Економија
ССК: Арбитражата недоволно искористена од малите и средни компании
Арбитражата е еден од најдобрите и најбрзи начини за решавање на стопанските спорови, но за разлика од користењето на арбитражата во светски рамки, кај нас сè уште е мал бројот на решени спорови по пат арбитража кои произлегуваат од деловни односи помеѓу компаниите, но и институциите, истакна потпретседателот на Сојуз на стопански комори на Македонија, Александар Милошевски.
„Деловната зедница е динамична и ѝ е потребен соодветен механизам за решавање на споровите и побрза наплата на своите побарувања во пократок рок, со помали трошоци. Ефикасноста во решавањето на предметите на странките по пат на арбитража им овозможува заштеда на трошоци, заштеда на време и поголема сигурност во постапката. Брзината е една од најголемите предности на арбитражата, споровите се решаваат вообичаено во рок од 3 до 9 месеци, при што се избегнуваат сите непотребни формалности и долгите судски спорови. Предност, исто така е што арбитражната е конечна, без можност за жалба, се гарантира повеќе автономија на страните и секако, повеќе автономија во предметите од меѓународен карактер што се изразува преку изборот на апликативното право и процедуралните правила. Квалитетна арбитражната постапка е од голема важност за сигурноста на сите инвеститори во нашата земја“, истакна Милошевски.
Тој додаде дека во последните години расте трендот на компаниите при склучување на договорите да вметнуваат клаузула за решавање на деловните спорови по пат на арбитража како алтернатива за спогодбено надминување на спорот, но не доволно. Во таа насока, додаде, потребна е поголема афирмација на арбитражната постапка како на приватниот сектор, така и во договорите со јавниот сектор особено при склучување на јавно приватно партнерство каде е предвидено и користење арбитража со посочување по кое право ќе се одлучува.
„Позитивно е тоа што во последните години се зголемува свеста за договор на странките за користење на арбитражата, особено кога станува збор за договори на домашни и странски големи компании, како и при договори на јавно приватно партнерство, но евидентирано е дека малите и средни компании недоволно ја користат арбиражата. За таа цел неопходна е афирмација за користење на арбитражата на сите нивоа и меѓу компани и институции за спорови за кои нема предвидено исклучителна судска надлежност. Предноста е тоа што и двете странки можат да изберат експерти кои ќе работат на спорот и со тоа ќе ги избегнат долгите спорови пред националните судови. Во светот 80 проценти од стопански спорови се решаваат по пат на арбитража, во САД и до 90 проценти од споровите завршуваат на арбиража“, појасни Милошевки.
Сојузот на стопански комори смета дека неопходно е актуализирање на арбитражното решавање на спорови, дополнително и во соработката на компаниите со државните институции, општините, како и при работа на тендерски постапки. Во рамки на Сојузот, како институција чија примарна улога е да ги застапува и да ги заштити интересите на компаниите членови, постои Постојан избран суд – Арбитража на истакнати арбитри, професори, експерти, академици од областа кои учествуваат во решавањето на споровите.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Мицкоски: 300 компании се предвидени да бидат поддржани со грантовите во вкупен износ од 25 милиони евра
Премиерот Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на тоа дали ќе се обезбедат грантови за адаптирање на компаниите кон зелена трансформација и заштита на животната средина, изјави:
„Да работиме, практично Инова агенцијата, околу овозможување и обезбедување грантови за компаниите, посебно во делот на енергетската трансформација. Имав и таму едно многу интересно обраќање. Да, за енергетската трансформација, но треба да сме многу внимателни. Затоа што не сум сигурен, а тоа се сложија и голем број од учесниците на тие панели, дека со таа енергетска трансформација, ние можеме на долг рок да генерираме базна енергија којашто е потребна на индустријата за потребите на самата индустрија. Тоа треба да се одвива чекор по чекор, затоа што секоја избрзана постапка може да направи штета по индустријата и по државата. Но, колку за информација за компаниите, некаде околу 300 компании се предвидени да бидат поддржани со овие грантови во вкупен износ од 25 милиони евра и наскоро ќе има и за тоа објава во јавноста и јавен повик.“
Економија
Комисија за заштита на конкуренцијата: Лани се изречени казни во вредност од над 53 милиони денари
Комисијата за заштита на конкуренцијата информира дека во текот на 2025 година се изречени казни за повреди на одредбите од Законот за заштита на конкуренцијата и за повреди на одредбите од Законот за забрана на нефер трговски практики, во вкупна вредност од 53.044.555,00 денари.
„Со овие санкции, Комисијата испраќа јасна и недвосмислена порака дека картелските договори, забранетите договори, злоупотребата на доминантна позиција, непријавените концентрации и нефер трговските практики нема да се толерираат. Казните имаат изразена превентивна улога и претставуваат ефикасен механизам за одвраќање од идни повреди на пазарните правила“, велат од Комисијата.
Од таму најавуваат дека ќе продолжат со активен надзор и доследна примена на законските овластувања, со цел обезбедување фер и транспарентни пазарни услови, еднаков третман на економските оператори и ефективна заштита на конкуренцијата и интересите на потрошувачите.
Економија
Македонија2025 објави повик за компании: Аплицирајте за користење на бесплатна експертска поддршка од канадски советници
Македонија2025 објавува повик за апликации од македонски компании за Битов – Програмата за претприемачи.
Битов – Програмата за претприемачи е основана во соработка со Catalyste+ (поранешна CESO – Canadian Executive Service Organization). Catalyste+ е канадска организација со 50 годишнo искуство во меѓународниот економски развој. Организацијата работи на развој на приватниот сектор односно бизниси кои ќе просперираат на национално и меѓународно ниво.
Македонија2025 има заедничка мисија со Catalyste+ да влијае на подобрување и зајакување на конкурентноста на македонските компании и ја спроведува оваа програма во Македонија од 2018 година. Досега, преку оваа програма се поддржани над 30 македонски компании. Советниците на Catalyste+, кои се професионалци со богати професионални кариери, ќе ја донесат својата експертиза директно во Македонија, и ќе работат на конкретни предизвици со кои се соочуваат македонските компании, согласно нивните барања и потреби.
Македонија2025 целосно ја покрива тарифата за советникот, како и доаѓањето до Македонија. Компаниите имаат обврска да обезбедат сместување, оброци и локален транспорт за советникот (доколку е потребно).
Кој може да се пријави?
Програмата е наменета за микро, мали и средни компании* кои ги исполнуваат следните услови:
· Минимум една година од постоење на компанијата;
· Сопственик и управител на компанијата е македонски државјанин и жител;
· Лице од компанијата кое ќе биде постојано достапно на консултантот, најтесно ќе соработува со него за време на посетата и има добро познавање на англиски јазик;
· Високо ниво на посветеност од страна на менаџментот на компанијата;
· Во добра финансиска состојба (има можност за спроведување на промените и препораките од консултантот);
· Ги исполнуваат критериумите за микро, мали и средни компании.
По можност да работат во следните дејности: туризам и угостителство, финансии, агро-бизнис, ИКТ, менаџмент на природни ресурси, обновливи извори на енергија, прехранбена индустрија итн.
*Предност ќе имаат компании кои се извозно ориентирани и нудат иновативни решенија.
Повеќе за програмата, начинот на аплицирање и потребна документација ќе ги најдете ТУКА.
За искуствата, и придобивките на компаниите кои учествувале во програмата погледнете ТУКА.
Краен рок за пријавување: 15.03.2026 год.

