Економија
Пендаровски: Оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите
Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе, кои мораат, повторувам, едноставно мораат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома, рече претседателот Стево Пендаровски на отворањето на годинешниот самит „Македонија 2025“.
Тој рече дека годинешниот самит има богата програма со извонредни говорници, панел-дискусии на актуелни теми, грижливо избрани тематски сесии.
„Се радувам што во фокусот е и животната средина, односно загадувањето на воздухот со акцент на иновациите и нивното влијание врз подобрување на условите за живеење. Пред неколку дена ја имав честа да ја отворам и 17. Еконова, каде што се уверив во значењето и потребата од пронајдоци и изуми што ќе помогнат во спречувањето и справувањето со загадувањето“, рече Пендаровски.
Уште една тема што ќе биде во фокуст на самитот е и дигитализацијата.
„Дигитализацијата е уште една тема што е во фокусот на годинешниот самит и би сакал навистина да ја поздравам и оваа иницијатива затоа што и самиот сметам дека со оглед на потенцијалот што го имаме во ИТ-секторот, ова е гранка на која треба посебно да се посветиме – да ги едуцираме младите уште од мали да кодираат, но и да го поддржиме ИТ-секторот во целина, со цел да даде далеку поголем придонес кон вкупниот економски развој на земјата. Треба да разбереме дека оваа земја може да опстане само ако наша стратешка цел биде инвестирањето во младите луѓе, кои мораат, повторувам, едноставно морааат, првата шанса за успех и просперитет да ја добијат тука, дома“, рече Пендаровски.
Како што рече претседателот, „Македонија 2025“ од самите свои почетоци пред повеќе од десет години работи на поврзување на бизнисите од земјава и странство, помага во развивање лидерски вештини со цел да се придонесе за економскиот развој на земјата.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.