Економија
Средба на Тевдовски со германски стопанственици за продлабочување на економската соработка
Mинистерот за финансии и тимот на Министерството за финансии одржаа состанок со Економската делегација на Источниот комитет на Источноевропската асоцијација на германската економија, предводена од генералниот директор Мајкл Хармс.
„Владата се фокусира на создавање услови во кои економскиот раст е генериран од приватниот сектор. Среќни сме што токму тој го движи растот од 3,1 отсто во второто тримесечје на 2019 година. Во минатото растот бил креиран од државна интервенција главно во непродуктивни проекти. Успешниот приватен сектор, НАТО-интеграциите и продуктивните инвестиции на државата ќе ни овозможат исполнување на целосниот капацитет на нашата економија“, изјави министерот за финансии. Тој се заблагодари за поддршката што Германија ѝ ја дава на земјава во овие процеси.
Со цел засилување на присуството на германските компании во Македонија, на состанокот се зборуваше и за нивните потреби како инвеститори. Еден од предусловите за влез на пазарот на германските компании е постоењето квалификуван кадар.
Токму со цел да се излезе во пресрет на потребите на пазарот на трудот, во Македонија почна да се спроведува дуалното образование. Германската влада со двајца експерти ќе го поддржи развојот на професионалното образование во земјата. Дополнително, во б0уџетот за 2019 година се предвидени највисоки средства за активните мерки за вработување. Преку оваа програма на краток рок ќе се реши проблемот со поврзувањето на понудата и побарувачката за кадар на пазарот на трудот. Во буџетот за в година поддршката за приватниот сектор бележи раст од 37 отсто.
На средбата беа дискутирани клучните процеси во државата важни за инвеститорите. Тоа се: евро-атлантските интеграции на земјата, даночната реформа, воведувањето европски стандарди во работењето и фискалната транспарентност.
Разговарано беше како за идните можности така и за моментната економска соработка помеѓу Македонија и Германија. Во 2017 година во Германија извезени се стоки во вредност од 2.351 милион евра, што претставува највисок остварен извоз од 2008 година наваму и раст од 15,1 отсто во однос на 2016 година. Во периодот јануари-септември 2018 година, пак, извозот во Германија изнесува 1.951,6 милион евра. Ова е раст од 13,5 отсто во однос на истиот период минатата година. Во 2017 година од Германија увезени се стоки во вредност од 803,7 милиони евра, што претставува раст од 6,6 отсто во однос на 2016 година. Во периодот јануари- септември 2018 година увозот од Германија изнесува 643,6 милиони евра, што претставува раст од 11,6 отсто во однос на истиот период минатата година. Германија е најзначаен трговски партнер на Република Македонија. Во структурата на вкупната надворешно трговска размена на нашата земја размената со Германија во првите девет месеци од 2018 година изнесува 26,6 отсто и се карактеризира со трговски суфицит.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Нацевска: Кога плаќањата се извршуваат без напор, економијата расте со доверба
„Единствената област за плаќања во евра, СЕПА, веќе е дел од нашата реалност. Тоа не е само симбол, туку и услуга. Преку пониските трошоци, брзината и едноставниот сет информации потребен за извршување на плаќањето, граѓаните и компаниите од нашата земја веќе ги чувствуваат придобивките кога испраќаат пари или кога плаќаат снабдувачи во странство или, пак, кога примаат дознаки од странство“, порача вицегувернерката на Народната банка, Емилија Нацевска, во завршното обраќање на 16. конференција за плаќањата и пазарната инфраструктура, одржана под наслов „Преповрзување на плаќањата во дигиталната ера“.
Вицегувернерката истакна дека следниот приоритет е развивањето и воведувањето инстант плаќања, како нова навика, а не само можност. „Целта е практична – да можете да платите и да ви биде платено за неколку секунди, во секое време (24/7/365), преку безбеден систем и со сигурно порамнување преку централната банка“, рече Нацевска, додавајќи дека меѓусебното поврзување на платните системи на земјите од Западен Балкан, како и со европскиот ТИПС ќе придонесе за побрза економска интеграција на регионот во Европската Унија.
