Економија
Ученици изработија еко-проекти за чиста вода, воздух и почва
Еколошки филтер со зеолит за прочистување на водата, воздухот и почвата, систем за детекција на гасови во воздух во работни простории, пречистителна станица за отпадни води која може да се користи за наводнување особено во земјоделието се само дел од еко-проектите на кои работат ученици од повеќе основни и средни училишта, наградени на „Предизвик за млади истражувачи“ од Фондот за иновации и технолошки развој.
Меѓу шесте еко проекти претставени на мини-саем во Битола е и еколошкиот филтер за намалување на штетното влијание на јаглерод диоксид изработен од учениците од “Димитар Влахов“ од Струмица.
„Изработивме еколошки филтер направен од зеолит, минерал кој помага да ги прочистиме водата, воздухот и почвата. Најпрвин изработивме прототип, а потоа и филтер кој го поставивме на ауспухот од автомобил. Мерењата покажаа дека количеството јаглероден диоксид се намали за 30 проценти“, вели ученичката Бранкица Митова.

Ученици од основното училиште „Манчук Матак“ од Кривогаштани изработија пречистителна станица за отпадните води, која потоа може да се искористи за наводнување и е особено применлива во земјоделието.
„Со нашиот проект со природни ресурси до еколошки здрава животна средина изработивме прототип на пречистителна станица за отпадни води. Отпадната вода минува низ ротатор што ја води низ различни комори на пречистителната станица и потоа се добива употреблива вода за наводнување која преку хидросистем се доставува до земјоделците. Овој проект е пред се наменет за земјоделците кои особено во летните периоди се соочуваат со недостиг на вода за наводнување. Нашиот план е ова решение да им го понудиме и на општините, посебно во реоните каде што земјоделството е примарна дејност“, вели ученикот Христијан Боцовски.
Учениците од приватното училиште САБА креираа систем за детекција, анализа и следење на присуството на штетните гасови во воздухот во работни простории, нивните врсници од средното скопско учичлише Раде Јовчевски Корчагин со нивниот проект „Грин Аир“ засадија специјални растенија во училниците како како природни прочистувачи на воздухот, додека учениците од ООУ Стив Наумов работата на проверка на квалитетот на воздухот во училниците со поставување на сензори-мерачи со кои се мери влажноста, температурата и присуството на јаглерод диоксид во воздухот. Средното училиште „Јосип Броз Тито“ Битола пак ја идентификува концентрацијата на тешки метали во почвата во регионот на Битола и нивната географска распространетост, особено кај РЕК Битола.
Во програмата наменета за млади истражувачи која втора година по ред ја спроведува Фондот, до сега се наградени 54 училишта кои работат на проекти во кој се вклучени над 500 ученици.

Јован Деспотовски, директор на ФИТР
„Целта на оваа програма е да се поттикне критичкото и креативно размислување кај младите и да се охрабрат да останат тука и да развијат свој бизнис. Покрај Предизвик за млади истражувачи, дополнително развиваме уште две програми со Американската агенција за меѓународен развој-УСАИД и со УНИЦЕФ, чија цел е да се креираат ученички компании со кои потоа ќе може на ваквите проекти да им се додаде и комерцијална вредност. Oтвораме нови можности за младите и оваа поддршка ќе продолжи, бидејќи државата ги поддржува младите да се охрабрат да развијат свој бизнис и да останат тука, “ истакна Јован Деспотовски, директор на ФИТР.
Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска најави дека и во иднина ќе поддржуваат вакви настани и училишни програми.
„Овој саем е од особено значење затоа што преку овие проекти се излегува од теоријата на хартија и им овозможува на младите луѓе низ реални експерименти и низ реални истражувачки методи, она што го научиле во теоријата да го применат во пракса. Ова отвора широки врати за младиот ум, за жуборот на творечкиот дух, но и на иновативноста и навистина во оваа насока треба и да продолжиме. Особено ме радува што младите луѓе се заинтересирани за ваквиот вид на истражување, но и наставниот кадар кој дава сериозна поддршка во ваквите програми“, рече Петровска.
На последните два повика за млади истражувачи се пријавија по 100 училшта. Деспотовски најави дека поради сѐ поголемиот интерес, на почетокот од второто полугодие ќе биде објавен и третиот повик „Предизвик за млади истражувачи“.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Kонцесионерите мора да носат развој за граѓаните, кажа Божиновска и најави засилен инспекциски надзор
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, во рамки на работната посета на Општина Прилеп оствари средба со градоначалникот Дејан Проданоски, на која се разговараше за состојбите и развојните можности во рударскиот сектор, како и за придобивките што локалната самоуправа ги има од концесиските активности.
