Економија
Од денес официјално започнува продажбата на најновите „самсунг галакси С9 и С9+“ во Македонија
По официјалното претставување на новите паметни телефони „самсунг галакси С9 и С9+ (S9+)“ во Македонија, компанијата „Самсунг електроникс“ денес го најави почетокот на продажба на овие уреди. Сите што сакаат да купат од овие неверојатни уреди, ќе може да изберат телефон во следните бои: полноќно црна, корално сина, како и во новата нијанса – пурпурно виолетова. Започнувајќи од денес, „самсунг галакси С9 и С9+“ ќе бидат достапни за корисниците во салоните на продажните партнери на „Самсунг“ – „Македонски телеком“, ВИП, „Сетек“ и „Нептун“ по препорачана продажна цена од 50.999 денари за „самсунг галакси С9“, односно 56.999 денари за „самсунг галакси С9+“.
Новите паметни телефони на „Самсунг“ пристигнуваат со низа новитети и подобрувања: неверојатна камера за снимање при слаба осветленост со двојна бленда на објективот, супер бавен slow-mo видеозапис и пиктографи (AR emoji) за изменета реалност за поперсонализиран начин на изразување. „Самсунг галакси С9 и С9+“ неодамна беа првпат претставени во рамките на Светскиот конгрес за мобилна технологија 2018 во Барселона, каде што освоија 30 награди, вклучувајќи ја и најзначајната награда во рамките на годишните Глобални награди за мобилна технологија – „Најдобар нов уред за поврзување“. Оваа награда му беше доделена на новиот „самсунг галакси С9+“ како признание за неговиот префинет дизајн, напредна камера и извонредни перформанси.

Напредната камера со двојна бленда на „самсунг“ има обектив што функционира слично како ирисот на човечкото око и автоматски може да се менува во согласност со разните услови на осветление. На овој начин вашите фотографии ќе изгледаат одлично, без разлика дали се фотографирани во услови на поголема светлина или при слабо осветление, преку ден или навечер. Двојната бленда поддржува F1.5 и F2.4 режим. Кога е темно, објективот се отвора до F1.5 за да пропушти повеќе светлина за јасни и чисти фотографии, а на дневна светлина објективот автоматски се префрла во режим F2.4 овозможувајќи фотографијата да ја задржи својата острина. Исто така, новите „самсунг галакси С9 и С9+“ имаат напредна камера со Super Speed Dual Pixel сензор со зголемена сила за обработка и меморија за висок квалитет на фотографиите. Благодарение на овој сензор камерата може да ги долови сите детали четири пати побргу, и тоа поголем број од нив. Со опцијата Super Slow-Mo за креирање видеозаписи секој корисник може да ги зачува секојдневните незаборавни мигови со помош на динамични и забавени видеозаписи, кои снимаат до 960 слики во секунда. Благодарение на оваа напредна камера вашите фотографии ќе бидат беспрекорни, а преку видеата снимани со „галакси С9 и С9+“ ќе имате можност да ги видите и најмалите детали и движења од вашето опкружување!

Новите „галакси С9 и С9+“ поседуваат автоматски детектор за движење, интелигентна карактеристика која детектира движење и автоматски почнува да снима сè, претворајќи приближно 0,2 секунди реални случувања во 6 секунди снимка. По снимањето со Super Slow-Mo функцијата, својот видеозапис можете да го збогатите со музика што ќе се слуша во заднина на видеото. Исто така, на едноставен начин, со помош на допир, може да креирате, уредувате и споделувате содржини во GIF-формат.
„Самсунг“ преку своите најнови премиум-мобилни уреди сега ви овозможува да креирате „емоџи“, кое изгледа, звучи и се однесува исто како вас. Пиктографите за изменета реалност (AR Emojis) со користење алгоритам за машинско учење и анализа на 2Д-фотографија од корисникот исцртуваат над 100 фацијални карактеристики за да креираат 3Д-модел што рефлектира и имитира експресии, како намигнување и потврдување со главата, за вистинска персонализација. Овие пиктографи ги споделуваат чувствата на корисниците од реалниот живот преку видео, но и преку широк спектар на сликички што користат стандарден AGIF-формат за датотеки овозможувајќи ви да ги споделите вашите пиктографи низ разни други платформи за разменување пораки.
За потсетување, „самсунг галакси С9“ има 5,8 инчи екран Quad HD+ Curved Super AMOLED, а екранот на „самсунг галакси С9+“ е со иста резолуција, со поголема дијагонала од 6,2 инчи, исто така со сооднос 18:5:9. Бесконечниот екран Super AMOLED се вклопува во телефонот речиси директно во телефонот без рабови што попречуваат. Со адаптабилно подобрување на контрастот корисниците може да го користат својот уред дури и на директна сончева светлина.

