Економија
Пропаѓањето на Еуростандард банка го блокира платниот промет во „Македонска пошта“
Поради пропаѓањето на Еуростандард банка, платниот промет во „Македонска пошта“ е блокиран, соопшти генералниот директор Ејуп Рустеми.
Тоа значи дека не може да се наплаќаат сметки за струја, комунални услуги, да се врши исплата на пензии и социјална помош.
Сè додека не се избере друга банка со која ќе соработуваат за вршење платен промет, услугите ќе бидат блокирани. Рустеми не знаеше да одговори кога ќе се изнајде решение и кога ќе се потпише нов договор.
„Од денеска, поради неработењето на Еуростандард банка, на шалтерите на ‘Пошта’ не можеме да ги обезбедиме финансиските услуги и услугите на платниот промет за многу граѓани и правни лица, како што се наплата на сметки за комунални услуги, наплата на сметки за струја, исплата на пензии, исплата на социјална помош, други банкарски услуги и безготовински платен промет за депонентите од Еуростандард банка. Сите овие услуги ‘Пошта’ во својата мрежа ги обезбедува во име на Еуростандард банка и за нив наплаќа соодветен надоместок“, посочи Рустеми.
Според него, во првите шест месеци во 2020 година ‘Пошта’ обезбедила 110 милиони денари само од услугите што од денес не може да ги обезбеди, што е 19,4 отсто од вкупните остварени приходи.
„Во услови на пандемија, ова беа значајни приходи за ‘Пошта’ бидејќи здравствената криза придонесе и за огромен пад на приходите за поштенските услуги. Најмногу на тие од меѓународниот поштенски сообраќај. Над 870 вработени во ‘Пошта’, целосно или делумно, извршуваат работни обврски поврзани со обезбедувањето на наведените услуги. Приходот од наведените финансиски услуги обезбедува плата за речиси 560 вработени во ‘Пошта’. Изразувам жалење за настанатата ситуација до сите граѓани и фирми, корисници на нашите услуги, со кои имавме одлична соработка во делот на наплата на нивните сметки или фактури“, додаде Рустеми.
Сега ‘Пошта’ бара спас од Владата како основач и Народната банка како регулартор на нивните услуги.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
(Видео) Трајчулевски: Предложениот Буџет за 2026 година ја турка државата во уште подлабока сиромаштија
Предложениот Буџет за 2026 година е документ кој ја турка државата во уште подлабока сиромаштија, неизвесност и задолжување, а граѓаните ги остава заборавени. Оваа влада нема никаков план за достоинствен живот на граѓаните. Единствено што знае е да приредува театар што сите скапо го плаќаме, рече пратеникот на СДСМ, Митко Трајчулевски, на седницата на Комисијата за финансирање и буџет.
Тој потенцираше дека со овој предлог буџет граѓаните се запоставени, средства не се доделуваат каде што се најпотребни, а минималната плата е суровата реалност за граѓаните.
„Затоа ја слушаме изјавата на министерот за економија, кој истакнува дека нема економска причина и оправданост за зголемување на минималната плата за работниците. Министерот, од безбедна дистанца и со одлична плата, им објаснува на сопствениот народ дека добро се живее со минимална плата, која, впрочем, е најниска во целиот регион. Повторно розови очила за власта и сурова реалност за работниците“, рече Трајчулевски.
Тој нагласи дека владата продолжува да ги крати средствата за значајни институции и проекти, како средствата за Инспекторатот за македонски јазик се скратени за 91%, и покрај тоа што, како што кажа, СДСМ го основа за заштита на јазикот. Според него, капиталните расходи се намалени за 15%, а фискалната консолидација се врши на сметка на инвестициите, а не преку рационализација.
„2025 година завршува со само 50% реализација. Вакво потфрлање не е видено во нашата историја. И после две години власт, нема ниту еден нов проект“, рече Трајчулевски.
