Економија
Следната недела Фондот за иновации ќе каже кои грантисти се поврзани со функционери
Деведесет отсто од компаниите кои добија државна помош од Фондот за иновации доставиле изјави дали во сопственичката структура имаат носител на јавна функција или член на неговото семејство. Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) им даде рок од 15 дена на 79 – те компании добитници на грантови да се изјаснат дали се поврзани со функционери откако беше објавено дека меѓу добитниците има компании во сопственост на функционери.
Колку од компаниите се изјасниле дека имаат функционери или членови на нивни потесни семејства во сопственичката структура, директорот на ФИТР Јован Деспотовски најави дека ќе каже следната недела.
„ Поголемиот дел од компаниите веќе ги доставија изјавите до ФИТР, но дел од нив ги имаат испратено и по пошта, па очекуваме до понеделник да се комплетира и оваа фаза. Досега, станува збор за 77 компании, бидејќи две во меѓувреме се откажаа од понатамошната постапка, за што веќе ја известивме јавноста. Веднаш по истекот на рокот и систематизирање на доставените изјави, Фондот ќе ги стави на увид на јавноста овие информации“ , изјави за „Макфакс“ директорот Деспотовски.
Повторното разгледување на апликациите, каде апликантите декларирале постоење на носител на јавна функција и/или член на негово потесно семејство во сопственичката структура Деспотовски вели дека ќе се изврши во рамките на следната работна сесија на Комитетот која ќе се закаже во најкус можен рок.
„Како директор, ќе побарам и очекувам во најскоро време да се реализира и оваа постапка, односно апликациите на компаниите кои во сопственичката структура имаат носител на јавна функција, повторно да се разгледуваат според критериумите за селекција во согласност со правилниците на повикот. Не би сакал заради овој дополнителен чекор што го правиме, а кој е во насока на зацврстување на кредибилитетот на процесот, предолго да се одложува реализацијата на инвестициските планови на овие компании. Секако, доколку Комитетот и по втор пат одлучи дека условите и критериумите за селекција за нив се исполнети“, вели директорот Деспотовски.
Договорите со грантистите се уште не се потпишани. Со компаниите кои немаат носител на јавна функција, Деспотовски очекува договорите да бидат подготвени и потпишани до крајот на август. Исплатата на првата рата ќе биде веднаш по потпишувањето и откако ќе се достави доказ дека компаниите ги уплатиле своите средства за инвестицијата. Следните исплати од Фондот ќе се реализираат квартално, односно откако ќе се изврши контрола и ќе се утврди дека средствата се искористени наменски и согласно инвестицискиот план.
Две од компаниите добитници на грантови, „ДОО Гинис 3Д Прилеп“ и „Каст инвест ДОО Скопје“ се откажаа и ги повлекоа своите инвестициски проекти. Во сопственичката структура на „Гинис“ се јавува пратеникот од СДСМ, Хари Локвенец, а пак во сопственичката структура на „Каст иневст“ се јавува вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Македонија и Словачка имаат потенцијал за поголема соработка во енергетиката
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денес оствари работна средба со амбасадорката на Република Словачка, Ивета Хрицова, во насока на унапредување на политичките односи и отворање нови можности за соработка меѓу двете држави.
Разговорите беа со фокус на можностите што постојат во енергетскиот сектор, трансформацијата на енергетските системи и користењето на словачките искуства во зелените технологии и регионалното енергетско планирање. Соговорничките разменија ставови за тековните процеси, регионалната динамика и патеките за понатамошно институционално приближување.
„Нашиот фокус е стабилен енергетски систем, модерен пристап кон реформите и партнерства што ја носат земјата напред. Словачка е важен пријател и соговорник во тие процеси, а двете земји имаат сериозен простор за повисоко ниво на соработка,“ истакна министерката Божиновска.
Амбасадорката Хрицова ја поздрави динамиката на реформите и ја нагласи подготвеноста за продолжување на комуникацијата и продлабочување на соработката во различни области поврзани со енергетската транзиција, модернизацијата и дигиталниот развој.
Во рамки на разговорот беше спомнато дека на почетокот на идната година е предвидена посета на мешовита владина делегација, на која разговорите меѓу Северна Македонија и Словачка ќе продолжат на владинo и институционално ниво, вклучително и темите од енергетиката и инвестициите. Министерката Божиновска ќе биде дел од мешовита владина делегација, што ќе ја пречека висока државна делегација од Словачка. Средбата ќе биде посветена и на разговори за енергетска соработка.
