Економија
Централната зграда на Шпаркасе банка во Охрид станува енергетски ефикасна
Шпаркасе Банка АД Скопје, како општествено одговорна компанија што има за цел да го намали негативното влијание врз животната средина, во 2022 година реализираше значајни проекти што позитивно влијаеја врз средината, како и подигнување на свесноста кон значењето за заштеда на електрична енергија. Па, така, по инсталацијата на фотоволтаични системи на Централната зграда на Шпаркасе Банка во Скопје, следуваше реализација на оваа инвестиција и во Централната зграда во Охрид.
Инсталираните системи во Централната зграда во Охрид се проектирани и димензионирани за производство на електрична енергија преку сончев извор со капацитет до 40 kWh за целиот објект. Годишното производство на електрична енергија добиена од обновливи извори е планирано на 50.000 kWh, а енергијата добиена од фотоволтаичните системи ќе ги задоволи годишните потреби за 10% до 15% електрична енергија во објектот на Шпаркасе Банка.
Добиената енергија од фотоволтаичните системи, директно влијае врз заштита на животната средина преку намалување на емисијата на CO2 за приближно 3.537 кг во периодот од октомври 2022 до февруари 2023 година еквивалентно на:
· Приближно 14.195 км изминати со автомобил
· Приближно 91 посадено дрво
· Приближно 88 км изминати со авион
Шпаркасе Банка АД Скопје во својата стратегија на работење, особено внимание посветува на рационално користење на електричната енергија и управувањето со животната средина. За таа цел во континуитет се работи на воспоставување енергетско ефикасни решенија како и на пристап за подобро разбирање и подобрување на одржливоста на објектите на Шпаркасе Банка АД Скопје и сопствено користење на енергијата, а со тоа и влијанието врз животната средина.
Шпаркасе Банка е членка на групацијата Ерсте и Штаермеркише Шпаркасе, која е една од водечките групации во областа на финансиски услуги во Средна и Источна Европа, а за нејзината стабилност и традиција зборува фактот за непрекинато работење од близу 200 години. Групацијата опслужува повеќе од 17 милиони клиенти преку 3.200 експозитури. Во Македонија, групацијата е застапена со Шпаркасе Банка и Шпаркасе Лизинг и опслужува повеќе од 120.000 клиенти во 35 експозитури.
ПР
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Угостителите во Македонија за една година ги поскапеа цените за 3,4 проценти
Цените на угостителските услуги во јануари 2026 година се зголемени за 0,2 проценти во однос на претходниот месец.
Во споредба со истиот месец од минатата година, цените се повисоки за 3,4 проценти, сопшти Државниот завод за статистика.
На годишно ниво, односно во 2025 година во однос на 2024 година, цените на угостителските услуги се зголемени за 4,8 проценти.
Во јануари 2026 година, во однос на декември 2025 година, цените по групи се зголемени за: 0,3 проценти кај храна, 0,2 проценти кај алкохолни пијалаци. Кај групите Безалкохолни пијалаци и ноќевања не се забележани промени на цените.
Економија
Македонија добива можност да учи AI од Google, Microsoft, Amazon и IBM
AIatWork од денес овозможува 14-дневен целосно бесплатен пристап до својата платформа, со цел вештачката интелигенција да стане разбирлива, применлива и достапна за поширок круг корисници во Македонија.
Со бесплатниот 14-дневен пристап, корисниците добиваат можност практично да ја испробаат платформата и да користат водечки AI модели како ChatGPT, Gemini и Claude, над 50 практични AI алатки за пишување, анализа, дизајн и автоматизација, како и онлајн курсеви во живо, водени од AI практичари со искуство во глобални технолошки гиганти како Google, Microsoft, IBM и други.

Во Македонија вештачката интелигенција сè уште често се доживува како нешто нејасно и тешко совладливо за луѓето без ИТ позадина. Исто така AI често се поистоветува со една алатка, наместо да се разбере како поширок сет на практични решенија што веќе се користат во секојдневната работа низ светот. Голем дел од популацијата би сакала да знае да користи AI, но не знае кои алатки се навистина релевантни и како AI реално може да им помогне во работата.
Токму тука AIatWork се појавува како практичен одговор, нудејќи јасна насока за практична употреба на AI во секојдневната работа.
Во видеото што е дел од објавата, тимот на AIatWork објаснува дека изминатите месеци биле посветени на унапредување на корисничкото искуство и поддршката на платформата, со јасна цел: секој нов корисник уште од првиот момент да знае точно од каде да започне со изучување на вештините и алатките на иднината.
Само овој месец, на платформата се одржуваат 12 активни AI курсеви, во соработка со експерти и компании како Boeing, Google и Salesforce.
Во време кога AI станува составен дел од работата ширум светот, за земји како Македонија таа претставува можност за побрза дигитална трансформација и зголемена конкурентност. Бесплатниот пристап им овозможува на корисниците самите да проверат како AI може да им помогне во секојдневната работа, без ризик и без обврска.
Прашањето повеќе не е дали AI ќе стане дел од работата, туку дали ќе бидете подготвени кога тоа ќе се случи.
Пробајте AIatWork бесплатно – 14 дена, без обврска.
(ПР)
Економија
Владата предложи покачување на платите за администрацијата до 40 отсто, со почетно зголемување од 8 проценти од април
Премиерот Христијан Мицкоски, изјави дека денешната средба со Синдикатот на УПОЗ била конструктивна и дека на маса е предлог за зголемување на платите на административните службеници за 40 проценти во наредниот период.
Во интервју за Дневникот на МРТ, Мицкоски рече дека Владата ги презентирала условите и правилата под кои е подготвена да го реализира процесот на покачување на платите и дека сега се очекува одговор од синдикатите дали го прифаќаат предлогот.
„Денеска имавме состанок со УПОЗ. Ние дадовме понуда, истата онаа понуда за која јас зборував во јавноста. Ги поставивме условите и правилата под кои сме подготвени да го движиме овој процес напред“, изјави Мицкоски.
Тој посочи дека претставниците на УПОЗ и КСС најавиле дека ќе се консултираат со своите раководства и дека во текот на утрешниот ден ќе ја соопштат нивната одлука. Доколку се постигне согласност, според најавите, договорот би бил финализиран во недела, а од понеделник би започнала изработка на примерок на индивидуален синдикален договор.
Мицкоски појасни дека исплатата на зголемените плати би започнала во април, за мартовската плата, со осумпроцентно зголемување на збирот од постојната плата и минималната плата. Истиот модел би се применувал и во 2027 и во 2028 година.
„Тоа значи дека за околу две години и два до три месеци, административните службеници ќе имаат најмалку 40 проценти повисоки плати во споредба со сегашното ниво“, истакна премиерот.

