата производствена сезона.
„Субвенциите се исплаќаат без селекција, во еден ден. Од почетокот на мандатот до денес за субвенции исплативме 248 милиони евра, од кои дел од средствата е и за стари долгови за 2012, 2013, 2014, 2015, 2016 година, вклучително и тековните години“, изјави Бабовски.
Инаку, пред почетокот на новата производствена сезона исплатени им се субвенциите за житни култури во износ од 5,5 милиони евра на 26.300 земјоделци, 16 милиони евра се исплатија за субвенции за одгледувачите на обележани кози, овци, говеда и несилки, речиси 4,4 милиони евра за основната субвенција за површина за градинарски култури на 11.428 земјоделци, 9 милиони евра за лозарите, 5,5 милиони евра субвенции за одржување овошни насади на 9.146 овоштари. Или вкупно од почетокот на годинава до сега исплатени се 40,5 милиони евра за субвенции. Денешната средба е дел од серијата средби со земјоделците во сите региони во државата, кои ќе продолжат и во следниот период.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Потпишан Протокол за правила за потекло со Обединетото Кралство
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, и амбасадорот на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Метју Лосон, денеска го потпишаа Протоколот за правила за потекло, кој претставува интегрален дел од Спогодбата за партнерство, трговија и соработка меѓу Република Северна Македонија и Обединетото Кралство.
Протоколот за правила за потекло овозможува практична и правна примена на проширената кумулација со материјали со потекло од Европската унија, земјите на ЕФТА, како и од другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, со кои двете држави применуваат преференцијална трговија.
„Проширената кумулација на потекло на стоките директно ќе придонесе за унапредување на можностите на македонските извозници за користење преференцијален третман при утврдување на потеклото на стоката во трговијата со Обединетото Кралство. Ова е особено значајно за секторите со сложени производни ланци и висок удел на материјали од Европската унија и другите земји опфатени со ПЕМ-конвенцијата, како и во контекст на усогласувањето со новите трговски односи на Обединетото Кралство по излегувањето од Европската унија.
Со потпишувањето на овој Протокол се создаваат услови за зголемен извоз, отворање нови работни места, зајакнување на економијата и поголема економска сигурност за граѓаните, преку подобро позиционирање на македонската економија на еден од најзначајните европски пазари“, соопштија од Министерството.
Економија
Мицкоски: Без одржлива струја нема развој на вештачката интелигенција – градиме гасни интерконектори со две соседни држави
Македонија ги зајакнува преносните линии за електрична енергија и за гас, во однос на вештачката интелигенција. Се гради еден гасен интерконектор со Грција, а почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе нашата држава Србија, објасни премиерот Христијан Мицкоски на прашања поставени на панелот во Давос кои се однесуваа на вештачката интелигенција и потребните центри за гасови, како и тоа што прави Македонија да привлече странски директни инвестиции наспроти Хрватска и Словенија.
„Во однос на вештачката интелигенција ние ги зајакнуваме нашите преносни линии за електрична енергија но не само за електрична енергија, исто така ги зајакнуваме нашите преносни линии со преносните линии за гас. За центрите за податоци, ви е потребно одржливо би рекол, снабдување со електрична енергија. Значи некој мора да произведе одржливо и сигурно снабдување со електрична енергија за центрите за податоци, за да имаат добри, би рекол одлични перформанси на вештачката интелигенција. Во тој поглед градиме еден гасен интерконектор со Грција, а сега почнуваме да градиме гасен конектор што ќе ја поврзе мојата земја со Србија.
Што значи ова? Ќе го зголемуваме капацитетот на гас до осум милијарди кубни метри годишно. Досега трошиме половина милијарди кубни метри годишно, што значи дека илјадници и илјадници мегавати инсталиран капацитет електрани на гас да снабдуваат нови центри за податоци со електрична енергија. Ова е еден столб на еден пример и целиот институционален ризик го прифаќаме како Влада. Ова е нешто што можеме да им го обезбедиме на инвеститорите како поттик“, рече Мицкоски во Давос.
Во моментов се развиваат три важни проекти за производство на електрична енергија од хидроцентралите во вредност од 2 милијарди евра. Овие проекти, информираше премиерот, не се важни само за Македонија туку и за регионот.
„Сега развиваме три големи проект во однос на производство на електрична енергија од хидроцентрали. Зборуваме за проекти од 2 милијарди евра. Тие проекти се многу важни за нас, не само за производство на електрична енергија, туку тие три проекти се и стратешки важни за нас. Но не само за нас, туку и за регионот во целост.
Зборуваме за три големи брани кои ќе создадат три големи резервоари со многу чиста вода за пиење. Имајќи ги предвид климатските промени, мислам дека регионот ќе има потреба од тие резерви со вода за пиење, со чиста вода за пиење. И двата проекта се дел од каскада што се потпира на една голема река, наречена Црна Река. Низводно од таа каскада имаме најдоброто земјоделско земјиште во Европа, а тој регионот е познат како Тиквешки регион.
Практично сме фокусирани на енергијата, а во исто време имаме и други приоритети. Но веројатно сакате повеќе да зборувате за вештачката интелигенција. Исто сакате да се зборувате за електричната енергија и сите оние проекти кои се поврзани некако со тие две многу важни прашања, не само во мојата земја туку и овде во Давос. Многу пати слушаме од политичарите како зборуваат за вештачката интелигенција. Се прашувам дали сите тие можат да ја разберат суштината на вештачката интелигенција или ја користат вештачката интелигенција како популарен збор, како два популарни збора. Го завршив мојот докторат пред 16,17 години и користев алгоритам на фази логика за контрола на манипулативни роботи. Значи, практично тоа беше почетокот на вештачката интелигенција“, подвлече премиерот на панел дискусијата во Давос.
Економија
Дурмиши на средба со Тигањ: Извозот на Македонија кон Хрватска во последните години значително зголемен
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, оствари работна средба со амбасадорката на Република Хрватска во Република Северна Македонија, Нивес Тигањ, на која беа разгледани состојбите и перспективите за унапредување на билатералната економска соработка меѓу двете пријателски земји.
На средбата беше констатирано дека одличните политички односи и традиционално добрите билатерални врски создаваат силна основа за натамошно интензивирање на економската и бизнис соработката, особено во контекст на европската интеграција и регионалната поврзаност.
Дурмиши ја истакна позитивната динамика во надворешно-трговската размена, при што вкупната трговија меѓу двете земји бележи континуиран раст, а извозот на Република Северна Македонија кон Хрватска во последните години значително се зголемува. Двајцата соговорници се согласија дека постои дополнителен потенцијал за продлабочување на соработката во клучни сектори како што се прехранбената индустрија, енергетиката, фармацијата, градежништвото, индустриското производство и туризмот.