Министерството ја оценува денешната средба како уште еден чекор во градењето стабилно и современо партнерство меѓу двете држави – партнерство што се темели на европските вредности, заемната доверба и заедничките интереси на граѓаните.
Економија
Божиновска на Форум за слобода: Енергетиката не трпи импровизации и брзи, опасни потези од денес за утре – туку ред и стратегија за систем што трае, или не си фактор“
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, учествуваше на дводневниот „Форум за слобода“, меѓународн политички настан во организација на Унијата на млади сили во Северна Македонија и глобалната мрежа на центар-десни и конзервативни политички подмладоци. Настанот, обедини учесници, млади лидери од повеќе од 45 земји, со фокус на политичките, економските и стратешките предизвици пред младите генерации во Европа и пошироко.
Панелот посветен на енергетиката, на кој учествуваше министерката Божиновска, привлече значително внимание поради нејзиниот директен и аргументиран пристап кон енергетската политика – тема која денес е клучна за секоја модерна држава
Во своето обраќање, министерката Божиновска потенцираше дека од формирањето на Министерството во 2024 година, енергетскиот сектор минува низ најдинамичниот реформски период досега.
„Се соочивме со обврска сè да се одвива забрзано – да создадеме институција од нула, да ја стабилизираме состојбата и да воспоставиме јасна мисија. Денес можам да кажам: за првпат по долго време Северна Македонија има јасна енергетска насока, конкретни проекти и регионални партнери кои нè гледаат како сериозен играч,“ истакна министерката.
Божиновска нагласи дека енергетиката е сектор каде нема простор за импровизации.
„Или имаш податоци, стратегија, инфраструктура и партнерства — или немаш ништо. Затоа првата работа што ја направивме беше да ставиме ред: да видиме каде сме, што имаме, што ни недостига и што реално може да се реализира со темпо што го бараат модерните енергетски пазари,“ рече министерката.
Таа ги презентираше клучните резултати:започната реализација на гасниот интерконектор со Грција, синхронизирана работа со Србија на иден интерконектор, финализирано електроенергетско поврзување со Албанија, нов темелен Закон за енергетика, нови закони за Обновливи извори, за геологија и рударство, енергетска ефикасност, забрзани постапки за приклучување на ветерни и соларни капацитети, тригодишен план за енергетско ефикасно реновирање на јавни згради, подготовка на мастер-план за мрежата и инвестиции.
Во панел-дискусијата таа зборуваше и за регионалната интеграција како предуслов за стабилност.
„Не може држава да се затвори сама и да очекува дека ќе ги реши сите свои енергетски предизвици. Во енергетиката, самостојност без поврзаност веќе не значи сигурност – денес се гледа јасно дека само земјите кои се дел од глобалниот енергетски мрежен систем можат да бидат стабилни.“
Таа подвлече дека Северна Македонија прави пресврт во своето позиционирање:
„Интерконекторот со Грција го менува начинот на кој земјата пристапува до европските пазари и до нови извори на гас. Во паралела, со Србија и Албанија создадовме нова рамка на функционална регионална соработка. Во енергетиката, сами не можете да опстоите. Во минатото седевме сами. Не учествувавме активно на ниту еден значаен форум каде се кроеше енергетската политика – бевме аутсајдери, исклучени од главните европски и глобални процеси. Денес, тоа повеќе не е случај. “
Таа потсети и на октомврискиот Меѓународен енергетски форум, кој го организираше Министерството:
„Северна Македонија не само што денес седи на маса рамноправно со другите држави, туку ја презема и улогата на домаќин. На 14-тиот Меѓународен форум за енергија за одржлив развој (IFESD-14), во Скопје ги донесовме оние што ја обликуваат иднината на енергетиката – над 800 учесници од повеќе од 70 земји. Тоа е јасна порака дека Северна Македонија се враќа како фактор на регионалната и европската енергетска мапа.“
Без драматични чекори – туку пресметана транзиција
На прашањето за затворањето на јагленските капацитети, Божиновска беше директна:
„Не постои затворање без план, ниту сигурност без алтернативи. Поддржувам паметни, пресметани чекори со минимален ризик и максимална стабилност. Ние сме целосно посветени на зелената транзиција – но не по пат на брзи импровизации, не на грбот на граѓаните и не без стабилен извор за базна енергија. Да бидеме реални: денес веќе произведуваме над 40% електрична енергија од обновливи извори, но тоа важи кога има сонце, ветер или вода. А енергија ни треба и навечер, и во денови без ветер, и кога хидролошките услови се слаби. Затоа правиме транзиција со ред, со план и со алтернативи.