Адути што заслужуваат внимание се и „Бигзби“ – интелигентна платформа интегрирана во камерата, јасниот, чист и квалитетен звук благодарение на АКГ-звучниците поддржани од „Долби Атмос“ со ефект на звукот од 360 степени. „Галакси С9 и С9+“ се први паметни телефони што ја поддржуваат новата апликација SmartThings и може да се поврзат со други самсунг-уреди, а новата генерација „самсунг ДеХ“ е идеална за сите оние што константно се во движење. Уредите поддржуваат проширување на меморијата до 400 ГБ со микро СД-картичка и се опремени со најновите премиум-апликациски процесори, кои овозможуваат моќен перформанс и софистицирана обработка на сликата.
И двата најнови уреда од портфолиото на „Самсунг“ – „галакси С9 и С9+“ – се заштитени со Knox 3.1 – најновата и најсовремена надградба на безбедносната одбранбена платформа на „Самсунг“ и имаат три можности за биометриска проверка на автентичноста – со скенирање на окото, отпечаток од прстот, како и препознавање на лицето.
Од денес ултрамодерната комуникација со помош на новите „самсунг галакси С9 и С9+“ е на само чекор од вас! Посетете ги салоните на продажните партнери на „Самсунг“ – „Македонски телеком“, ВИП, „Сетек“ и „Нептун“ и одберете го вашиот „самсунг галакси С9“ или „С9+“ во неверојатни нијанси полноќно црна, корално сина и пурпурно виолетова и станете дел од големата самсунг-галаксија на корисници што уживаат во секој детаљ од своето секојдневие.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Фон дер Лајен: ЕУ треба да ги поедностави регулативите
Европската унија мора да ги поедностави пазарите на капитал и регулативите за да ја намали фрагментацијата и да ја зајакне конкурентноста на блокот, изјави претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.
„На нашите компании им е потребен капитал сега“, нагласи таа. „Мораме, на еден или друг начин, да ги срушиме бариерите што нè спречуваат да станеме вистински глобален гигант“, пишува DW.
Фон дер Лајен го опиша сегашниот систем на ЕУ како „фрагментација на стероиди“ и повика на „еден голем, длабок и ликвиден пазар на капитал“.
„Да го земеме повторно примерот на САД: еден финансиски систем, еден финансиски центар и неколку други финансиски центри“, рече таа, додавајќи дека Европската Унија има не само 27 различни финансиски системи, туку и повеќе од 300 места за тргување.
ЕУ идентификуваше клучно прашање што би можело да ја зајакне конкурентноста на блокот. За разлика од САД, европските компании имаат тешкотии во пристапот до капиталот што им е потребен за проширување и раст. Европската комисија предложи поедноставување на националните правила за создавање унија за штедење и инвестиции. Но, хармонизирањето на финансиските правила во Европа се покажа како тешко во минатото.
Фон дер Лајен ги повика пратениците да дејствуваат брзо, велејќи дека ќе го поттикне законодавството дури и ако не сите земји-членки се подготвени да ги променат своите национални правила.
„Доколку не се постигне договор, ЕУ треба да размисли за засилена соработка меѓу земјите што сакаат да учествуваат“, рече таа.
Еден од најзначајните, но и контроверзни, предлози за зајакнување на европската економија е да им се даде предност на европските компании во „стратешките“ сектори во однос на странските конкуренти, план што го поддржува фон дер Лајен.
„Во стратешките сектори, европската предност е неопходен инструмент за зајакнување на производствената база на Европа“, рече таа, предупредувајќи против пристапот „една големина одговара на сите“. Во својот говор, таа додаде дека Европа треба да ја зголеми својата конкурентност преку „зголемување на производството“ на континентот и „проширување на својата мрежа на сигурни партнери“.
Таа, исто така, ја нагласи важноста на потпишувањето трговски договори. По неодамнешните договори со јужноамериканскиот блок Меркосур и Индија, таа рече дека нови се на пат, со Австралија, Тајланд, Филипините и Обединетите Арапски Емирати.
Фон дер Лајен го објави ова пред да им се придружи на лидерите на ЕУ, вклучувајќи го францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Фридрих Мерц, на собирот на индустриски менаџери во Антверпен. Настанот се случува пред самитот на лидерите на ЕУ во четврток, на кој ќе се разговара за зајакнување на економијата на Унијата.
фото/Depositphotos
Економија
„Новата мачка во градот“ – Ексклузивна февруарска понуда за новата Ford Puma Hybrid
Овој февруари, во духот на „месецот на мачките“, Гранд Ауто ја претставува специјалната продажна кампања „Новата мачка во градот“, посветена на новата Ford Puma Hybrid – модел кој комбинира впечатлив дизајн, динамични перформанси и напредна хибридна технологија. Кампањата носи ексклузивни попусти достапни само во текот на февруари, за верзиите со мануелен и автоматски менувач.