На средбата беше истакнато дека Прилеп претставува една од општините со најголем број активни концесионери во државата, што директно влијае врз локалниот економски развој, отворањето работни места и зголемувањето на приходите во општинскиот буџет. Соговорниците разговараа за ефектите од зголемените концесии, како и за потребата од одржување стабилен баланс помеѓу економскиот развој и заштитата на животната средина.
Посебен акцент беше ставен на соработката меѓу општината и концесионерите, при што беше констатирано дека е важно доследното почитување на законските обврски и стандардите за работа, како и континуираниот дијалог со локалната заедница со цел одржлив развој на секторот.
„Развојот на рударството мора директно да се чувствува и на локално ниво. Нашата цел е општините да имаат реален бенефит, а компаниите да работат согласно највисоките стандарди и прописи“, истакна министерката Божиновска.
На средбата се разговараше и за унапредување на инспекцискиот надзор, при што беше најавено отворање на нова канцеларија на Државниот инспекторат во Прилеп. Новото присуство на инспекциските служби на локално ниво ќе овозможи поголем увид на терен, поефикасни контроли и навремено постапување, што ќе придонесе за дополнително зајакнување на довербата и транспарентноста во работењето.
Министерката Божиновска нагласи дека Министерството останува посветено на партнерски однос со локалните самоуправи, со јасна цел — развој на рударството како економски двигател, но со целосно почитување на прописите и интересите на граѓаните.
Економија
Народната банка одбележува 80 години централнобанкарско работење во земјава
Оваа година, Народната банка одбележува 80 години институционализирано централнобанкарско работење во земјава – значаен јубилеј што сведочи за долгорочен, динамичен и одговорен институционален развој, обележан со постојани трансформации и приспособувања кон економските и општествените промени.
Институционалните темели на централнобанкарското работење во земјава беа поставени со Уредбата за спојување на кредитните претпријатија од државниот сектор од 25 септември 1946 година, со која Македонската стопанска банка беше определена како Централа на Народната банка на ФНРЈ за Народна Република Македонија. Тие беа дополнително зацврстени со фактичкото спојување со Народната банка на ФНРЈ на 19 октомври истата година. Со конституирањето на независната држава и со прогласувањето на монетарната самостојност во април 1992 година, Народната банка прерасна во самостојна централна банка, носителка на сите значајни функции на современото централно банкарство.
Во текот на изминатите осум децении, Народната банка работеше во различни општествени и економски околности, од периоди на стабилност и напредок до фази на длабоки трансформации. Притоа, постепено ги воспостави своите надлежности, функции и институционален интегритет на независна и современа централна банка на нашата држава.
Денес, Народната банка е модерна, професионална и кредибилна институција, со високо ниво на доверба кај јавноста и признат углед во меѓународните финансиски и централнобанкарски кругови. Преку доследно спроведување на своите законски цели – одржувањето на ценовната и финансиската стабилност, таа создава стабилни макроекономски услови и придонесува кон одржлив економски раст и развој на општеството.
Континуитетот, стабилноста и кредибилитетот на Народната банка се темелат врз професионалното знаење и искуство, интензивната меѓународна соработка, но пред сè врз трудот, посветеноста и одговорноста на генерации вработени и раководни лица кои го вградиле својот професионален век во институцијата. Токму оваа институционална зрелост ѝ овозможи на Народната банка успешно да се справува со сложени економски предизвици и периоди на зголемена неизвесност, оправдувајќи ја довербата на граѓаните како највреден капитал на секоја држава.
По повод јубилејот „80 години централнобанкарско работење“, Народната банка ќе оствари низа активности со кои ќе се одбележи богатото институционално наследство и ќе се афирмира улогата на централното банкарство во современото општество.
Економија
Исплатени се 338.468.141 денари кон 9.567 овоштари
Извршена е исплата во износ од 338.468.141 денари кон 9.567 лица, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Истата е реализирана согласно Мерка 1.6 – директни плаќања по обработлива површина за одржување на постоечки овошни насади, со што се обезбедува континуирана поддршка за одржување и унапредување на овоштарското производство.