Интерконекторите се нашето осигурување, паралелно инвестираме во обновливи извори и енергетската ефикасност, која за нас е реален производствен капацитет – секој киловат што ќе го заштедиме е киловат што не мораме да го произведеме. Овој сектор не смее да прави драматични, брзи и опасни скокови. Правиме стабилни, и пресметани чекори – затоа што енергетиката е место каде или имаш контрола, план и ред или не си фактор.“
На крајот, министерката подвлече:
„ Мора да бидеме искрени: ништо во енергетиката не се случува од денес за утре. Години секторот беше запоставен, без јасен план, без инвестиции и без реални чекори напред. Она што го работиме денес е поставување темел – за во следните 5 до 10 години Северна Македонија да биде безбедна, стабилна и енергетски независна. Денес конечно имаме контрола, визија и јасен правец – и ние ја држиме таа насока.“
Економија
Божиновска: Енергетските реформи влегуваат во забрзана фаза, имаме план и сигурност
Со фокус на забрзување на енергетските реформи и координацијата со меѓународните партнери, во свечената сала на Владата денес се одржа состанок на Секторската работна група за енергетика, организиран од Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини. На настанот присуствуваа клучните институции од енергетскиот сектор, донаторската заедница, меѓународните финансиски институции и развојни партнери.
Фокусот беше ставен на размена на искуства, донаторска координација, разгледување на реализираните активности и утврдување на приоритетите за следниот циклус на реформи.
Во рамки на состанокот беа презентирани активностите поврзани со усогласување со европското законодавство, внатрешниот енергетски пазар, спроведувањето на Реформската агенда и напредокот во подготовката на Националниот енергетски и климатски план (NECP).
МЕПСО, ЕСМ и МЕМO информираа за развојот на проектите во своите области, вклучувајќи го market coupling процесот, подобрувањето на безбедноста на снабдувањето, модернизацијата на преносната мрежа и истражувањето и иновациите во соработка со академската заедница.
Министерката Сања Божиновска испрати порака за насоката во која се движи секторот, нагласувајќи дека периодот на одложувања и импровизации е завршен.
„Градиме енергетски систем што нуди стабилност, доверба и одржливост. Новиот Закон за енергетика, инвестициите во обновливи извори и активната соработка со меѓународните партнери се клучни алатки со кои ги забрзуваме реформите и ја подготвуваме земјата за енергетската иднина,“ истакна министерката Божиновска.
Таа додаде дека во тек се подготовки за серија нови инвестиции во соларни и ветерни капацитети, модернизација на мрежната инфраструктура, како и дигитализација на процеси кои се клучни за транспарентност и ефикасност.
Министерството презентираше детали за постигнатите резултати во изминатиот период, меѓу кои: започнати инвестиции во сончеви и ветерни капацитети во соработка со KfW, ЕБОР и ЕИБ; старт на критични инфраструктурни проекти, како интерконекторoт со Грција и забрзување на процесите за интерконекторот со Србија; подготовка на национален план за реконструкција на јавните згради со фокус на енергетска ефикасност; напредок во процесите за праведна транзиција со конкретни чекори на терен.
„Секој киловат што нема да го потрошиме вреди исто колку киловат што ќе го произведеме“, нагласи Божиновска.
Министерството ги претстави главните приоритети за наредниот период: финализирање на законите; продолжување на инвестициската динамика во обновливи извори и мрежи; дигитализација на процеси; унапредување на енергетската ефикасност; развој на интерконекциите; засилено следење и исполнување на роковите.
„Имаме работа која не трпи одложувања. Мора да работиме брзо и фокусирано за да имаме стабилен, модерен и поврзан енергетски систем што ќе донесе бенефит и за економијата и за државата и за граѓаните“, заклучи министерката.
Учесниците го поздравија напредокот и ја нагласија потребата од понатамошна координација во реализирањето на заедничките цели: интегриран енергетски пазар, повисока ефикасност, енергетска безбедност и континуирано вклучување на нови технологии и иновации.

