Економија
Трговскиот дефицит се приближи до милијарда долари
Обемот на стоковна размена на Македонија во периодот јануари-мај годинава е за 36,8 отсто помал од истиот период лани
Ова го соопшти Заводот за статистика додавајќи дека во истиот период извозот се намалил за 43,4 отсто, а увозот паднал за 32,9 отсто. Вкупната вредност на извозот од Македонија во периодот јануари-мај годинава изнесувала 951 милион долари, а на увозот 1,9 милијарди долари. Трговскиот дефицит изнесува колку и извозот 951 милион долари, а покриеноста на увозот со извоз е 50 отсто.Според статистичките податоци извозот во мај годинава во однос на истиот месец лани се намалил за 44,5 отсто, а увозот за 46,3 отсто.Во мај годинава во однос на претходниот месец извозот се зголемил за 9,3отсто, а увозот се намалил за 15,6 отсто.Трговската размена според производи традиционално покажува дека во македонскиот извоз доминираат фероникелот, производите од железо и челик, како и облеката, а главни увозни производи се суровата нафта, електричната енергија и патничките моторни возила.Македонија најмногу увезува и извезува во земјите од ЕУ, а најголеми надворешно трговски партнери се Германија, Србија, Русија, Грција и Италија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Се зголемува цената на мазутот, кај бензинот и дизелот останува иста
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,61 oтсто во однос на одлуката од 3 февруари.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 0,437%, кај дизелот за 0,769%, кај екстра лесното масло зголемувањето е за 1,295% и кај мазутот зголемувањето е за 3,476%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,5531%.
Од 6.2.2025 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 79,00 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 81,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 73,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 72,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 46,025 (денари/килограм)
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 1,353 ден/кг и сега ќе изнесува 46,025 ден/кг
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98, како и на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) не се менуваат.
Напоменуваме дека ова се максималните цени на нафтените деривати од 00:01 часот на 6.2.2025 година. Трговците на големо и трговците на мало со нафтени деривати и горива за транспорт можат да ги формираат цените на одделни нафтени деривати и горива за транспорт и пониско од највисоките утврдени цени.
Економија
НБРМ: Kаматната стапка на благајничките записи се намалува, другите каматни стапки се непроменети
Вчера се одржа редовна седница на Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка, на која беа разгледани најновите податоци и информации за светската и за домашната економија и најновите случувања на меѓународните и на домашните финансиски пазари во контекст на поставеноста на монетарната политика.
На седницата беше оценето дека и покрај досегашните релативно поволни трендови, ризиците и натаму постојат и се понагласени. Оттука, беше одлучено да се продолжи со внимателното нормализирање на поставеноста на монетарната политика. Следствено, на седницата беше одлучено каматната стапка на благајничките записи да се намали за 0,2 п.п., на нивото од 5,35%. Каматните стапки на депозитите преку ноќ и на 7 дена се непроменети. Непроменета е и понудата на благајничките записи на редовната аукција и изнесува 10 милијарди денари.
Ваквата промена во монетарната поставеност е одраз на поволните трендови кај инфлацијата и девизни резерви, а при и понатаму присутни и понагласени ризици поврзани со надворешното окружување. Покрај ова, има и ризици од домашните фактори коишто влијаат врз агрегатната побарувачка. Во однос на надворешните ризици, најавата за воведување нови протекционистички мерки може да предизвика повторно глобални инфлациски притисоци. Променливоста на пазарите на примарните производи, исто така, е забележлива, под влијание на нестабилниот геополитички контекст и климатските фактори. Во однос на политиката на Европската централна банка (ЕЦБ), како фактор којшто Народната банка исто така го има предвид, на последната седница во јануари, беше донесена одлука за намалување на каматните стапки за по 0,25 п.п., што е петто намалување од јуни минатата година, велат од НБРМ.
Според соопштеното, и натаму се очекува дека нивото на каматните стапки, заедно со досегашните промени кај задолжителната резерва и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за ценовна стабилност на среден рок и за стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото.
