Економија
Штедачите од Еуростандард банка се сретнаа со Заев, се бара начин како да бидат обесштетени
Иницијативниот одбор на Здружението на оштетените штедачи на Еуростандард банка информира дека оствариле повторна средба со премиерот Зоран Заев, придружуван од вицепремиерот Фатмир Битиќи. На состанокот било повторено барањето на Здружението за носење закон со кој државата ќе ги преземе побарувањата од физичките и правните лице депоненти на Еуростандард банка и ќе ги обесштети.
„Потоа државата да наплати од стечајната маса и воедно директно да расчисти со криминалот со давање неповратни кредити, кој се случувал во банката со години. Исто така, беше потенцирано дека сите пратенички групи во Собранието веќе ја дадоа својата целосна поддршка за носење на предлог-законот. Премиерот, и покрај првично изразената волја да се помогне, сега изјави дека тоа е спротивно на законските норми, кои важат во нашата земја и дека државата не може да ги обесштети оштетените физички и правни лица на Еуростандард банка со закон затоа што такво мислење добил од меѓународните финансиски институции“, се вели во соопштението.
„Тој воедно предочи дека Народната банка навремено реагирала и презела сè што е во нејзина надлежност во однос на нерегуларностите во работењето на Еуростандард банка, на што иницијативниот одбор изрази негодување во врска со таа изјава наведувајќи дека токму под директен надзор и контрола на Народната банка над Еуростандард банка во текот на повеќе минати години се одвивал криминалот тежок речиси 60 милиони евра, кои ќе недостигаат во стечајната постапка за обесштетување на оштетените депоненти. Исто така, беа потенцирани фрапантните 72 % ненаплатливи и тешко наплатливи кредити од кредитното портфолио на фирми во банката наспроти 4,7 %, колкав што е сега просекот во банкарскиот систем во земјата, со што се покажува дека оваа разлика морало да биде видена од редовните контроли на Народната банка доколку биле извршувани.
На основа на овие и други официјални податоци за состојбата на банката на денот за нејзино затворање, иницијативниот одбор на Здружението го изрази својот сомнеж дека ненавременото дејствување на Народната банка во детектирање и санкционирање на злоупотребите што почнале да се случувале во банката пред повеќе години и постепено ескалирале, таа има одговорност и придонес во тешката состојба во која се наоѓаат оштетените физички и правни лица, а кои сега се оставени сами да се борат за исправање на оваа неправда и грабеж настанати без нивна вина“, се вели во дописот на оштетените штедачи.
Според нив, изјавата на премиерот дека веќе се поднесени кривични пријави и други мерки што се во надлежност на Јавното обвинителство, членовите на иницијативниот одбор ја поздравува и изразува надеж дека одговорните лица ќе бидат изнесени пред лицето на правдата и за сторениот криминал ќе одговараат со своите лични имоти и имотите на своите семејства за покривање на загубите од криминалот направен во Еуростандард банка.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Вицегувернерката Митреска: Народната банка го поттикнува зеленото кредитирање
„Народната банка ги препозна ризиците од климатските промени на долг рок, зазеде проактивен став и како една од своите стратегиски цели ги постави зголемената свесност за климатските промени и придонесот кон зелената одржлива економија“, посочи вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во интервју за „Блумберг Адрија“, при што истакна дека „зелената агенда“ е вградена во Стратегискиот план на Народната банка. Во период од четири години нивото на „зелените кредити“ е зголемено за околу 2,5 пати.
Митреска посочи дека заради поддршка на зелените финансии и за справување со климатските ризици, Народната банка донесе среднорочен план којшто предвидува конкретни акциски планови или активности во повеќе сфери на работењето на Народната банка, како регулативата, супервизијата, финансиската стабилност, истражувањето и меѓународната соработка.
„Неодамна донесовме и конкретни насоки за банките коишто треба да претставуваат еден вид мапа за начинот на кој треба да се однесуваат банките во однос на мерењето, оценувањето и управувањето со ризиците од климатските промени. Уште пред неколку години го променивме концептот на инструментот за задолжителна резерва заради поттикнување на зеленото кредитирање. Во рамките на институцијата работиме и на политиката на одржливост на банката, што значи подобрување на нашиот корпоративен профил во однос на одржливоста како концепт“, посочи Митреска, истакнувајќи дека Народната банка применува систематизиран пристап кога станува збор за зелената економија и справувањето со ризиците од климатски промени.
„Кредитите со зелена компонента се кредити коишто се насочени кон зголемување на енергетската ефикасност, и на корпоративниот сектор, и на населението, вложување, односно инвестиции во проекти коишто се однесуваат на обновливи извори на енергија, проекти коишто подразбираат користење одржливи материјали, одржливи решенија“, објасни Митреска и посочи дека станува збор за кредитирање коешто е насочено кон инвестициите наменети за заштита на животната средина и ублажување на ефектите од климатските промени врз околината.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика донесе oдлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,09 % во однос на одлуката од 15.4.2024 година.
Од 23.4.2024 година, од 00.01 часот, максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 – 87,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-98 – 90,00 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) – 76,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) – 76,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС – 44,554 (денари/килограм)
Малопродажните цени на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се намалуваат 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на бензинот ЕВРОСУПЕР БС-95 се зголемува 1,00 денар/л, а малопродажната цена бензинот ЕВРОСУПЕР БС-98 се зголемува 1,50 денар/л.
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се зголемува 0,252 денари/кг и ќе изнесува 44,554 денари/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините 0,608 %, кај дизелот намалувањето е 5,088 %, кај екстра-лесното масло намалувањето е 4,799 % и кај мазутот намалувањето е 1,138 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 1,618 %.
Економија
МЗШВ: Кон 4.033 одгледувачи на говеда исплатени 100 милиони денари дополнителни субвенции за обележани говеда
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги информира сточарите, одгледувачи на говеда, дека денеска Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој ја реализираше исплатата на дополнителните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци.
Исплатени се 4.033 одгледувачи на говеда, со вкупна вредност на поддршка од 100 милиони денари.
Висината на директните плаќања изнесува 2.600 денари по женско грло, кое на денот на поднесувањето на барањето има наполнето 12 месеци.
Како корисници на оваа подмерка се јавуваат земјоделските стопанства корисници на основните директни плаќања за обележани грла говеда постари од 12 месеци, а кои сопственото производство на млеко го имаат предадено на регистриран откупувач на сурово млеко или продале или заклале говеда во преработувачки капацитети.