Економија
Обука за невработени за отпочнување сопствен бизнис

Триесет невработени лица од Вардарскиот, Полошкиот, Југозападниот и Североисточниот Плански Регион од денес почнаа да посетуваат обука за отпочнување бизнис што ја спроведува Агенцијата за поддршка на претприемништвото со поддршка на проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, финансиран од кралствата Норвешка и Шведска.
Вкупната финансиска поддршка за оваа активност во износ од околу 200.000 евра е обезбедена во рамките на проектната компонента за подобрен пристап до вработување, која е финансирана од Норвешка. Oбуките се наменети за невработени лица од овие четири региони кои имаат идеја за отпочнување сопствен бизнис, но немаат капацитет за изготвување бизнис-план.
„Имавме голема заинтересираност за овие обуки од страна на невработените лица од овие четири региони. Според критериумите за апликација, половина од пријавените се жени, додека една третина се млади со возраст под 29 години. Обуките во следните четири недели ќе се спроведуваат во Кавадарци и Куманово од страна на 11 искусни обучувачи од агенцијата и регионалните центри на Агенцијата, како и од надворешни консултанти. Според нашето досегашно искуство, очекуваме најголем број од посетителите на обуките да изготват одржливи бизнис-планови со кои ќе имаат можност да побараат дополнително финансирање и како краен резултат да регистрираат свој бизнис“, вели Иле Митковски, директор на Агенцијата за поддршка на претприемништвото,.
Покрај обуката за изготвување бизнис-план, преку проектот Нордиска поддршка за напредок на Северна Македонија, лицата со најдобар бизнис-план ќе добијат и дополнителна помош преку набавка на опрема за нивниот бизнис.
Најголем дел од бизнис-идеите на учесниците на обуката се однесуваат на отпочнување сопствено производство во земјоделскиот, прехранбениот и угостителскиот сектор, како и за отворање бизниси за услужни дејности. Се очекува бизнисите да почнат со работа од ноември оваа година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Сѐ повеќе граѓани плаќаат преку телефон и со картички

Според податоците од платежната статистика на Народната банка, и во првите три месеци од 2025 година граѓаните сѐ повеќе користат мобилни апликации и картички за да плаќаат, наместо да одат на шалтер и да користат хартиени налози.
Во споредба со истиот период лани, бројот на плаќањата со платни налози пораснал за 2,7%, а вредноста за дури 17,7%. Особено брзо растат електронските плаќања преку интернет или мобилен телефон коишто се зголемени за речиси 13% по број и за над 30% по вредност.
Најголемиот дел од електронските трансакции (над 70%) се направени преку мобилни апликации, што покажува дека телефонот станува омилен начин за плаќање – брзо, едноставно и достапно.
И употребата на платежните картички и натаму расте. Бројот на плаќањата со картички е зголемен за 1,1%, а вредноста за 8,6%. Овој раст најмногу се должи на зголеменото купување преку интернет (7,1%), но има раст и кај плаќањата во продавниците (0,6%).
Овие бројки од платежната статистика покажуваат дека сѐ повеќе граѓани се префрлаат на дигиталните начини на плаќање.
Економија
Мицкоски: Имаме раст на извозот, градежништвото и туризмот гарантираат раст на БДП и подобар стандард на граѓаните

Во одговор на новинарско прашање, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, истакна дека увозот е многу помал за околу 8% во евра, или за 12-13% во долари, додека пак извозот е во пораст во евра 23%, додека пак во долари е 28%.
„Ако ги споредите првите два месеци април и мај од оваа година, со првите два месеци април и мај од 2024 година, длабоки анализи правиме, ќе видите дека за 80 милиони долари е намален трговскиот дефицит, а тоа е цели 13% и тоа ќе учествува во БДП. Ако на тоа се додаде растот на индустриското производство коешто е во просек за април и мај, првите два месеци од вториот квартал 5,5%, а само во мај 9,4%’’, истакна Мицкоски.
Мицкоски додаде дека растот на туризмот и градежништвото, ќе доведат до зголемување на животниот стандард на граѓаните, но и зголемување на бруто домашниот производ.
„Растот на туризмот повеќе од 20%, инвестициската активност повеќе од 15%, растот и бумот во градежниот сектор, сето тоа нас ни гарантира еден успешен резултат за БДП во вториот квартал којшто очекувам да продолжи и во третиот и четвртиот квартал’’, заклучи Мицкоски.
Економија
Македонската „Green Machines“ ја зацврстува дистрибутивната мрежа во САД

Green Machines на БРАКО, познат по своите иновативни еколошки возила за чистење на јавни површини, бележи сериозен раст на американскиот пазар со мрежа на реномирани дистрибутери низ повеќе од 30 американски сојузни држави.
Најнов партнер е компанијата Mar-co Equipment од регионот на Лос Анџелес, која стана ексклузивен дистрибутер за Јужна Калифорнија.
Моментално, Green Machines има дистрибутери во следниве американски држави:
Owen Equipment – Вашингтон, Орегон, Северна Калифорнија, Невада, Ајдахо, Монтана, Јута, Колорадо, Ново Мексико
Industrial Disposal Supply – Тексас
Mar-co Equipment – Јужна Калифорнија
United Rentals – достапен низ сите држави и територии на САД
Grainger – достапен низ целата територија на САД
Equipment Depot – Луизијана, Мисисипи, Кентаки, Индијана, Охајо, Пенсилванија, Масачусетс, Конектикат, Њу Џерси, Мејн, Вирџинија, Милвоки, Висконсин, Флорида, Орегон, Вашингтон
Van Keppel – Канзас, Арканзас, Илиноис, Висконсин, Ајова
Овој успех претставува уште еден доказ за конкурентноста на македонскиот индустриски производ и неговата технолошка супериорност. Со новите дистрибутерски партнери, Green Machines продолжува да ја шири својата глобална визија за почисти, поеколошки и поефикасни урбани средини.
ПР текст