Економија
Царовска: Субвенции за придонеси на вработените и бескаматни кредити за справување на бизнисот со последиците од Ковид-19
Покрај здравствените ризици, корнависрусот носи и еднакво големи предизвици за светската економија и македонската економија нема да остане имуна. Токму затоа Владата почнува со мерки за заштита и поддршка на економијата и компаниите, а со тоа и на граѓаните, изјави вицепремиерката за економски прашања, Мила Царовска.
„Исправени сме пред еден од најголемите предизвици на модерното време. Коронавирусот е глобална закана за здравјето на граѓаните и наша примарна обврска е да направиме сè што можеме да го заштитиме јавното здравје. Оттука, на почетокот сакам да испратам јасна порака за поддршка до сите здравствени работници, полицајци, припадници на Армијата и сите што се борат во изминатите недели вложувајќи го целиот свој труд да нè заштитат. Исто така, сакам да испратам порака за поддршка и на вработените во аптеките, во супермаркетите и продавниците за храна, кои деновиве се на своите работни места и ги опслужуваат потребите на нашите граѓани“, истакна вицепремиерката Царовска.
Првата мерка се однесува на директна финансиска поддршка на ликвидноста кај микро, малите и средните компании од страна на Развојната банка на Северна Македонија. Обезбедени се вкупно 5,7 милиони евра, со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија економска активност е погодена од коронавирусот. Кредитите се дизајнирани со големо внимание водејќи се од тоа да може да се поддржат што поголем број компании. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра.
Микрокомпаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Она што е овде важно е дека овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти, грејс-периодот ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.
„Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати, со што сакаме да ставиме јасно до знаење дека ни е важно да помогнеме да се зачува секое работно место! Затоа, направивме напори да ја олесниме исплатата на плати во овој период на неизвесност и обезбедуваме субвенционирање придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси за вработен во висина до 50 отсто од просечната плата исплатена во 2019 година“, продолжи Царовска.
Условите за користење на оваа мерка се следните:
– Компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во февруари од 2020 година и ова да важи од денот на користење на мерката;
– Компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година до денот на поднесувањето на годишната сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година; и
– Компанијата да нема исплатено награда – бонус по влегување во сила на мерката.
Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од рработењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50 отсто од добивката пред даночењето, што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби резултати во 2020 поради коронавирусот.
Во однос на работењето во фабриките и погоните каде што работат голем број работници, Владата препорачува да се реорганизира работата во смени, по потреба и во 4 смени, особено во компании со поголем број вработени. Ова ќе го намали бројот на вработени во смена и ќе овозможи тие да не бидат во близок контакт. Владата исто така препорачува дезинфекција на фабриките и работните површини по секоја смена. Ова е од интерес и на вработените, и на компаниите и на јавното здравје. Понатаму, заради овозможување непречен влез и транзит на товарни возила, Санитарниот инспекторат преку „Макамтранс“ ќе дава дозвола за влез со цел да има непрекината трговска размена. Овие товарни возила и лица ќе влезат во РСМ според посебни услови за заштита во согласност со протоколот на Министерството за здравство.
„Владата е целосно мобилизирана за справување со економските последици од кризата, кои, како што кажав, ќе бидат неизбежни. Затоа, навремено почнуваме да се организираме, подготвуваме и, пред сè, да се обединуваме со стопанството во заедничка цел, а тоа е што поефикасно справување со негативните последици врз нашата економија. Ќе биде исклучително важно правилно да ги насочиме ресурсите што ги имаме на располагање за поддршка на оние сектори што се најпогодени од кризата и како што чекориме, ќе продолжиме да правиме анализи и да развиваме сценарија што ќе нè подготват да одговориме на предизвиците. Затоа, во следниот период продолжуваме со дијалог и преговори за да ги оцениме ефектите од постојните мерки и изнаоѓање нови. Владата исто така почнува активни разговори и со меѓународните финансиски институции и партнери за да се оценат можностите и предизвиците на финансиските пазари и како со нив можеме да се справиме или да ги искористиме во интерес на домашната економија“, рече Царовска.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