Инфлацијата се движи во рамките на очекувањата. Годишната стапка на инфлација во декември 2024 година изнесува 4,4% и очекувано се задржа на слично ниво како во ноември, под влијание на споредбената основа во истиот период претходната година, заради мерките преземени тогаш за привремено ограничување на растот на цените. Годишната динамика на цените на храната и на базичната инфлација и натаму е стабилна, додека падот кај цените на енергијата умерено забавува. Притоа, остварената просечна стапка на инфлација во 2024 година изнесува 3,5% и е на исто ниво со проектираната стапка, според октомврискиот циклус проекции. Во јануарските анкети на ЕК за очекувањата на потрошувачите преовладуваат очекувања за намалување на цените во следниот период. Во однос на очекувањата за берзанските цени на примарните производи, според најновите прогнози за 2025 година, направена е нагорна ревизија кај цената на нафтата, а надолна кај основните прехранбени производи. Иако инфлациските движења се во согласност со очекувањата, ризиците постојат и потребно е внимателно следење.
Состојбата на девизниот пазар во континуитет е стабилна и движењата се поволни. Минатата година девизните резерви остварија раст, малку повисок од очекуваниот, со што нивото на девизните резерви на крајот на декември достигна 5.019 милиони евра. Ова е соодветно ниво за одржување на стабилноста на курсот на домашната валута. Растот главно произлегува од откупот на девизи на девизниот пазар од страна на Народната банка. Во однос на последните расположливи податоци од надворешниот сектор, трговскиот дефицит во периодот октомври ‒ ноември 2024 година засега е понизок во споредба со очекувањата за четвртиот квартал од октомврискиот циклус проекции. Остварувањата на менувачкиот пазар заклучно со крајот на декември се во согласност со проектираните нето-приливи од приватните трансфери.
Во однос на економскиот раст, расположливите високофреквентни податоци за периодот октомври – ноември упатуваат на натамошен раст во последниот квартал на 2024 година. Имено, градежништвото и прометот во угостителството бележат забрзан реален раст, а движењата во индустријата во четвртиот квартал се слични, што е во прилог на очекувањата за мало забрзување на економскиот раст во последниот квартал на 2024 година, за разлика од трговијата каде што реалниот раст е поумерен. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие и натаму постојат и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување, но и со интензитетот и динамиката на остварувањето на домашните инфраструктурни проекти.
Во монетарниот сектор, депозитите и кредитите бележат солидни стапки на раст заклучно со декември и движењата се значително подобри од очекувањата за последниот квартал од годината, укажувајќи на поголема кредитна поддршка на економијата од очекувањата.
Општо земено, последните остварувања кај клучните макроекономски показатели, како и согледувањата во однос на нивната идна патека, создадоа можност за натамошно внимателно нормализирање на монетарната политика. Ризиците од надворешното окружување и понатаму постојат и се понагласени, а будно се следат и ризиците од домашните фактори коишто можат да влијаат врз побарувачката и врз цените во следниот период. Оттука, водењето внимателни макроекономски политики ќе биде приоритет и во иднина. Народната банка и натаму е подготвена да ги употреби сите неопходни инструменти и да презема соодветни мерки со коишто ќе се придонесе за задржување на стабилноста на девизниот курс на денарот во однос на еврото и ценовната стабилност на среден рок, истакнуваат од НБРМ.
Економија
Работна средба со Групацијата на финансиските друштва во Стопанската комора
Групацијата на небанкарските финансиски друштва при Стопанската комора на Северна Македонија ги обединува и застапува интересите на најголемите 20 финансиски друштва од вкупно 27 во Република Македонија, или 74% од пазарот.
Приоритет на Групацијата секогаш бил и останува етичко и одговорно кредитирање без презадолжување на клиентите, како и финансиска едукација на граѓаните во однос на внимателно планирање на личните финансии и семејниот буџет.
Финансиските друштва работат по законска регулатива исто како и сите останати компании (банки, осигурителни друштва, лизинг компании, итн.) присутни во финансискиот систем на Македонија.
