Економија
Фич: Девизните резерви растат и ќе бидат стабилни и на среден рок
Девизните резерви растат и се очекува дека нивното ниво ќе биде стабилно и на среден рок. Курсот на денарот исто така е стабилен и е закотвен за еврото. Макрофинансиската стабилност на земјава е задржана, ова се наведува за монетарниот дел во извештајот на агенцијата за кредитен рејтинг „Фич“, којашто го потврди кредитниот рејтинг на земјава на ББ+.
Народната банка повторно започна со откуп на девизи на домашниот пазар. Девизните резерви од јули годинава бележат раст, како резултат на помалата побарувачка на девизи од страна на енергетските компании, зголемените дознаки од странство, како и приливите врз основа на владиното финансирање од надвор. Во септември девизните резерви се над нивото на кое беа на крајот на минатата година. Очекувањата на кредитната агенција се дека тие ќе бидат стабилни до крајот на годината, како и на среден рок во 2023 ‒ 2024 година. На располагање останува и репо-линијата од Европската централна банка од 400 милиони евра, а тука е и двегодишната линија за претпазливост и ликвидност на ММФ од 530 милиони евра, којашто ќе придонесе за помали трошоци за државно финансирање од надвор.
Во извештајот се посочува дека инфлацијата, којашто од почетокот на годинава во просек изнесува 12,4%, се должи на растот на цените на енергијата и на храната, коишто учествуваат со над 50% во потрошувачката кошничка. Очекувањата на Агенцијата се дека со стабилизирањето на цената на енергентите, од следната година инфлацијата ќе започне да се намалува. Ризиците за ова сценарио се нови ценовни шокови, очекувања за подолготрајна инфлација и притисоци преку раст на платите. „Фич“ бележи дека Народната банка од април започна со зголемување на основната каматна стапка, којашто во неколку наврати е покачена за вкупно 2,25 процентни поени и сега изнесува 3,5%. Во отсуство на притисоци врз курсот, монетарната политика е насочена кон справување со инфлациските очекувања.
Банкарскиот сектор е соодветно капитализиран, се наведува во извештајот за кредитен рејтинг. Нефункционалните кредити се на историски најниските нивоа и се намалуваат. Како дополнителна мерка на претпазливост и задржување на стабилноста на финансискиот систем, Народната банка донесе одлука за воведување противцикличен заштитен слој на капиталот, којшто ќе почне да се применува од август 2023 година.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

