Економија
Платежните картички од Владата ќе може да се користат во ресторани, кафулиња, хотели
Платежните картички кои Владата ќе ги додели на невработени, на приматели на социјална помош, на лица со примања до 15.000 денари и на средношколци и студенти, ќе може да се користат и во ресторани, кафулиња и хотели. Фатмир Битиќи, советник за економски прашања на премиерот најави дека за две недели ќе бидат донесени уредбите и ќе бидат објавени сите детали околу аплицирањето и користењето на картичките.
„Платежните картички ќе бидат за македонски производи и услуги. Седнувањето во угостителски објект е наша услуга, македонска. За производите се согледуваат технички решенија, дали ќе можат софтверски да се евидентираат само македонските производи и со таа картичка на посебен пост терминал да се плаќаат. Во моментот кога граѓаните ќе ги добијат платежните картички, а секако ќе бидат лимитирани за кои сектори можат да се користат, тоа е системско, софтверско решение, ќе бидат дополнително известени за начинот. Сакаме да овозможиме средствата што ги даваме навистина да ја покренат економијата која во овој момент е најпогодена и да се свртиме еднаш засекогаш кон дома, а да не поттикнуваме само увоз на странски производи“, рече советникот Битиќи кој очекува картичките да внесат нов момент на македонската економија со кој граѓаните ќе се свртат кон домашното производство.
Ќе има листа на банки каде што сите категории граѓани ќе може да ги добијат картичките. Тие ќе бидат посебни картички, со посебна сметка и нема да бидат врзани со претходните сметки на граѓаните.
„Начинот на аплицирање се финализира и во наредните две до три недели ќе се знае целата процедура. Ќе биде многу лесен начин на административно аплицирање, нема да има чекање, пополнување на документи туку ќе ги согледуваме можностите тоа да биде според законите но да биде најлесно можно за секој еден граѓанин. Исто како што пристапивме за првиот и за вториот сет мерки и за компаниите кои аплицираа за Ковид 1 и Ковид 2, онлајн. Ќе почекаме две недели, ќе се донесат сите уредби и сите детали. Решенијата ќе бидат во насока на олеснување на начинот на аплицирање за граѓаните“, рече советникот Битиќи.
На забелешката дека ваучер за домашен туризам од 6.000 денари реално не е доволен за покривање на трошоците за одмор во домашните капацитети, Битиќи вели дека ваучерот не е единствената помош што граѓаните ќе ја добијат.
„Прво ваучерот за туризам се дава на поединец, не се дава на домаќинство и при тоа секој корисник на ваучер за туризам ќе биде корисник на платежна картичка со вредност од три илјади денари. Вкупната вредност што ја добиваат лицата е 150 евра или девет илјади денари. Со ова сакаме да поттикнеме потрошувачка. Наместо едно семејство или еден поединец да отиде и да даде 9.000 денари свои средства кои денес може ги нема ама има 4.500, ние му велиме еве уште 9.000 денари на вашите 4.500 и со 13.500 денари ќе поминете еден викенд во Берово, во другите планински места, можеби и во Охрид ако се одлучат, таму каде што ќе одлучат. Знаеме дека најверојатно некој ќе каже дека тоа се малку пари, но ние сакаме да стимулираме потрошувачката да биде насочена кон локалниот туризам. Сите што на некаков начин имаме негативно влијание од пандемијата да ги употребиме нашите средства, минимални средства, дополнително и ваучерот, да помогнеме и на локалниот туризам но и на секое поединечно семејство“, вели Битиќи.
Техничкиот премиер Оливер Спасовски вчера го најави третиот сет мерки за помош на граѓаните и економијата. Предвидено е околу 100.000 невработени, баратели на работа кои немаат примања повисоки од 15.000 денари и приматели на гарантирана минимална помош ќе добијат платежна картичка од 9.000 денари. Ќе може да се користи за домашни производи и услуги во период од 30 дена.
Околу 100.000 вработени со плата помала од 15.000 денари ќе добијат ваучери за домашен туризам од 6.000 денари и платежна картичка од 3.000 денари. Картичка со 3.000 денари ќе добијат младите во пакет со 6.000 денари за покривање партиципација на универзитет или за сместување во домови за студенти и средношколци од семејства со ниски примања на кои на располагање ќе им стојат и ваучери за кофинансирање обуки за ИТ и дигитални вештини.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Сали на министерски состанок на ЕК за спроведување на CBAM: Земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем
Министерот за европски прашања, Беким Сали, учествуваше на министерскиот состанок посветен на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), каде ја истакна посветеноста на Северна Македонија кон европските цели за декарбонизација и усогласување со климатското и енергетското законодавство на ЕУ.
Состанокот беше организиран од Европската комисија со цел да се информираат земјите од Западен Балкан за најновите случувања поврзани со спроведувањето на Механизмот за прилагодување на јаглерод на граница (CBAM), кој стапи во сила на 1 јануари 2026 година и има директни импликации врз процесот на проширување и енергетските сектори во регионот.
Тој нагласи дека Владата во јануари 2026 година го усвои нацрт-Законот за климатска акција, со кој се поставува правната основа за системот за мониторинг, известување, верификација и акредитација на емисиите, како клучен чекор кон воведување на јаглеродно ценообразување.
Сали посочи дека земјата активно работи и на интеграцијата на електроенергетскиот пазар со европскиот систем, што е важен дел од постепеното вклучување во заедничкиот европски пазар на електрична енергија.
Во однос на CBAM, министерот истакна дека Северна Македонија ги поддржува целите на механизмот, но дека е неопходно да се земат предвид специфичните карактеристики на земјите кандидати и договорните страни на Енергетската заедница, особено поради нивната изложеност на ценовни разлики и техничките предизвици во прекуграничната трговија со електрична енергија.
Тој повика на внимателна и постепена имплементација, вклучително и продолжување на транзицискиот период, со цел да се избегнат несакани ефекти врз регионалните пазари и да се поддржи интеграцијата на обновливите извори на енергија.
Министерот Сали подвлече дека Северна Македонија останува силно посветена на европската зелена агенда и на постепено воведување на инструменти за јаглеродно ценообразување, со крајна цел целосно интегриран, безбеден и декарбонизиран европски енергетски пазар.
Економија
Предпремиера на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje
Во ексклузивна атмосфера и во присуство на клиенти, партнери и медиуми, Porsche Macedonia ја одржа предпремиерата на новиот Cayenne Electric во Porsche Center Skopje. Настанот означи почеток на ново поглавје за еден од најуспешните модели на брендот, кој повеќе од две децении поставува стандарди во SUV сегментот.