Македонија денес ја има една од најстрогите регулативи во Европа, која успешно ги комбинира технолошките иновации со заштитата на корисниците. Во изминативе години Министерството за финансии, кој е регулатор на финансиските друштва, засилено работеше на дорегулирање на финтек индустријата. Во јули 2023 година беа направени дополнителни измени во Законот за финансиски друштва, со цел поголема заштита на потрошувачите, зајакнати процедури во работењето и поголема транспарентност во јавноста. Со измените во доменот на заштита на потрошувачите беше утврден максималниот износ на сите трошоци поврзани со кредитот, а се укина и можноста за рефинансирање на претходно доспеан кредит во исто финансиско друштво. Дополнително со измените се зајакна и корпоративното управување на друштвата со зголемување на минималниот основен влог на 500.000 евра, наместо дотогашните 100.000 евра, како и задолжителното вработување на економист и правник во финансиските друштва.
Врз основа на Законот, во април 2024 година Министерството за финансии донесе и Правилник за кредитен ризик, со кој потрошувачите се заштитуваат од презадолжување, односно учеството на месечните обврски во месечниот приход не смее да надмине 70%. Нивото на задолжување на секој поединечен клиент, утврдено во Правилникот за кредитен ризик, ќе помогне не само на населението, туку и на финансиските друштва во остварување на здрав и квалитетен раст. Намалениот степен на ризик и намалените трошоци за исправка на вредност на ризичните пласмани ќе резултираат во постабилен развој и подобар статус на финансиските друштва. Додека ограничувањата на вкупните трошоци, воведени од страна на регулаторот пред повеќе од една година, ќе го намалуваат профитот на друштвата, се очекува намалениот трошок за ризични пласмани да ги намали расходите на друштвото и да ги одржи во здрава финансиска кондиција на пазарот.
Досегашни ефекти од примената на измените на законската регулатива:
- Со стапувањето на сила на измените од јули 2023 година, бројот на финансиски друштва се намали на 27, за разлика од 2022 година кога беа активни 35 друштва, што значи дека новите регулативи овозможиле “опстанок”, само на оние кои имале капацитет да се придржуваат кон новите регулативи. За оние друштва кај кои интерните процедури и системи беа прилагодени уште пред новиот Правилник, и работеа целосно етички и транспарентно, сево ова не само што не предизвика никакви потреси, туку им овозможи фер, унифицирана и стандардизирана законска средина за работење.
- Динамиката на кредитирањето во финтек индустријата е значително намалена, земајќи ги во предвид новите регулаторни мерки кои предвидуваат минимален капитал, максимална стапка на вкупни трошоци – СВТ, како и коефициент на задолженост изразен преку односот на вкупните месечни кредитни обврски на физичкото лице и месечниот приход, со цел дополнителна заштита и контрола во служба на граѓаните, корисници на услугите на финансиските друштва.
- Со Правилникот за заштита на граѓаните од подигање кредити од финансиско друштво на нивно име од трети лица, се воспостави ред и измамите се сведени на минимум. Изминативе години имаше бројни пријави до МВР за измами со личните податоци, по стапувањето во сила на новиот Закон и тоа скоро да го нема.
- Динамиката на кредитирањето во финтек индустријата во текот на 2024 година е значително намалена споредено со претходните години, како резултат на новите регулаторни измени. Кредитниот раст во небанкарските финансиски друштва со третиот квартал за 2024 година изнесува 7%, што е скоро изедначен со кредитниот раст од 6% во банкарскиот сектор во земјата, додека во вкупната актива на финансискиот систем во земјава, финансиските друштва учествуваат со само 1.1%.
- Во меѓувреме, со инвестиции во технологија се овозможи и автоматска верификација на документите, преку воведување на регистрирани шеми за електронска идентификација на клиентите, со цел спречување на можни измами.
- Корисниците се повеќе преферираат финтек услуги, не затоа што не се погодни да користат услуги од банка, туку заради едноставноста, достапноста, брзината, транспарентноста, односно заради подобреното корисничко искуство во финтек компаниите.
- Финансиските друштва плаќаат повеќе данок од банките бидејќи исправката на вредност им е непризнаен трошок.
(ПР)