Тој додаде дека владата проектира буџет од 6,7 милијарди евра, поголем од најголемиот досега, оној за 2025 година. „Ова дополнително ќе ја влоши фискалната кондиција на земјата и тоа ќе го видиме наредната година, при првиот ребаланс. Ова не е буџет за развој, ова е буџет за купување време, за купување социјален мир, за купување политички опстанок“, посочи Трајчулевски.
Тој потенцираше дека новиот буџет е доказ за континуирани неисполнети ветувања и лаги.
„Добредојдовте во реалноста, таа е пресликана во буџетот што го предлага власта. Изборите поминаа, сега граѓаните на власта веќе не ѝ се важни. Се прави крупна манипулација со лажно прикажување раст на БДП од 3,8%. За 2026 година се планира задолжување од над 120 милијарди денари. Во 2027 каматите ќе бидат 500 милиони евра, само за камати“, рече Трајчулевски.
Економија
Пренџов: Со Буџетот за 2026 ќе продолжи зголемувањето на платите во образованието, одвоени се средства за гасификација
На денешната комисиска расправа за Предлог-буџетот за 2026 година се обрати пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, кој објасни дека овој Предлог-буџет претходи на соодветен економски раст, и направи компарација со претходните буџети за време на владеењето на СДС со што истакна дека за седум години БДП во просек растел 1,1% годишно.
„На овој буџет му претходни соодветен економски раст, седум години СДСМ формирал и трошел државен буџет-народни пари, во седум години предвидувал разни проекции за раст на БДП, во просек економијата под раководство на СДСМ растела со 1,1% годишно“, рече Пренџов.
Тој истакна дека инфлацијата сега изнесува 4,3% за разлика од минатото кога била 29%, во енергетиката се издвоени средства за гасификација, и го наведе интензивното зголемување на платите во образованието и полицијата.
„Во 2022 година во Република Македонија инфлацијата била 19%, кога регионот имаше 40% помала од таа, инфлацијата на храна и пијалоци тогаш била 29%, денес е 4,3%, и тоа е разликата помеѓу едната влада и другата влада. Во енергетика имаме огромна сума за гасификација на определени територии на Република Македонија, платите во основно, средно образование, полиција има покачување, тие ќе се зголемуваат. Имаме големи средства за зголемување на дигитализацијата, УЈП го менува системот, се модернизира, данок ќе плаќа секој. Од првиот повик имаме 286 проекти со склучен договор од вкупно 287, вториот повик има 828 проекти имало вкупно аплицирано, 509 се веќе завршени, веќе има склучени договори и 76 општини направиле ребаланс“, објасни Пренџов.
Економија
Трипуновски: Oд утре почнува откупoт на тутун
Денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари средба со директорот на Тутунскиот комбинат Прилеп, Александар Алексовски, на која се разговараше за почетокот на откупот на тутун од реколта 2025 година.
„Знаете се наоѓаме на почетокот на откупната сезона на тутун од реколта 2025 година, согласно процедурите, мострите во текот на денешниот ден ќе бидат подигнати, што значи дека од утре ќе може да се почне со откуп на тутун”, истакна Трипуновски од Прилеп.
Според директорот на Тутунскиот комбинат, на сите пунктови кои се веќе пријавени, во текот на утрешниот ден ќе започне откупот на тутун и ќе трае согласно законските рокови.
Трипуновски посочи дека оваа година имаме тутун со одличен квалитет, со што се продолжува традицијата на квалитетно производство.
„Минатата година знаете дека постигнавме сериозен успех, имаме околу 11% зголемени површини од пријавени земјоделски стопанства во делот на одгледувачи на тутун. Тоа значи дека веќе го враќаме овој стратешки производ на пиедесталот”, појасни министерот.
Тој посочи дека министерството останува посветено и ќе го следи целиот процес на откупување на тутунот преку Државниот инспекторат за земјоделство, кој е надлежен за откуп на земјоделските производи.
Трипуновски истакна дека се надева дека оваа година ќе имаме поуспешна откупна сезона на тутун.