Генералниот директор на Porsche Macedonia, г-дин Златко Муцунски, во своето обраќање истакна:
„Cayenne отсекогаш бил модел со стратешко значење за Porsche. Тој ја трансформираше компанијата и го редефинираше сегментот. Денес, со новата генерација, го продолжуваме тој дух на храброст и визија – со технологија која го засилува она што отсекогаш било суштината на Porsche: перформанс без компромис.“

Тој додаде дека новиот Cayenne Electric претставува „логична еволуција на еден лидер – комбинација од инстантна моќност, врвна динамика и иновативна електрична архитектура, поставена во препознатливиот Cayenne дизајн.“

Маркетинг Менаџерот на брендот Porsche, г-дин Стефан Јовановски, нагласи дека интересот на македонскиот пазар е значителен:
„Публиката во Македонија е сè поотворена кон електрична мобилност во премиум сегментот. Cayenne Electric носи ново ниво на спортска динамика и дигитална софистицираност. Тоа не е само електричен SUV – тоа е Porsche во својата најнапредна форма.“

Јовановски потенцираше дека предпремиерата во Porsche Center Skopje им овозможи на присутните да бидат помеѓу првите во светот кои одблизу ќе се запознаат со новата технологија, дизајнерскиот правец и иновативните решенија кои го дефинираат моделот.


Настанот беше организиран како ексклузивно претставување со техничка презентација, детално запознавање со електричната платформа и интеракција со експертскиот тим на Porsche Center Skopje.

Со оваа предпремиера, Porsche Macedonia уште еднаш ја потврдува својата посветеност кон иновации, одржлива мобилност и понуда на најсовремени решенија во премиум сегментот на македонскиот пазар.



За повеќе информации, посетете го Porsche Center Skopje или контактирајте го тимот на Porsche Mac-edonia.
ПР
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.

