Економија
НЛБ Банка Скопје по шести пат прогласена за Најдобра банка во Македонија
На годинешните 14-ти „Европски банкарски награди“ (Europe Banking Awards), што ги доделува реномираниот магазин EMEA Finance, НЛБ Банка Скопје ја доби наградата „Најдобра банка во Македонија за 2021 година“.
Ова е шеста година по ред во која НЛБ Банка, од страна на магазинот ЕМЕА Finance, е прогласена за најдобра банка во земјата. Главните критериуми според кои се доделува оваа престижна наградата се: остварените финансиски резултати на банката, нејзината посветеност кон клиентите, воведувањето на иновации во работењето, особено во делот на дигитализацијата, поддршката што ја обезбедува за постигнување на одржлив развој и транзиција кон „зелена економија“, како и реализацијата на општествено одговорните проекти значајни за пошироката заедница.
„Среќни сме и особено горди што нашата Банка, шеста година по ред, ја добива наградата за најдобра банка. Тоа е големо признание и верификација на нашите континуирани напори за постигнување одлични резултати во сите сегменти од нашето работење и покрај отежнатите економски текови и пазарни услови присутни во текот на цела 2021 година. Следејќи ги потребите на нашите клиенти и современите трендови во банкарството и во текот на 2021-ва продолживме да вложуваме во развојот на нашите производи и севкупниот квалитет на услугите, ставајќи посебен акцент на дигитализацијата, како и на обезбедување кредитна поддршка на проекти кои придонесуваат за севкупниот економски развој на земјата и истовремено ја штитат животната средина. Со голем ентузијазам и посветеност продолживме да реализираме и бројни општествено одговорни проекти, за кои ја добивме и националната награда за најдобра општествено одговорна практика за 2021 година. Како и претходните, така и најновата награда за најдобра банка во земјата, ни дава дополнителен ‘ветер во грб’ и мотив да продолжиме да вложуваме во развојот на нашата Банка, посветени на грижата за нашите клиенти, на проширување на понудата со иновативни производи и секако многу важно, во придонесот во заедницата во која делуваме“, велат во НЛБ Банка.
ЕМЕА Finance e реномиран магазин кој во финансискиот свет е познат како „независен глас на финансиската заедница, нејзините клиенти и партнери“ во регионите на Централана и Источна Европа, Блискиот Исток и Африка.
Инаку, покрај НЛБ Банка Скопје, и во Словенија NLB e добитник на престижната награда „Најдобра банка за 2021 година“ од ЕМЕА Finance.
(ПР)
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.