Економија
(Фото) Грин Машинс на БРАКО ќе ги чисти Бермудите

Машините за чистење Грин Машинс на БРАКО станаа дел од флотата за одржување урбана хигиена на тропската држава Бермуди.
Од компанијата велат дека клиентот од Бермудите го избрал моделот 414 rs на Грин Машинс, со кој истовремено можат да се чистат и улици и тротоари, може да се управува рачно, но нуди можност и за седење на операторот.
„Нашиот тим од Обединетото Кралство беше на Бермуди, каде одржа обука за користење на нашите машини, и горди сме што македонски производи ќе придонесат за чисти улици и ќе бидат присутни на оваа британска островска територија, која е светскa туристичка дестинација“, велат од БРАКО.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Народната банка успешно се справува со шоковите, оцени ММФ

Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), во својата завршна изјава по редовната мисија согласно член IV, оцени дека Народната банка ефективно се справи со серија економски шокови, обезбедувајќи намалување на инфлацијата, стабилен девизен курс и сигурен финансиски систем. Народната банка, според ММФ, соодветно пристапи и кон постепено и внимателно олабавување на монетарната политика, следејќи ги економските услови и анализи.
„ММФ препорачува Народната банка да продолжи со претпазливата монетарна политика сѐ додека не се потврди постојан и одржлив пад на инфлацијата. Доколку некои од домашните ризици се остварат, се посочува дека Народната банка треба да е подготвена за повторно затегнување на монетарната политика, вклучително и преку управување со ликвидноста со расположливите инструменти, како што е задолжителната резерва“, соопшти Народната банка.
Во областа на финансиската стабилност, ММФ позитивно го оценува воведувањето на макропрудентните мерки како што се ограничувањата на односот заем ‒ вредност и долг ‒ доход, коишто веќе придонесуваат за намалување на ризиците на пазарот на недвижности и за заштита од прекумерно задолжување. Поддржано е и постепеното зголемување на контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и дополнителните капитални барања, со цел да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, а во согласност и со европската регулатива.
ММФ ја нагласува огромната важност на зачувувањето на независноста на централната банка, како основа за стабилност на цените, девизниот курс и финансискиот систем.
Економија
Објавен годишниот извештај за работата на РКЕ: повеќе од половина од расположливите енергетски капацитети во државата се од обновливи извори

Повеќе од половина од расположливите енергетски капацитети во државава се од обновливи извори (55,72%) – покажуваат податоците од Годишниот извештај за 2024 година на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ). Во извештајот се регистрира за прв пат поголема инсталирана моќност на фотонапонските електроцентрали (28,40%) во споредба со инсталираната моќност на хидроцентралите (24,13%).
„Со цел зајакнување на енергетската стабилност и независност, во услови на доминација на капацитетите од обновливи извори, неопходно е во претстојниот период да се поттикнат инвестиции што ќе обезбедат балансна енергија“, посочи Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.
Во делот со природен гас и топлинска енергија, РКЕ во Годишниот извештај ги нотира како значајни настани: завршената сертификација на Операторот на системот за пренос на природен гас НОМАГАС, како и отпочнувањето на постапките за издавање на лиценци на Друштвото за снабдување со пареа и топла вода ЕНЕРЏИ ЕКОЛИНК АД Скопје (поранешна Топлана Скопје Север).
Сублимираните анализи во секторот водни услуги го потврдуваат повторно високиот процент на неприходувана вода и во 2024 година. Регистрирани се загуби на вода на национално ниво во просек од скоро 64 %.
Економија
Димитриеска-Кочоска на Евроазискиот економски форум: Заеднички иницијативи и соработка за надминување на предизвиците

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во рамки на работната посета на Турција, денеска имаше воведно обраќање на 28. Евроазиски економски форум организиран од Мармара Фондацијата на кој истакна дека заедно преку заеднички идеи, иницијативи и соработка може да се надминат предизвиците пред кои се исправени сите.
„Годините што изминуваат особено ковид-пандемијата донесе една нова реалност и создаде многу предизвици со кои се соочивме и се соочуваме се уште. Војната во Украина, енергетската криза, инфлацијата, нови променети услови на финансиските пазари, актуелните политики со царините се неизвесности на глобален план кои повеќе или помалку ги чувствуваме сите, а напорите што ги вложуваме и енергијата за справување со нив е различна. Некој плива по брановите полесно, некој потешко, но заедно може да направиме многу повеќе“, рече министерката.
Таа додаде дека Македонија како мала и отворена економија она што се случува на глобално ниво, а особено во Европа, го чувствува и на домашен терен и затоа политиките на Владата се насочени на краток рок да се поддржи домашната економија со цел да се намали ударот од овие надворешни влијаниja и да се зголеми нејзината конкурентност.
При тоа истакна дека со Турција негуваме пријателски односи и дека таа е наш голем поддржувач во спроведување на реформите кои ќе го забрзаат нашиот пат кон цврст просперитет.
Министерката Димитриеска-Кочоска денеска ќе учествува и на панел дискусија во рамки на Евроазискиот економски форум на тема „Каде сме и каде сакаме да бидеме? Предизвиците дома и во Европа – пат до успешна иднина“.
Овогодинешниот Самит на Фондацијата Мармара е посветен на тема „Похуман свет“, каде се присутни евроазиски лидери кои зборуваат на актулени теми поврзани со екологија, економија, енергија, вештачка интелегенција, меѓународна соработка во здравствениот сектор и слично.