Економија
Од утре почнува повратот на персоналниот данок за земјоделците, ќе се исплатат 80 милиони денари на 17.000 земјоделци
Управата за јавни приходи од утре ќе почне со исплата на повратот на персоналниот данок на доход за земјоделците. На денешната заедничка прес-конференција министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Трајан Димковски, и директорката на УЈП, Сања Лукаревска, посочија дека по овој основ до крајот на годинава ќе се исплатат 80 милиони денари на околу 17.000 земјоделци, кои го остваруваат правото на поврат на персонален данок на доход.
„Персоналниот данок ќе им биде вратен на сите оние земјоделци на кои земјоделството им е основна дејност и коишто оствариле приходи од продажба на земјоделски производи до 1 милион денари. Оваа исплата е за приходите остварени до крајот на 2018 година. Овие пари ги враќаме директно кај земјоделците, што во текот на 2018 година оствариле приходи од продажба на земјоделски производи до 1 милион денари, како дополнителен приход, за да ги реинвестираат и да го зголемат производството“, изјави министерот Димковски.
Право на поврат на персоналниот данок имаат земјоделците коишто не се ДДВ обврзници, немаат остварено приходи по друг основ, земјоделците да не се во работен однос и да не остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа.
Повратот ќе се врши на трансакциските сметки на земјоделците и ќе врши неколкукратно до крајот на годината, односно додека не се исцрпи целиот поврат.
„За земјоделците на кои им следува поврат, а за кои УЈП и МЗШВ во моментот не располагаат со точен податок за трансакциска сметка, УЈП ќе направи напор да ги обезбеди по службен пат и директно во контакт со лицата. Токму затоа, доколку некои од земјоделците во текот на годината имаат некакви промени, апелираме да ја известат УЈП. Граѓаните кои остваруваат приходи единствено од земјоделска дејност може да добијат поврат во износи до 20.000 денари. Дополнително, тие беа ослободени и од административни процедури како поднесување барање за регистрација како даночни обврзници и плаќање на административни такси “, изјави директорката Лукаревска.
На почетокот на 2018 година Владата на Република Северна Македонија го измени Законот за персонален данок на доход, со што се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од претходните 300.000 денари на 1.000.000 денари. Дополнително со законските измени значително се поедноставија даночните постапки за земјоделците, како поднесување барања за регистрација и плаќање на административни такси.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Почна пријавувањето за директни плаќања по програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ги информира земјоделските стопанства, дека во период од 10 мај до 1 јули ќе можат да поднесат барања по Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Во наведениот период земјоделските стопанства можат да поднесуваат барања за: растително производство по обработлива земјоделска површина со поледелски и градинарски култури, за одржување на постоечки површини со овошни и лозови насади како и површина за производство на сертифициран семенски и саден материјал, сточарско производство за обележани грла говеда, овци и кози, за маторици, презимени пчелни семејства како и за заклани говеда во кланица, како и за органско земјоделско производство.
Земјоделските стопанства своите барања ги поднесуваат во електронскиот систем на АФПЗРР, а доколку имаат потреба од помош или поддршка можат да се обратат во подрачните единици на МЗШВ.
Аплицирањето е преку линкот www.ipardpa.gov.mk – Директни плаќања е-субвенции. Со отварање на овој линк, во полето „Известувања/упатства“ достапни се деталните упатства за поднесување на барањето, Листата на потребни документи како и Програмата и Уредбата за директни плаќања во кои детално се претставени условите и висината на финансиската поддршка.
Економија
Ангеловска-Бежоска на форумот на Виенската иницијатива: Капитализираноста на македонскиот банкарски систем порасна двојно повеќе од ЦЈИЕ
Гувернерката Ангеловска-Бежоска, како претставничка на шесте централни банки од Западен Балкан во Одборот на „Виенската иницијатива“, учествуваше на Годишниот форум на панел-дискусијата посветена на банкарските системи во Централна и Југоисточна Европа (ЦЈИЕ), којшто оваа година се одржа во Вилнус, Литванија.
И покрај шоковите од невидени размери, банкарските системи во регионот, вклучително и македонскиот, покажаа високо ниво на отпорност. Македонскиот банкарски систем не само што ја задржа стабилноста, туку и уште повеќе ја зголеми. „Резултатите од овие напори се видливи. Капитализираноста на нашиот банкарски систем во споредба со претпандемичниот период е зголемена за близу 2 п.п., што е двојно повеќе од порастот во регионот на ЦЈИЕ и во моментов е највисока во изминатите 17 години, а квалитетот на капиталот е на историски високо ниво. Овие трендови во голема мера ги одразуваат зајакнувањето на регулативната рамка, на супервизијата и макропрудентните мерки преземени од страна на Народната банка“, посочи Ангеловска-Бежоска.
Притоа, особено е важно што и во овие кризни години имаше солидна кредитна поддршка за граѓаните и компаниите (просечен кредитен раст од околу 7%). Во услови на циклус на монетарно затегнување, каматните стапки на кредитирање пораснаа, но растот беше помал од растот на каматните стапки во ЕУ. Со тоа домашните каматни стапки на кредитите значително се приближија до каматните стапки во ЕУ и разликата меѓу нив е историски најниска. Во овој момент, просечната каматна стапка изнесува 5,5%, односно е двојно пониска во споредба со периодот пред Големата финансиска криза, кога изнесуваше околу 11%, во просек.
Гувернерката се осврна и на финансиската писменост и заштитата на корисниците на финансиските услуги, коишто се значајни за носење соодветни финансиски одлуки, но и за зголемување на конкурентските притисоци и за понуда на поконкурентни финансиски услови. „Финансиската писменост, едукацијата и заштитата на потрошувачите, коишто се стратешки приоритети на Народната банка, се важни за клиентите за да можат подобро да ги разберат и правилно да ги споредат понудите меѓу различните банки. Неодамна формиравме посебна организациска единица за финансиската писменост и заштитата на потрошувачите. Под водство на Народната банка, беше усвоена и првата национална Стратегија за финансиска инклузија и писменост, додека регулативната рамка беше зајакната минатата година, вклучително и преку усвојување на Насоките за банките и штедилниците за добри практики за заштита на потрошувачите, фер и транспарентни односи, врз основа на јасни и лесно разбирливи информации за производите и услугите што ги обезбедуваат. Беа преземени и мерки за зголемување на транспарентноста преку споредба на надоместоците за најрепрезентативните банкарски платежни услуги, коишто заедно со либерализацијата на пазарот на платежни услуги, ја поттикнуваат конкуренцијата во системот“, истакна Ангеловска-Бежоска.
„Виенската иницијатива“ е платформа којашто ги поврзува меѓународните финансиски институции, банкарските регулатори и претставниците на банкарските групи од Европа, присутни во регионот на ЦИЈЕ и секоја година, од 2009 година до денес, организира собири во областа на финансиите на кои сите засегнати чинители зборуваат за идните насоки во политиките поврзани со банкарскиот сектор и за поопшти макроекономски прашања.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.