Покрај СЕПА и инстант плаќањата, во фокусот на Конференцијата беа и отпорноста и довербата во платните системи, како предуслов за стабилност, којашто е неопходна за непречено функционирање на економијата. Нацевска истакна дека размената на искуства, тестирањето и координираното реагирање при инциденти се клучот за одржувањето на довербата на јавноста.
Посебно внимание ѝ беше посветено на улогата на финтек-компаниите и на небанкарските даватели на платежни услуги, коишто веќе се рамноправен дел од системот. „Тие носат брзина, практичност и конкуренција, но со тоа и одговорност за заштита на корисниците и податоците“, нагласи таа.
Во однос на иновативните решенија и регулативата, вицегувернерката порача дека тие не треба да се гледаат како спротивности, туку дека регулаторите треба да создадат простор за нови идеи, но и да обезбедат сигурност на плаќањата и заштита на клиентите, бидејќи рамнотежата меѓу иновацијата и стабилноста е исклучително важна, рече Нацевска, нагласувајќи ја важноста на пропорционалноста во регулирањето, заради обезбедување еднакви правила и правични услови за сите учесници на пазарот.
Во своето завршно обраќање, Нацевска потсети дека ако на претходната конференција се зборуваше за планови, оваа година веќе се истакнуваат конкретни резултати и реални решенија.
„Се движиме во вистинската насока – од дизајн кон услуга, од концепти кон видливи придобивки“, заклучи вицегувернерката, изразувајќи им благодарност на сите учесници, партнери и организатори на Конференцијата за нивните идеи, соработка и посветеност во градењето подобар и посигурен платен екосистем.
Економија
Истече рокот за поднесување и плаќање на ДДВ обврските за третиот квартал
Управата за јавни приходи ја информира јавноста дека заклучно со 27 октомври 2025 година, кога истече законскиот рок за поднесување на ДДВ-04 пријавите и плаќање на даночниот долг за третиот квартал од 2025 година, сè уште постојат даночни обврзници кои не ги исполниле своите законски обврски.
Според евиденцијата на УЈП, остануваат неподнесени 2.209 тримесечни и 146 месечни пријави, како и 7.436 тримесечни и 1.270 месечни даночни обврзници кои не го извршиле плаќањето на пријавениот даночен долг. Редовноста во исполнувањето на обврските е знак на одговорност и доверба, вредности што заеднички го градат системот во кој сите учествуваме и веруваме.
Управата за јавни приходи веќе достави персонализирани известувања до сите обврзници со пријавен, а ненаплатен долг за соодветниот даночен период.
Во тек е спроведување на активности и мерки во координација со сметководителите и обврзниците, со цел да се избегнат блокади на сметки и дополнителни трошоци за присилна наплата. Важно е да се внимава на роковите, бидејќи за секој ден на задоцнување се пресметува камата во износ од 0,03% од преостанатиот долг, како и изрекување на дополнителни глоби. Оттука, потсетуваме на обврската за точно, целосно и навремено плаќање на поднесените ДДВ-04 пријави. По доставата на опомените, Управата ќе пристапи кон присилна наплата кај сите обврзници кои нема да го подмират долгот доброволно. УЈП апелира до сите засегнати обврзници да постапат одговорно и навремено, со цел да се обезбеди стабилна даночна историја и да се избегнат непотребни последици. За дополнителна помош и поддршка, даночните обврзници и сметководителите можат да се обратат преку е-пошта на [email protected] или телефонски на 0800 33 000 (од фиксен) и 02 3253 200 (од мобилен). Вашата дисциплина денес е вашата предност утре.
