Економија
Македонска делегација на регионален форум на иновација, технологија и претприемаштво Sarajevo Unlimited 2018“
Од денеска до 7 ноември во Босна и Херцеговина се одржува третиот регионален форум за иновација, технологија и претприемништво – Sarajevo Unlimited 2018, на кој ќе учествува и македонска делегација предводена од директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, Јован Деспотовски. Тој ќе ги претстави мерките и активностите што ги презема државата за зголемување на економскиот раст преку поддршка на успешни иновативни бизниси.
Sarajevo Unlimited 2018 претставува прв регионален форум за иновација, технологија и претприемаштво, а целта на настанот е создавање платформа што ќе ги претстави и акцентира успешните приказни на она што веќе е постигнато во регионот во однос на имплементирање на иновациите во образованието и бизнис-екосистемот, но и поефикасно поврзување на инвеститорите, пазарите и релевантните институции.
Во рамките на третото издание на фестивалот ќе се одржи и посебна конференција за Кина и земјите од Централна и Источна Европа со наслов „16+1“. Во рамките на оваа конференција високи претставници од единаесет земји од Европската Унија и пет балкански земји ќе остварат средба со цел да ја промовираат соработката на полето на иновациите, технологијата, науката и претприемаштвото.
Се очекува повеќе од 400 странски делегати да го посетат форумот вклучувајќи и претставници на владини институции, корпорации, универзитети и истражувачки центри, како и креативни хабови.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Живко Мукаетов реизбран за член на Одборот на директори на Американската стопанска комора
Американската стопанска комора (AmCham) вчера го одржа своето 25-то генерално собрание, одбележувајќи значаен јубилеј – четвртина век посветена работа за поддршка на развојот на домашната економија, унапредување на деловното опкружување, размена на добри деловни практики и застапување на интересите на своите членки, кои денес надминуваат бројка од 150 субјекти во земјава.
Во рамките на овогодишното собрание, за член на Одборот на директори на AmCham по вторпат беше избран г. Живко Мукаетов, Генерален директор и Претседател на Управниот одбор на „Алкалоид“ АД Скопје, со што уште еднаш се потврдува неговата посветеност, како и посветеноста на компанијата на принципите за транспарентност, интегритет и за активно учество во градењето подобра бизнис-клима.

„Алкалоид“ е долгогодишен и горд член на AmCham Северна Македонија од основањето на Комората во 2000 година. Компанијата активно ја поддржува нејзината мисија и редовно учествува во иницијативите, одразувајќи ја својата силна посветеност на принципите за одговорно корпоративно управување. AmCham претставува важна платформа за соработка со водечките американски и домашни компании и овозможува конструктивен дијалог за политики, конкурентност и за економски развој.

Покрај г. Мукаетов, во новиот состав на Одборот на директори беа избрани и Огњен Лазиќ (Пивара Скопје), Драган Давитков (PwC), Александра Ивановска (Рош) и Костас Николау (Титан Усје). Работата на Одборот на директори на Американската стопанска комора е фокусирана на унапредување на регионалната соработка, како и на соработката со клучните владини институции и со Амбасадата на САД, а еден од суштинските аспекти на овој одбор е мотивирање и охрабрување на членките на AmCham да бидат гласот на прогресивниот бизнис-сектор. Мрежата на AmCham низ Европа брои 49 подружници.