Во ограничен временски период, купувачите имаат можност да го добијат овој атрактивен компактен SUV по специјални цени:
Ford Puma Hybrid – мануелен менувач: од 21.500 €
Ford Puma Hybrid – автоматски менувач: од 23.500 €
Понудата важи само до крајот на февруари 2026 година и се однесува на возила од залиха.
Со својата агилност, карактер и урбана енергија, Ford Puma совршено го оправдува слоганот „Новата мачка во градот“ – автомобил создаден за возачи кои сакаат стил, технологија и возбудливо возачко искуство во едно.
Повеќе информации за кампањата и достапните модели: https://ford.mk/puma-hybrid-nova-macka
(ПР)
Економија
Народна банка: Просечната стапка на инфлација за 2025 година изнесува 4,1%
Денеска се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка. На седницата беа разгледани најновите податоци и информации за светската и домашната економија, како и најновите случувања на меѓународните и домашните финансиски пазари, во контекст на поставеноста на монетарната политика.
Во согласност со тековните економски движења и оценетите ризици од надворешното и домашното окружување, Извршниот одбор одлучи да ја задржи основната каматна стапка на постојното ниво. Така, каматната стапка на благајничките записи останува на нивото од 4%. Воедно, на аукцијата на благајнички записи, којашто ќе се одржи на 11 февруари, понудата ќе изнесува 54 милијарди денари, а понудата на наредните аукции ќе се утврдува согласно проектираната промена на ликвидносната позиција на банкарскиот систем на неделна основа.
„Задржувањето на внимателниот пристап при водењето на монетарната политика произлегува од потребата за стабилизирање на инфлацијата близу до долгорочниот просек, од динамичната кредитна активност, домашните политики коишто влијаат врз побарувачката, како и од присутните надворешни ризици поврзани со тековната неизвесност во светските трговски политики и геополитички тензии. Се очекува дека досегашните измени кај задолжителната резерва, кај макропрудентните мерки во делот на критериумите за квалитетот на кредитната побарувачка, како и одлуките поврзани со управувањето со системските ризици ќе обезбедат дополнителна поддршка за монетарната политика. Комбинираното дејство на овие мерки ќе придонесе за одржување на стабилноста на девизниот курс и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок, како и за ограничување на потенцијалните системски ризици“, соопштија од Народната банка.
Просечната стапка на инфлација за целата 2025 година изнесува 4,1%, под влијание на промените на цените кај базичната и кај прехранбената компонента.
Од Народната банка соопштија дека остварувањата кај инфлацијата се близу до октомвриската проекција, но таа и понатаму е над историскиот просек, поради што нејзиното одржливо стабилизирање и понатаму е во фокусот на монетарната политика.
„Најновите проекции за берзанските цени на примарните производи за наредниот период се ревидирани претежно во нагорна насока. Ризиците за идната динамика на инфлацијата и понатаму постојат, а се поврзани со променливото надворешно окружување, но и со домашните фактори што влијаат врз агрегатната побарувачка“, се наведува во соопштението.
На крајот на јануари 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.600,5 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што според сите меѓународни показатели за адекватноста на девизните резерви се оценува како соодветно за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, остварувањата на менувачкиот пазар во јануари упатуваат на нето-приливи од приватните трансфери коишто засега се малку пониски од очекувањата за првиот квартал. Податоците за надворешнотрговската размена во четвртиот квартал од 2025 година упатуваат на трговски дефицит којшто е малку повисок од очекувањата според октомвриската проекција.
Во третиот квартал од 2025 година, реалниот раст на БДП забрза и изнесува 3,8% на годишна основа, што е малку над оцената во рамките на октомврискиот циклус проекции. Расположливите високофреквентни податоци за четвртиот квартал од 2025 година засега упатуваат на понатамошен раст на економската активност, којшто благо би забрзал според последните проекции. Светската неизвесност, особено поради трговските политики и геополитичките тензии, и натаму претставува најголемиот надворешен ризик за домашната економија. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти се едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст.
Во однос на движењата во монетарниот сектор, првичните податоци за депозитите и кредитите на банките за јануари 2026 година упатуваат на натамошно јакнење на депозитната база на банките, но и на динамична кредитна активност, чиишто годишни стапки на раст засега се над очекувањата за првиот квартал од годината.
Општо земено, со одлуката донесена од Народната банка и натаму се задржува внимателниот пристап во водењето на монетарната политика, којшто е усогласен со најновите движења кај главните макроекономски показатели и проценетите надворешни и домашни ризици. Надворешните ризици и понатаму постојат, а внимателно се следат и домашните фактори коишто влијаат врз доходот и побарувачката. Народната банка е подготвена да ги користи сите расположливи инструменти за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и за обезбедување на ценовната стабилност на среден рок.

