Економија
Објавени огласи за четири мерки за подобрување на конкурентноста на деловните субјекти
Министерството за економија објави четири јавни повици во рамки на Програмата за конкурентност и иновации и претприемништво за 2020 година наменети за поддршка на домашните компании.
Објавени се јавните повици за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија, за финансиска поддршка на женско претприемништво, за поддршка за развивање, одржување и применување на социјално прифатливи практики и јавниот повик за поддршка за зголемување на конкурентноста на деловните субјекти од преработувачката индустрија.
Предмет на јавниот повик за субвенционирање на микро, мали и средни претпријатија е тие да вработуваат над три лица, односно две лица доколку апликантот e претпријатие во сопственост на жена (над 50%) и управувано од жена, преку субвенционирање на 50% од докажаните трошоци, но не повеќе од 300.000 денари вкупно по апликант, направени за набавка на опрема и алати. За оваа мерка предвидени се средства во вкупен износ од 14.000.000 денари во буџетот на Министерството за економија. Крајниот рок за аплицирање по овој јавен повик е до 31.05.2020 година.
Предмет на јавниот повик за финансиска поддршка за женско претприемништво се субвенции на претпријатија во сопственост на жени (над 50%) и управувани од жени, преку кофинансирање на 50% од докажаните трошоци, но не повеќе од 120.000 денари по апликант направени за набавка на опрема и алати, уредување/подобрување на деловниот простор, воведување софтверски решенија (50% од докажаните трошоци, но не повеќе од 60.000 денари). За оваа мерка во буџетот на Министерството за економија предвидени се средства во вкупен износ од 1.500.000 денари. Крајниот рок за аплицирање по овој јавен повик е до 31.05.2020 година.
Предмет на јавниот повик е надоместување на дел од трошоците на деловните субјекти за развој на деловен субјект, за развој на производ и развој на пазар. За оваа намена во буџетот на Министерството за економија се предвидени 4.500.000 денари. Со оваа мерка се поддржува: изработка на техничка документација за нов производ, односно за подобрување на постојниот производ и/или изработка на индустриски дизајн /редизајн на производ, изработка на студии за истражување на пазарот и/или маркетинг-стратегија и/или активности за развој на бренд, набавка, имплементација, сертификација и обука за стандарди (MKC EN ISO 50001; MKC EN ISO 14001; MKC EN ISO 45001; MKC EN ISO 31000); хармонизирани и други стандарди и стандардизациски документи од областа на преработувачката индустрија, експертска поддршка во развивање/имплементација на проект за оптимизација на производството преку воведување нови бизнис-модели со напредни производни и менаџерски филозофии во насока на унапредување на продуктивноста и квалитетот и намалување на трошоците, развивање и имплементација на проекти за дигитална трансформација на претпријатијата од преработувачка индустрија, кофинансирање на дел од трошоците за соработка меѓу компаниите и универзитетите, експертска анализа и изработка на техничка проектна документација или студија за техничка изводливост, изработка на проектна документација за поставување фотонапонски панели за производство на електрична енергија од обновливи извори на енергија.
Министерството за економија го надоместува делот на трошоците во висина од 75% од докажаните трошоци на барателот, но не повеќе од 300.000 денари поединечно за секој барател.
Предмет на јавниот повик е надоместување на дел од трошоците од страна на Министерството за економија, за развивање, одржување и применување социјално прифатливи практики на деловните субјекти. За оваа намена се предвидени 1.000.000 денари од Буџетот на Министерството за економија.Преку оваа мерка се надоместуваат трошоци за: воведување/стекнување со сертификат/извештај за менаџмент системи за општествена одговорност, во висина од 70% од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 120.000 денари поединечно за секој барател на средствата, стекнување со сертификат за систем за одговорни односи на пазарот, согласно сертификатот Фер со потрошувачот, во висина од 50% од докажаните трошоци на деловните субјекти, но не повеќе од 27.675 денари поединечно за секој барател на средствата. Овие субвенции не се наменети за претпријатија чија основна дејност е примарно земјоделско производство и рибарство, образование, наука и здравство, правни и физички лица кои вршат правни услуги кои се даваат преку јавни служби како што се адвокатура и нотаријат; како и независни професии: извршители, стечајни управници и проценители.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

