Економија
„Окта“ донира фотоволтаична централа и за средното економско училиште во Охрид
Во рамки на одбележувањето на својот 45-ти роденден, ОКТА донираше уште една фотоволтаична централа, овој пат на средното општинско економско училиште „Св. Кирил и Методиј“ во Охрид. Донацијата е во согласност со стратегијата на компанијата за поддршка на иницијативи поврзани со обновливите извори на енергија, што се одразува и на нејзините општествено одговорни активности и вложувања. Централата, чие официјално предавање во употреба беше извршено денеска, од страна на директорот на енергетско планирање и развој во ОКТА – д-р Ристо Јаневски и градоначалникот на Охрид – Кирил Пецаков, ќе обезбеди снабдување со електрична енергија од обновливи извори на ова средно училиште.
![]()
„Во годината кога компанијата прославува 45 години постоење, со реализацијата на овие донаторски проекти за поддршка на образовните институции во земјава, сакаме да ја потврдиме нашата континуирана заложба да делуваме одговорно во заедницата во која што сите заедно живееме. Фотоволтаичната централа ќе придонесе во неколку важни сегменти од работата на училиштето – намалување на потрошувачката на електрична енергија, заштита на животната средина преку користење на обновливи извори на енергија, како и подигање на свеста кај учениците за важноста од употребата на одржливи енергетски решенија. Оваа донација претставува долгорочна инвестиција во иднината на училиштето, обезбедувајќи одржливи придобивки, не само за идните генерации на ученици, туку и за целата заедница.“, изјави д-р Ристо Јаневски, директор на енергетско планирање и развој во ОКТА.
Вкупната инсталирана моќност на новата фотоволтаична централа изнесува 21,8kW (киловати) и може годишно да произведе и до 26,5 MWh MWh (мегаватчасови) електрична енергија, што претставува значаен дел од енергетските потреби на ова училиште.
![]()
„Благодарни сме за оваа значајна донација на ОКТА. Изградбата на фотоволтаична централа на кровот на училиштето претставува круна на активностите кои што во изминатиот период овозможија ова средно училиште да добие нов и современ изглед. Со оваа донација, ќе се постигне навистина значајна заштеда на енергија и ќе се намалат трошоците на училиштето, што секако за нас има големо значење, бидејќи со тоа остануваат повеќе средства за подобрување на образовниот процес“, рече градоначалникот на Охрид – Кирил Пецаков.
Изминатиот месец ОКТА донираше фотоволтаична централа за градинката „Пепелашка“ во општина Центар, а наскоро компанијата ќе се реализираат уште две донации од овој тип, односно фотоволтаична централа за образовна установа, како и соларен полнач и паркинг за велосипеди што ќе биде поставен во кампусот на универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
До крајот на годината ОКТА планира да отпочне и со изградба на фотоволтаична централа во кругот на компанијата, со моќност од 12 MW (мегавати). Почнувајќи од 2018 година, ОКТА има инсталирано пет фотоволтаични постројки кај свои деловни партнери со вкупна моќност од 611 kW (киловати). На овој начин, компанијата дава активен придонес во зголемување на своето портфолио во делот на обновливите извори на енергија и намалување своето влијание врз животната средина.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: Очекувам инфлацијата да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дека Државниот завод за статистика излезе со извештај за инфлацијата и какви се очекувањата за оваа година, изјави:
„Во делот на храната, минатата година имаше „божиќна кошничка“, „јануарска кошничка“ и така ќе биде и во април. Инаку ценам дека ќе се движиме во рамките на проекцијата под 3% на ниво на годишна инфлација оваа година. Кога ќе ја споредиме стапката, горе-долу е иста како во регионов. Освен во соседна Србија каде што е 2,2 – 2,3 поради тоа што они имаат мерка, онаа мерка со ограничување на цените на производите. Првиот момент кога ќе ја напуштат таа мерка, тогаш сето ова ќе се нивелира и наеднаш ќе имаат пик, бидејќи ние тоа го видовме една година пред они тоа да го имплементираат и затоа одлучивме преку други механизми да се бориме против инфлацијата.
Инаку што се однесува до другите месеци, јас очекувам да бидат под 3%. Да речеме има држави во Европа како што е Романија, каде што инфлацијата во јануари е 9,8%, има Турција каде што е двоцифрена инфлацијата, преку 30%, соседна Бугарија, Хрватска и така натаму, да ги редам, голем број примери во Европа, каде што инфлацијата е многу поголема од таа што е кај нас. Јас очекувам кај нас инфлацијата оваа година на годишно ниво да биде под 3%, односно во рамките на она што го проектираме.“
Економија
Дурмиши: Со системски мерки и партнерство ја намалуваме неформалната економија и го јакнеме формалниот сектор
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денеска се обрати на конференцијата „Формализација на неформалната економија: Преку соработка до успех“, посветена на системските мерки и заедничките политики за намалување на сивата економија и јакнење на формалниот сектор.
Во своето обраќање, министерот Дурмиши истакна дека неформалната економија е сложен и долгорочен предизвик кој ја нарушува конкуренцијата, ги оштетува работниците и го намалува фискалниот капацитет на државата.
Тој нагласи дека за дел од граѓаните непријавената работа не е избор, туку нужност, што бара одговор преку креирање пристојни и стабилни работни места.
„Секој компромис со сивата економија значи понизок економски раст, помалку јавни услуги и понизок квалитет на живот. Затоа ни се потребни системски, конзистентни и одржливи решенија“, потенцираше министерот.
Економија
Божиновска – Рама: Гасното поврзување на државата е клучен чекор кон енергетска стабилност и регионална интеграција
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари работна средба со извршниот директор на НОМАГАС АД Скопје, Недим Рама, на која беа разгледани тековните активности и следните чекори за развој на гасната инфраструктура во државата.
Во фокусот на разговорите беше изградбата на интерконекторот со Грција, како еден од најзначајните стратешки енергетски проекти во земјата. На средбата беше направен пресек на досегашната динамика на реализација, текот на градежните активности и координацијата меѓу институциите и изведувачите, со цел проектот да се реализира согласно предвидените рокови.
Посебно внимание беше посветено и на подготовките за реализација на интерконекторот со Србија, при што беше разгледан напредокот во техничките и административните активности, како и тековната комуникација и координација со српската страна. Двете страни оценија дека регионалното гасно поврзување претставува значаен чекор кон диверзификација на изворите на снабдување и зголемување на енергетската сигурност.
На состанокот се разговараше и за долгорочните планови за развој и проширување на националната гасоводна мрежа, со цел овозможување поголема достапност на природниот гас за индустријата, општините и домаќинствата, како и поддршка на енергетската транзиција и намалување на загадувањето преку почисти енергетски решенија.
Министерката Божиновска ја истакна важноста од забрзана реализација на инфраструктурните проекти, нагласувајќи дека развојот на гасната мрежа е стратешки приоритет кој директно влијае врз економската стабилност, конкурентноста на стопанството и сигурноста во снабдувањето со енергија.
Соговорниците се согласија дека координираниот институционален пристап и засилената регионална соработка се клучни за успешно позиционирање на државата како стабилен енергетски јазол во регионот.

