Економија
Џенерал Моторс се бори за опстанок
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/9e82f111-15db-4292-8d9d-e250aff84096.jpeg)
Иконата на Детроит, американскиот автомобилски гигант Џенерал Моторс, е една од компаниите што претрпеа најголеми штети од глобалната економска криза. Експертите оценуваат дека славните денови на компанијата остануваат во минатото
Џенерал Моторс, иконата на Детроит се бори за опстанок како една од најпогодените компании од глобалната економска криза, со пад на продажбата од 40 до 50 проценти, оценуваат економските аналитичари на радиото Гласот на Америка.
Џи-Ем важеше за најголема индустриска компанија во светот, со производство на пет континента, во кои милиони луѓе заработуваа за живеачка.
Моделите Шевролет, Понтијак, Бјуик и Кадилак некогаш беа синоним за луксуз и иновација. Алфред Слоан беше на чело на компанијата од 1937 до 1956 г. Неговата максима гласеше: „на муштеријата треба да му се даде најдобар квалитет и корист, за најмала можна цена“, а еден подоцнежен директор од добрите стари времиња стана познат по изреката: „она што е добро за Џенерал Моторс е добро е и за земјата“.
Економистот Фери Хафбаер од Институтот Патерсон во Вашингтон смета дека компанијата го загубила патот во седумдесеттите, кога прифатила да работи исплатувајќи високи плати, здравствено осигурување и пензии, а притоа ја потценила конкуренцијата од Јапонија.
„Станаа многу повеќе како Владата, значително бирократски“, коментира Хафбаер.
Пазарниот удел на компанијата продолжи да се намалува и во деведесеттите години, кога со неа раководеше доскорашниот директор Рик Вагонер. Загубата се зголеми на 70 милијарди долари, а новите модели не привлекоа потрошувачи. Во минатите три години компанијата затвори 60 илјади работни места, а минатиот ноември побара помош од Владата, сакајќи да го спречи пропаѓањето. Претседателот Барак Обама го отпушти Вагонер, а на компанијата и` даде рок од 60 дена да подготви нов деловен план.
„Овие компании и индустрија на крајот мора да застанат на свои нозе, а не да останат под старателство на државата“, вели американскиот претседател.
Новиот директор, Фриц Хендерсон, најави дека ќе ги намали издатоците и ќе ја продава активата за да избегне колапс.
„Треба да внимаваме не само на позицијата на пазарот, туку и на тоа да бидеме профитабилни“ смета Хендерсон.
Вака или онака, Џи-Ем најверјатно ќе преживее. Но, не се знае колку ќе биде успешна новата серија возила, вклучително и хибридните. Едно е сигурно. Славните денови на компанијата остануваат во минатото. Експертите предвидуваат дека Џи-Ем во иднина ќе опстојува како помала компанија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
(Видео) Бочварски: ДПМНЕ ветуваше намалување на буџетскиот дефицит под 3, сега го зголемуваат на 4.9 проценти
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Screenshot-2024-07-26-185301-1.jpg)
ВМРО-ДПМНЕ во својата програма велеше дека јавниот долг од крајот на 2023 година достигнал 62,1% од БДП, и дека ќе преземе мерки за фискална консолидација, земјата да има умерено ниво на задолженост. Со новиот ребаланс на буџетот, наместо намалување на јавниот долг, тој ќе биде зголемен на 4.9% уште во првата година од мандатот на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, рече пратеникот Благој Бочварски, денес на Комисијата за финансирање и буџет.
-Потоа, велеа дека инфлацијата ќе ја намалат на 2%, а денес слушаме дека таа е 3.5%. Јасно е дека ќе се кратат сретсва од веќе предвидени проекти.
Пиар програмата на власта е едно, а реалноста е друго, рече Бочварски.
Тој потенцираше дека СДСМ ако не ги зголемеше платите и пензиите на граѓаните во време на кризи и инфлација, тешко дека ќе преживеаа граѓаните, особено со минималната плата од 9 илјади денари, каква што беше во времето на ДПМНЕ, а од каде нивните стручњаци велеа дека не е добро да се покачуваат платите.
-Колку за споредба, во 2017 минималната плата беше 9 илјади денари, а денес таа е 22.500. Просечната во 2017 беше 22.500, а денес е 41.100. Пензиите се зголемија за 6.500, а сега имаме бомбастични најави за зголемување од 5 илјади денари, за кое ни останува да видиме дали ќе се случи“, рече Бочварски.
Економија
Трипуновски: Постигнат е договор за откупната цена на црвената пиперка
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2024/07/Трипуновски-26.07.2024-3.jpg)
Министерот Цветан Трипуновски после состанокот со откупувачите и преработувачите на црвена пиперка соопшти дека е постигнат договор за откупните цени.
„Денеска во просториите на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство остварив заедничка средба со преработувачите и откупувачите на црвена пиперка. Постигнавме договор за откупни цени на црвената пиперка и тие истите според класи ќе бидат: прва класа – 40 денари за килограм, прва/втора класа – 30 денари за килограм, втора класа – 20 денари за килограм, трета класа – 12 денари за килограм“, соопшти Трипуновски.
Тој во неколку наврати одржа состаноци со земјоделците, преработувачите и откупувачите каде што главна тема беше откупната цена и текот на откупот на црвената пиперка.
Откупувачите и преработувачите се согласија дека ќе се придржуваат до договорените цени во текот на целиот откуп, но во согласност на побарувачката истите имаат тенденција да се зголемуваат за што Државниот инспекторат за земјоделство ќе биде постојано на терен и ќе се грижи за да се запази динамиката и откупните цени на црвената пиперка. Вистински се грижиме за македонските земјоделци, тие конечно имаат партнер во Министерството, рече Трипуновски.
Економија
Нови цени на горивата од полноќ
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/01/benzin-gorivo-960x639.jpg)
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши намалување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,48 % во однос на одлуката од 22.7.2024 година.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат намалување во просек: кај бензините 1,072 %, кај дизелот 1,940 %, кај екстра лесното масло 2,096 % и кај мазутот намалувањето е 3,565 %.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок 0,2688 %.
Од 27.7.2024 година од 00.01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС-95 81,50 (денар/литар)
Моторен бензин ЕВРОСУПЕР БС 98 83,50 (денари/литар)
Дизел-гориво ЕВРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 74,00 (денари/литар)
Масло за горење екстра-лесно 1 (ЕЛ-1) 72,50 (денара/литар)
Мазут М-1 НС 44,656 (денари/килограм)
Малопродажната цена на мазутот М-1 НС се намалува 1,101 денар/кг и сега ќе изнесува 44,656 денари/кг.
Малопродажните цени на бензините ЕВРОСУПЕР БС-95 и ЕВРОСУПЕР БС-98, како и на ЕВРОДИЗЕЛОТ (Д-Е V) и на екстра-лесното масло за домаќинство (ЕЛ-1) не се менуваат.