Економија
Постојан раст на употребата на дигиталните решенија за плаќање
Дигиталната трансформација, како неопходност на секој пазар, особено поттикната од променетите услови на живеење што ги создаде пандемијата на Ковид-19 како глобално така и во нашата земја, придонесе за постојан раст на употребата на дигиталните решенија за плаќање како најсоодветни за нивното едноставно, достапно, сигурно и технолошки паметно извршување, соопшти НБРМ.
„И во третиот квартал на оваа година платежните картички издадени од издавачи во земјата сѐ повеќе се користат од страна на граѓаните за плаќање во трговијата во земјата, што доведе до висок годишен раст кај вредноста и бројот на остварените трансакции од 16 и 14,9 %, соодветно. Годишниот раст на бројот на плаќањата во трговијата, што произлегува, пред сѐ, од високиот годишен раст на бројот на плаќањата со платежни картички на виртуелните (интернет) места на продажба (40,8 %) продолжува и во третиот квартал од 2021 година и е повисок 4,3 пати во споредба со годишниот раст во истиот квартал од 2020 година. Во однос на користењето на платежните картички на физичките места на продажба, во третиот квартал од 2021 година беше остварен висок годишен раст од 12,8 %, кој е повисок 2,9 пати од годишниот раст остварен во истиот квартал од 2020 година“, се наведува во извештајот.
Од аспект на плаќањата со кредитен трансфер, во третиот квартал од 2021 година исто така е забележан висок раст кај плаќањата на граѓаните, при што годишниот раст кај вредноста на трансакциите изнесува 30,3 %, а кај бројот на извршените трансакции е 50,6 %.
Електронското банкарство и неговата употреба при иницирањето на кредитните трансфери и натаму бележи тренд на раст, што постоеше и пред пандемијата на Ковид-19, но беше дополнително поттикнат со дигиталната трансформација за време на пандемијата. Така, и во третиот квартал од 2021 година расте употребата на електронски иницираните кредитни трансфери за 22,2 % на годишна основа кај бројот, односно за 31,4 % кај вредноста на остварените трансакции во споредба со истиот период од 2020 година кога бележеа годишен раст од 35,9 % кај бројот, односно од 30,8 % кај вредноста на остварените трансакции.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

