Економија
Тренчевска: 3000 денари месечно за млади до 23 години кои работат во производство

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска денеска ја посети компанијата Раде Кончар која работи на сервис и поправка на електрични производи. Целта на посетата беше министерката да се сретне со млади лица кои работат во производство и лично да го промовира Законот за младински додаток.
Преку овој закон на младите лица до 23 години кои се во производствена дејност им се исплаќа надоместок од државата од 3000 денари месечно. Користењето на ова право прекинува со навршување на 23 години на младите лица. Со ова право во 2021 година биле опфатени вкупно 2500 лица, додека во 2022 година бројката се зголемила на 3500.
Министерката за време на нејзината посета во погоните за работа разговараше со вработените кои не ја искористиле мерката за младински додаток и ги советуваше за чекорите до користење на надоместокот од 3000 денари.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Ангеловска-Бежоска на пролетните средби во Вашингтон: Носителите на политиките ќе разговараат за светската економија

Гувернерката на Народната банка, Анита Ангеловска-Бежоска и министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, ја предводат делегацијата којашто ќе ја претставува нашата земја на Пролетните средби на групацијата на Светската банка (СБ) и Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), коишто се одржуваат во Вашингтон, САД. Во состав на делегацијата учествуваат и вицегувернерите Фадил Бајрами и Ана Митреска.
Гувернерката и вицегувернерите веќе остварија средба со претставници на Федералните резерви на Њујорк ‒ најголемата банка во американскиот ФЕД. Разговараа за уште подобра соработка, особено за плаќања и трансакции во долари, како и за начините за управување со државните хартии од вредност. Се зборуваше и за заедничка работа во области како што се монетарната политика, управувањето со девизните резерви и ризиците и новите трендови во банкарството.
Гувернерката со вицегувернерите ќе имаат повеќе состаноци со претставници на ММФ. Делегацијата треба да оствари средби со заменикот на генералниот директор на ММФ, Бо Ли, директорот на ММФ за Европа, Алфред Камер, извршниот и алтернативниот извршен директор, Хероен Клик и Марникс ван Риј, како и со тимот на ММФ за нашата земја. Гувернерката и вицегувернерите ќе остварат средби и со претставниците на одделите за статистика, за монетарни и капитални пазари и правни работи при ММФ, на кои ќе се споделат досегашните достигнувања од заемната успешна соработка.
Во рамките на Пролетните средби, делегацијата ќе одржи состаноци и со високи претставници на Светската банка, заменик-претседателката на СБ, Антонела Басани, директорката за Западен Балкан во СБ, Шијаочинг Ју. Делегацијата ќе присуствува и на редовниот состанок на земјите членки на Конституенцата.
Гувернерката и вицегувернерите ќе имаат средби и со претставници на Алијансата за финансиска вклученост (АФИ), заради размена на искуства за засилување на активностите за финансиска и родова вклученост. Претставниците на Народната банка ќе учествуваат и на тркалезната маса на Светската банка за зајакнување на регионалната соработка во доменот платежните системи.
Пролетните средби се значајна можност за носителите на економските политики од целиот свет да разговараат за важни и актуелни теми. Особена важност имаат состаноците на Светската банка и ММФ, каде што се разгледува напредокот во нивната работа. Темата оваа година е: „Работа – патот до успехот“.
Економија
УЈП: Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави

Даночните обврзници имаат рок до петок да поднесат ДДВ – 04 пријави, потсетува Управата за јавни приходи.
„Со цел да се обезбеди непречено поднесување на ДДВ-04 пријавите за овој даночен период, ИТ тимовите на УЈП ќе работат и во попладневните часови. Процесот на поднесување на ДДВ – 04 пријавите се одвива непречено и заклучно со вчерашниот ден, 22 април 2025 година од очекуваните 40.885, вкупно 12.202 даночни обврзници поднеле ДДВ-04 пријави, што претставува близу 30% од вкупниот број на даночни обврзници кои треба да поднесат ДДВ-04 пријави“, влеат од УЈП.
Од таму апелираат даночните обврзници кои имаат обврска да поднесат ДДВ-04 пријави за овој даночен период, а сè уште не ги поднеле истите, уште денес да ја достават потребната документација до сметководителите со цел до законскиот рок 25 април 2025 година (петок) да ги исполнат своите даночни обврски.
„Навременото поднесување на ДДВ-04 пријавите не е само законска обврска, туку и клучен фактор за финансиска стабилност и градење на довербата во институциите“, велат од УЈП.
Економија
Извршена исплата од 224.748.332 денара кон 7.826 лица за остварено производство на овошје

Денеска се изврши исплата од 224.748.332,00 денари кон 7.826 лица.
Исплатата како што информираат од Министерството за земјоделство, се однесува на дополнителните директни плаќања за остварено производство на овошје, мерка 1.9 Дополнителни директни плаќања од подмерка 1.8. за остварено производство на овошје од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството за 2024 година.
Корисници на оваа подмерка се земјоделските стопанства кои имаат засадени површини со следните овошни видови: јаболка, слива, праска, вишна, цреша, кајсија, круша, јапонско јаболко, лешник, орев, бадем и калинка, а оствареното производство е предадено на регистриран откупувач, вклучително и произведените овошни култури за потребите на сопствениот преработувачки капацитет или е користено за домашни потреби или е продадено на пазар.
Грижата кон земјоделецот продолжуваме да ја покажуваме на дело, велат од МЗШВ.