Економија
Пуштена втората печка во „Фени индустри“
Кавадаречкиот комбинат „Еуроникел индустри“ бележи една година успешно работење и реализација на инвестицискиот план. По тој повод компанијата синоќа во Скопје имаше свечен прием, а денеска свеченост во кругот на фабриката, каде што присуствуваа највисоките владини претставници, премиерот Зоран Заев, вицепремиерот Кочо Анѓушев, претставници на деловниот и финансискиот сектор, локалната заедница, вработени. Инвестицискиот циклус „Еуроникел индустри“ го заокружи со стартување на втората печка за топење никелова руда.
Изминатава година во комбинатот се инвестирани над 80 милиони евра, а направена е дополнителна инвестицијата само во втората печка во износ од 15 милиони евра.
„Денеска сме навистина среќни и се гордееме што ги гледаме резултатите од нашата работа и што спроведовме една од најобемните странски инвестиции во земјата. Сведоци сме на рекордно брза реализација на инвестицијата и за само една година ‘Еуроникел’ стана еден од најголемите извозници во државата. Комбинатот веќе е на пат и со крупни чекори се движиме кон подобро позиционирање на светските пазари од металуршката индустрија. Со тоа ги зголемуваме вредноста на компанијата и придонесот што го дава за заедницата, за градот Кавадарци, како и воопшто за државата во целост“, изјави Маркос Камхис, директор на матичната компанија на „Еуроникел“, ГСОЛ.
По спроведувањето на планот за реорганизација, „Еуроникел“ само со една линија постигна производни рекорди од речиси 1.500 тони никел месечно. Со активирање на втората печка оперативниот капацитет на “Еуроникел’ дополнително се зголемува, со што планираното производство в година е 20.000 тони никел годишно.
„Една година по влегувањето на ‘Еуроникел индустри’ во најобемниот инвестициски процес и денес со стартувањето на втората печка, ја почнуваме следната фаза од работата на комбинатот. Со проектираните планови се движиме кон рекордни резултати и тоа ќе го доведе ‘Еуроникел индустри’ на врвот на производители на фероникел во Европа. Со работата во изминатата година постигнавме многу, го зголемивме производството, кое во целост се извезува, бројот на вработени и со тоа директно влијаеме врз растот на БДП на земјата, а сето ова го постигнавме поддржани од поволната деловна клима, поддршка од институциите и позитивните политики за привлекување на странските инвеститори, а благодарение на нашиот инвеститор, инвестицискиот фонд ГСОЛ, како и на нашите вработени. Отсега, со подобрената работа, со зголемени капацитети и поддршката од сите наши стејкхолдери, очекуваме понатамошен позитивен тренд и резултати од активностите на ‘Еуроникел’“, изјави Герасим Кујунџиев, директор на „Еуроникел индустри“.
„Овој комбинат е клучен за овој регион затоа што вработува 1.000 наши сограѓани, кои егзистираат токму од работата во ‘Еуроникел индустри’, но и затоа што е столб во креирањето на домашниот бруто-производ и на некој начин е мотор на економскиот развој. Денес, ‘Еуроникел индустри’ е производител на висококвалитетен никел, кој успешно ги освојува пазарите во Европа, Азија и Америка. Тоа се пазарите на кои се извезува целокупното производство, со што компанијата се вбројува меѓу најголемите извозници од Северна Македонија. Од 624 милиони евра, вкупната вредноста на странските директни инвестиции, 80 милиони се тука во ‘Еуроникел индустри’“, истакна премиерот Зоран Заев.
Вицепремиерот Кочо Анѓушев истакна: „Би сакал да кажам повеќе за иднината, а иднината е дека овој комбинат во моментот произведува 5 отсто од извозот во нашата држава, учествува во БДП на државата, а со новата инвестиција од 15 милиона евра во втора печка, ќе учествува уште повеќе и во БДП и во извозот и нормално ќе ѝ помогне и на државата во делот на подобрување на економските перформанси и параметри, генерално, на економијата, но и во општеството и во регионот. Не е значајна само за вработените и сопствениците. Значајна е за сите партнери што соработуваат, сите доставувачи, а тие се многубројни и од земјата, за среќа, но и од странство. Ви посакувам на сите многу убави години во иднина, многу успешна работа, посакувам да гледам среќни лица и посакувам многу успех не само на компанијата туку и на целиот регион, кој исклучително зависи од оваа компанија. Сè најдобро и многу среќа во иднина“.
Со своите производи никел и згура комбинатот е препознатлив по висококвалитетниот производ што го пласира на пазарите во Америка, Европа и Азија. Ги поседува сите најсовремени сертификати, производни, квалитативни, безбедносни и еколошки, со што може да пласира производ на сите пазари. „Еуроникел“ во моментот вработува околу 1.000 луѓе, а дополнително ангажира повеќе од 200 локални транспортни компании и има база на снабдувачи составена од повеќе од 1.000 домашни компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Рекордни приходи од концесиски надоместоци во 2025 година
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини информира дека наплатата на концесискиот надоместок за експлоатација на минерални суровини во 2025 година достигна историски највисоко ниво.