По завршувањето на официјалниот дел беше организиран свечен јубилеен прием, на кој присуствуваа претставници од институциите, дипломатскиот кор, меѓународните организации и од компаниите членки. Настанот уште еднаш ја потврди улогата на AmCham како платформа која ги поврзува јавниот и приватниот сектор, која поттикнува партнерства и која иницира структурни реформи.
По повод 25-годишнината, „Алкалоид“ упатува искрени честитки до AmCham и ги поздравува нејзината значајна улога и придонесот во развојот на деловната заедница.
(ПР)
Економија
ТИРЗ: Германска компанија за машинско инжинерство заинтересирана за инвестиција
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски денес оствари средба со Матиас Лаубенштајн, директор на Heidelberg Postpress, германска водечка технолошка компанија која веќе 175 години се залага за иновации, квалитет и сигурност во машинското инженерство ширум светот. Средбата опфати презентирање на можностите и поволностите кои ги нуди Македонија преку зоните, при што беа разгледани ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијални локации за отворање на нов производствен погон од страна на германската компанија.
Димовски посочи дека Дирекцијата за ТИРЗ активно соработува со сите засегнати страни со цел континуирано подобрување на условите во зоните, а беше нагласена стратешката локација, како и даночните поволности кои се достапни за инвеститорите. Тој додаде дека интересот на ваква реномирана компанија претставува силна потврда за атрактивноста на Македонија и ТИРЗ како локација за странски директни инвестиции. Како што рече Димовски, вложувањето во напредни технологии и висока додадена вредност е приоритет, а соработката со компании кои имаат долга традиција и глобално присуство ќе донесе значајни придобивки за целата економија.
Од страна на Лаубенштајн, беше изразен особен интерес за инвестирање во рамки на зоните, при што акцентот беше ставен на ТИРЗ Скопје и ТИРЗ Штип како потенцијална локација. Toj нагласи дека стабилната деловна средина, пристапот до квалификувана работна сила и јасната и транспарентна поддршка од институциите се клучни фактори во нивните анализи за избор на нова локација.
Со јасен фокус на раст, како снабдувач на целосни решенија компанијата го поттикнува понатамошниот развој во основните области на пакување и дигитално печатење, софтверски решенија и бизнисот со животниот циклус со услуги и потрошен материјал, така што клиентите можат да постигнат максимална продуктивност и ефикасност. Компанијата моментално се фокусира и на проширување во нови деловни области како што се високо прецизно инженерство на постројки со интегрирана контрола, технологија за автоматизација и роботика, како и растечките зелени технологии.
Економија
Димитровски: ЦЕФТА не е само регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на ЦЕФТА неделата 2025, што се одржа во Приштина, Косово. Настанот, организиран од актуелното косовско претседателство со ЦЕФТА, беше фокусиран на унапредување на конкурентноста, дигиталната трансформација и на постепената интеграција на регионот во Европската Унија.
Во своето обраќање, Димитровски, нагласи дека од декември минатата година, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презеде и надлежноста за надворешната трговија. Во таа смисла, посочи дека оваа трансформација е дел од пошироката определба на Владата да ја зајакне економската дипломатија, да го подобри економскиот настап на државата во странство и да создаде поцврсти врски со меѓународните пазари.
„Активностите поврзани со ЦЕФТА се само дел од пошироката економска агенда на Министерството, чија цел е да создаде подобра деловна клима и да ја зајакне позицијата на државата на регионалните и европските пазари“, рече тој.
Димитровски во своето излагање, особено го акцентираше претседавањето на Република Северна Македонија со два клучни органи во рамките на ЦЕФТА – Комитетот за олеснување на трговијата и Поткомитетот за нетарифни мерки. Тој посочи дека под наше водство биле постигнати значајни и практични резултати во однос на подобрени процедури за стопанството, дигитални алатки кои го олеснуваат пристапот до пазарите, поефикасни системи за следење на трговските бариери, како и унапреден процес на меѓусебно признавање на одредени професионални стандарди.
Во овој контекст, тој објасни дека модернизацијата и дигитализацијата кои ги спроведуваат земјите од ЦЕФТА придонесуваат регионот постепено да се усогласува со европските правила и практики, што е важно за економиите и за деловната заедница.
„ЦЕФТА не е само наш регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија,“ нагласи Димитровски.
Во дискусиите беше потврдено дека напредокот на Заедничкиот регионален пазар 2025–2028 останува клучно достигнување на регионот, а дека ЦЕФТА продолжува да се развива во попредвидлив и поконкурентен систем ориентиран кон потребите на стопанството.
Заменик-министерот истакна дека посакува ЦЕФТА до 2030 година природно да го заврши своето постоење, бидејќи Република Северна Македонија, земјите од Западен Балкан и Молдавија ќе станат членки на ЕУ, исто како што тоа се случи со земјите од Централна Европа, со што ЦЕФТА целосно ќе ја исполни својата мисија.
На маргините на настанот, заменик-министерот оствари и повеќе средби со претставници од земјите партиципиенти на ЦЕФТА при што бес разменети мислења за продлабочување на економската соработка и зајакнување на интегративните процеси во регионот на Западен Балкан.