Економија
„Реплек“ на најпрестижниот саем за фармација CPHI – потврда за конкурентноста, квалитетот и интернационалниот потенцијал
Портфолиото на фармацевтската компанија „Реплек“ и оваа година предизвикува голем интерес на CPHI саемот за фармација, кој од 28-ми до 30-ти октомври се одржува во Франкфурт, Германија, под мотото „Ја обликуваме иднината на фармацијата“. CPHI саемот е собир на глобалните лидери во фармацијата и во неговите рамки се презентираат иновациите во индустријата.
„Реплек“ го презентира своето производно портфолио – фармацевтски производи и козметика, а значително внимание предизвикуваат производите на компанијата на база на канабис, за кои интересот континуирано расте. Во рамките на саемот, менаџментот на компанијата остварува бројни средби за проширување на соработката и освојување на нови пазари и понатамошно унапредување на позициите кои се градени 80 години, јубилеј кој годинава го одбележува компанијата.
„‚Реплек’ континуирано вложува во дигитализација, иновации, лансирање на нови производи, како и во проширување на пласманите. Наша стратешка цел е продлабочување на постојните партнерства и склучување нови, со цел ширење на компанијата и на пазарите каде што досега не сме биле присутни. Со воведувањето напредни технологии и иновативни решенија во портфолиото, нашите производи и брендови сѐ повеќе го освојуваат меѓународниот фармацевтски пазар, на кој ја потврдуваме нашата позиција како конкурентен производител, но и како сигурен и доверлив партнер. Нѐ радува фактот што реномирани компании од Европската унија, Јужна Америка и Азија го потврдуваат интересот и веќе имаме најава за проширување на соработката. Дополнително, саемот е одлична можност за привлекување потенцијални партнери не само за извоз во регионот и пошироко, туку и за истражување на интересот за Реплек како регионален дистрибутер и партнер за продажба и маркетинг на Балканот“, изјави Душан Пецовски, генерален директор на „Реплек“.
Во рамките на саемот, заедно со меѓународните партнери, „Реплек“ ќе го одбележи и својот 80-годишен јубилеј. CPHI покажува дека долгогодишната фармацевтска традиција е нешто што високо се вреднува на меѓународниот пазар, ја зголемува довербата во компанијата и нејзината конкурентност. Континуираното сертифицирање со EU GMP сертификатот за добри производни практики е уште еден аспект кој значајно влијае на конкурентноста на компанијата на меѓународниот пазар.
CPHI е највлијателниот светски фармацевтски настан, кој годинава се одржува по 36 пат, а свое учество на саемот имаат најзначајните фармацевтски компании. Оваа година саемот на едно место собра повеќе од 62.000 професионалци и експерти од над 166 земји, а нивните предавања за најновите достигнувања во областа на фармацијата предизвикуваат огромен интерес. Присутни се и 2.400 изложувачи од целиот свет. Саемот секоја година се одржува на различна локација. На овој престижен настан компаниите од фармацевтскиот сектор од целиот свет имаат можност за промоција на своите портфолија, како и презентација на нивните иновативни производи и брендови.
Компанијата „Реплек“ околу 75 отсто од своите производи ги пласира на странските пазари, во повеќе од 25 држави во Европската Унија, Централна и Југоисточна Азија, како и во регионот Адрија. Најголема потврда за високиот квалитет и конкурентноста на производите на компанијата која има 80-годишна традиција, е фактот што голем дел од нив на некои од пазарите се во рангот на најпродаваните.
„Реплек“ континуирано инвестира во модернизација и унапредување на своето производно портфолио, со цел зајакнување на своите пазарни позиции. Во таа насока е и значајното двојно меѓународно признание кое компанијата го доби минатиот месец, односно двата EAEU GMP сертификати, кои се резултат на инспекции кои потврдуваат дека производствените процеси и системот за квалитет на „Реплек“ се целосно усогласени со принципите за добра производна пракса регулирани за Евроазиската економска унија. Овие сертификати се потврда за високите стандарди што се применуваат во секоја фаза од работењето и постојаното подобрување на квалитетот на секој чекор, од развојот и производството, до финалната дистрибуција.
(ПР)