„Наплатата за 2025 година, со вкупни 1.223.455.203,00 денари, претставува историски напредок и силна основа за понатамошно подобрување на системот на концесии во Република Северна Македонија“, соопшти Министерството.
„Овие резултати се директна последица на посветените активности на Министерството за подобрување на наплатата и зајакнување на контролата врз обврските на концесионерите, вклучувајќи: засилени инспекциски контроли и теренски проверки, испраќање писмени опомени и прекршочни постапки за доцнење со обврските, едностран раскин на 46 договори со концесионери кои не ги исполнувале законските обврски (неплаќање, еколошки прекршоци, неовластено проширување на полиња, пренос на концесија спротивно на законот), стапување во сила на новиот Тарифник од 1 јануари 2025, кој го зголеми износот на концесиски надоместок до 100% и подобра координација меѓу Министерството и општините“, се наведува во соопштението.
Во него се додава деја зголемената наплата директно придонесува за зголемување на буџетите на општините каде работат концесионерите, како и на државниот буџет.
„Зголемената наплата овозможува: значително зголемени буџети на општините во кои работат концесионерите, инвестиции во комунална инфраструктура, поддршка на енергетската транзиција и проекти за обновливи извори и поголеми средства за заштита на животната средина“, појаснува Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини.
Економија
„Лукоил“ го продава имотот во странство на американска компанија
Рускиот енергетски гигант „Лукоил“ ќе го продаде поголемиот дел од својот странски имот на американската инвестициска фирма „Карлајл“, објави денес одделот за односи со јавноста на „Лукоил“. Одлуката следува по воведувањето санкции од страна на САД врз руската нафтена компанија во октомври.
САД воведоа санкции врз „Лукоил“ и „Роснефт“, во октомври лани, замрзнувајќи ги американските средства на „Лукоил“ и заканувајќи се со секундарни казни за странските субјекти што работат со нив. Санкциите, првите такви мерки наметнати од втората администрација на Трамп, се дизајнирани да извршат притисок врз Москва да се согласи на мировни преговори во Украина, со оглед на тоа што приходите од фосилни горива играат клучна улога во одржувањето на воените напори на Русија.
Договорот со „Карлајл“ не ги вклучува средствата на „Лукоил“ во Казахстан и сè уште чека одобрение од Министерството за финансии на САД, соопшти руската компанија, додавајќи дека разговорите со други потенцијални купувачи се во тек.
Вредноста на договорот не беше откриена, иако меѓународниот имот на „Лукоил“ се проценува на вредност до 22 милијарди долари.
„Лукоил“ е втор по големина производител на нафта во Русија и една од најголемите компании во земјата, со учество од 2 проценти од глобалното производство на нафта. Покрај удели во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Блискиот Исток, Африка и на други места, „Лукоил“ управува и со три рафинерии за нафта во Европа и стотици бензински пумпи низ целиот свет, вклучително и во САД.
Администрацијата на Трамп претходно одобри ослободување од санкции за бензинските пумпи на „Лукоил“ во странство додека продажбата беше во тек. Швајцарската трговска куќа „Гунвор“ првично беше заинтересирана за купување на средствата на компанијата во странство, но ја повлече својата понуда во ноември откако Министерството за финансии на САД ја опиша како „кукла на Кремљ“.
Економија
Божиновска на серија средби со амбасадори: меѓународна соработка за енергетска сигурност
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска оствари серија билатерални средби со претставниците на дипломатскиот кор во земјава. Меѓународната соработка и партнерствата со пријателските земји се клучни за обезбедување на безбедна и одржлива енергетска иднина за нашата земја, истакна Божиновска.
Продлабочувањето на енергетската соработка беше фокус на средбата на министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска со амбасадорката на Литванија, Вилма Дамбраускиене. Акцентот беше ставен на размената на искуства во енергетската транзиција и напредокот на нашата земја на тој план, како и реализација на проекти од енергетскиот сектор во насока на еколошка, економска и социјална одржливост.
Божиновска, на средбата ја истакна посветеноста на Министерството да обезбеди услови за земјата да се насочи кон енергетски одржлив амбиент.
Во рамки на средбите, министерката Божиновска разговараше со амбасадорот на Австрија во Република Северна Македонија Н.Е. Мартин Памер, при што беа разменети мислења за енергетските политики, енергетската транзиција и можностите за австриски инвестиции и експертска поддршка во развојот на одржливи енергетски проекти.
На средбата со амбасадорката на Народна Република Кина во земјава, Џианг Сиаојан се разговараше за размена на искуствата меѓу двете земји, при што беше истакната подготвеноста од кинеска страна за примена на нивните практики во справување со загадување на воздухот и примена на обновливи извори на енергија.
На средбата со амбасадорката на Украина во земјава, Лариса Дир, министерката Божиновска ги презентираше конкретните чекори коишто се преземаат со цел исполнување на европските енергетски стандарди и интеграција во заедничкиот пазар на ЕУ. При тоа, министерката Божиновска ја нагласи подготвеноста на нашата земја да помогне во напорите за заздравување на украинскиот енергетски сектор.
Билатералните средби коишто Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини ги реализира се потврда за посветеноста на Министерството во насока на остварување на визијата за чиста, праведна и одржлива енергетска иднина

