Економија
ЈП „Водовод“ – Скопје: Отплата на заостанат долг без пресметка на камата
ЈП „Водовод и канализација“ –Скопје донесе одлука за исплата на заостанатите долгови без пресметка на камата за задоцнето плаќање.
Ова, како што појаснуваат од институцијта, е со цел исполнување на потребите на граѓаните, а имајќи ја предвид социјално-економската состојба како резулатат на пандемијата од коронавирус.
Акцијата за наплата на долговите без пресметка на камата за физички и правни лица е со определен временски рок, од 15.3.2021 до 23.4.2021 година. По истекот на овој период одлуката престанува да важи.
Граѓаните, во периодот од 15.3.2021 до 23.4.2021, можат да се обратат во Секторот за наплата за исплата на долговите до 24 месечни рати во зависност од висината на долгот, информирaaт од јавното претпријатие.
Додаваат дека процесот за наплата во ЈП „Водовод и канализација“ – Скопје ќе се одвива непречено со почитуваање на сите протоколи, со цел заштита од ширењето на коронавирусот.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Британските банки планираат алтернатива на Visa поради загриженоста од Трамп
Раководителите на најголемите британски банки го одржаа првиот состанок за воспоставување локален систем за плаќање, познат како „DeliveryCo“, за да се намали зависноста од американските платни мрежи Visa и Mastercard, објави Гардијан.
Причината е загриженоста дека американскиот претседател Доналд Трамп би можел да ги затвори услугите на овие компании, што би ја загрозило британската економија, според официјалните лица.
Средбата ја водеше извршниот директор на „Barclays UK“ Вим Мар, а во дискусијата учествуваа претставници на големи банки и платни компании, вклучувајќи ги „Santander UK“, „NatWest“, „Lloyds Banking Group“, „Nationwide, Coventry Building Society“ и мрежата на банкомати „LinkLink“.
Околу 95 проценти од трансакциите со картички во Велика Британија моментално се одвиваат преку Visa и MasterCard, што стана критично бидејќи употребата на готовина се намалува, според медиумот.
Аналитичарите предупредуваат дека затворањето на американските мрежи би можело да ја врати економијата со децении назад, слично на искуството во Русија кога санкциите го принудија затворањето на овие системи. Новата иницијатива вклучува создавање правна структура, модел на управување и финансирање, како и развој на инфраструктурата, со план, системот да биде готов до 2030 година.
Британските претставници истакнуваат дека системот ќе обезбеди дополнителна отпорност на платниот систем, додека Visa и Mastercard ја поздравуваат конкуренцијата и истакнуваат дека остануваат посветени на иновациите, безбедноста и сигурноста на платните услуги во Велика Британија, пренесува Танјуг.
Заменик-гувернерката на Банката на Англија, Сара Бриден, нагласи дека алтернативата би можела да функционира како резервна шина за плаќање во случај на прекин на постојните системи, со што ќе се зголеми отпорноста на британската економија на надворешни ризици. Според планот, „DeliveryCo“ ќе им овозможи на британските потрошувачи и бизниси да имаат суверен и локален систем за плаќање, намалувајќи ја зависноста од американските мрежи во клучните економски моменти.
Економија
СДСМ: Кратењето 40 милиони евра субвенции за земјоделците Трипуновски го претставува како „реформа“
Владата на Мицкоски ги намали субвенциите на земјоделците за огромни 40 милиони евра. Денеска Трипуновски сака ова кратење на субвенциите за 2026 година да го престави како некаква мала реформа, велат од СДСМ.
„Во 2024 година за субвенции се исплатија 140 милиони евра, сега во буџетот се предвидени само 100 милиони евра. Кај тутунот, субвенцијата за прва класа е намалена од 100 на 80 денари по килограм, што претставува директен удар врз тутунопроизводителите. Со зголемувањето на минималните површини за лозарство, овоштарство и поледелските култури, неколку илјади земјоделци за прв пат од 2004 година наваму ќе останат без денар субвенции. Дали за „реформа“ Трипуновски и владата на Мицкоски го сметаат елиминирањето на илјадници земјоделски семејства од системот на државна поддршка? Што е следно, дека и најголемиот криминален скандал со ИПАРД Програмата ќе го прогласат за „реформа“?“, прашуваат од СДСМ.
Од партијата обвинија дека владата на ВМРО-ДПМНЕ ги оставила земјоделците и без европска помош и со намалени субвенции.
„Оваа влада не ги крати парите за тендери туку ги кратат субвенциите од кои живеат земјоделците. 161 тендер за една фирма, 51 тендер за втора, 74 тендери за трета, 1,2 милиони евра за фирма блиска до ЗНАМ преку пошта, 9 милиони евта за фирма со двајца вработени. Не се крати тука ништо, како колачи се делат тендери. Нема пари за субвенции, нема пари за минимална плата од 600 евра, има пари само за криминални тендери, нов авион и за луксузирањата на Мицкоски и неговите министри“, велат од СДСМ.
Економија
Трипуновски: Нема кратење на субвенциите, средствата ќе одат кај вистинските земјоделци
На владина седница е усвоена новата Програма за директни плаќања за 2026 година, информира министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски.
„Како новина, односно како мала реформа, направено е минимално зголемување на површините што се услов за користење на субвенциите, со цел да ја зголемиме домашната продукција на храна“, истакна министерот Трипуновски.
Тој нагласи дека сериозен акцент ќе биде ставен на теренските контроли што ќе ги спроведуваат надлежните институции, со цел средствата да завршуваат кај вистинските земјоделци.
„Минатата година беше потпишан Меморандум за соработка, со кој инспекторите од Државниот инспекторат за земјоделство се ставени на располагање на Платежната агенција, за да се спречи одлевање на државни средства кај лица кои досега користеле субвенции, а не обработувале земјоделска површина“, појасни Трипуновски.
Според него, дел од производството земјоделците ќе треба да го докажат преку предавање во преработувачки или откупувачки центри.
„Сето ова се става во законска рамка за да се следи нивото на производство и на тој начин да се потврди дека површините навистина се обработуваат“, додаде министерот.
Трипуновски ги отфрли обвинувањата од опозицијата, посочувајќи дека нема кратење на субвенциите, туку воведување дополнителни услови поврзани со реалното производство.
„Реформите што ги спроведуваме имаат цел да постават јасен правец на движење во наредниот период. Субвенциите треба да бидат насочени кон луѓето што навистина работат и произведуваат. Ова е чекор кон зголемување на домашното производство“, истакна министерот.

