Економија
Пред истекот на рокот „Тиквеш“ им ги исплати средствата за откупеното грозје на лозарите
И оваа година винарската визба „Тиквеш“ заврши со исплатата на откупеното грозје од последната берба, пред законски утврдениот рок кој истекува на крајот на април.
Од индивидуалните производители и правни лица со кои соработува „Тиквеш“ откупени беа 32,2 милиони килограми грозје, што претставува една третина од целокупните откупени количини во нашата земја. Исплатата на средствата за откупеното грозје винарницата ја започна веднаш по завршување на бербата и согласно со законот се одвиваше во три последователни транши.
„Предвремената и редовна исплата на откупеното грозје е уште еден показател за партнерскиот однос на ,Тиквеш’ кон лозарите, што е наша трајна, стратешка определба. На ваков начин меѓу другото на нашите партнери-лозарите им овозможуваме навремено и квалитетно да ги подготват лозјата за следната реколта, што е од клучно значење за производство на грозје и вино со висок квалитет, што е императив за натамошниот развој на ,Тиквеш’, а преку тоа и на сите негови партнери“, изјави генералниот директор на ВВ „Тиквеш“, Радош Вукиќевиќ.
За да се осигура квалитетното производство на грозје, „Тиквеш“ ги подржува лозарите во текот на целата година. Континуираната соработка на винарницата со лозарите се остварува на различни начини, почнувајќи од стручни совети и едукација за примена на современи агро-технички методи и практики во процесот на одгледување и заштита на лозјата според светски стандарди, преку помош при обезбедување на репроматеријали по поволни цени, па сѐ до обезбедување флексибилни начини на исплата на откупеното грозје во пократки рокови од законските.
За оние лозаро-производители кои ги почитуваат насоките и стандардите за одгледување на грозјето, кои се гаранција за висок квалитет неопходен за производство на премиум вино, „Тиквеш“ нуди долгорочни договори за соработка, го гарантира откупот и обезбедува стимулативни бонуси при исплатата на ваквото грозје.
Во оваа прилика, винарската визба „Тиквеш“ на сите свои партнери, соработници и потрошувачи им ги честита претстојните Велигденски и Рамазански празници, посакувајќи им добро здравје и благосостојба.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Се намалува мазутот, цените на дизелот и бензините остануваат непроменети
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,53 % во однос на одлуката од 7.5.2024 година.
Од 10.5.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,609 (денари/килограм)
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 1,223 денар/кг и сега ќе изнесува 44,609 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,939 %, кај дизелот 1,523 %, кај екстра-лесното масло 1,341 % и кај „мазутот“ намалувањето е 3,608 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,015 %.
Економија
Одлуката за осигурување автомобили е еднострана и штетна за бизнис-секторот и економијата во државата, реагира Комората на северозападна Македонија
Стопанската комора на северозападна Македонија ја квалификува одлуката на Комисијата за осигурување автоодговорност како неодржлива за благосостојбата на бизнисот и стопанството.
„Многу бизниси мора да се потпрат на употребата на возила за извршување на своите активности, како што се транспорт на стоки, услуги или вработени. Повисоките цени на полисата за осигурување автомобили може да имаат пошироки макроекономски ефекти со намалување на довербата и трошењето на потрошувачите, кои се клучни двигатели на економскиот раст“, се истакнува во реакцијата на Комората.
Деловното опкружување, како што оценуваат, станува обесхрабрувачки за домашните компании, но и за странските инвестиции, оставајќи долгорочни последици, но и спротивно на законодавниот систем на ЕУ, кој сè уште му дозволува на Министерството за финансии да одлучува за премиите за осигурување автомобили, што е спротивно на acquis на ЕУ.
„Со оваа одлука на Комисијата за самоодговорност се ограничуваат одговорностите на другите релевантни фактори, како што се компаниите, со кои цените на самоодговорноста се целосно контролирани од државата“, потенцираат од Стопанската комора на северозападна Македонија.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,70 % во однос на одлуката од 29.4.2024 година.
Од 8.5.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 86,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 88,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 74,50 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 74,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 45,832 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98 и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) се намалува 1,00 денар/л.
Малопродажната цена на „мазутот М-1 НС“ се намалува 0,829 денари/кг и сега ќе изнесува 45,832 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 2,438 %, кај дизелот 2,100 %, кај екстра-лесното масло 2,605 % и кај мазутот намалувањето е 1,907 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е понизок 0,407 %.