Економија
Царините ќе паѓаат и оваа година
Намалување на царината согласно Протоколот за пристапување на Македонија кон Светската трговска организација и договорите за слободна трговија што ги има склучено со ЕУ, ЦЕФТА и ЕФТА земјите, Турција и Украина, продолжува и годинава
Намалување ќе има кај облеката, детергентите, јужното овошје, месото, млечните производи…Од Царинската управа посочуваат дека ќе има намалување на 426 тарифни ставки при што позначително според Протоколот за пристапување кон СТО ќе биде кај облеката и приборот за облека каде царините паѓаат од 25 на 17,5 отсто. Оваа стапка се замрзнува, односно е крајна царинска стапка која во иднина нема да се намалува. Поголеми промени, односно намалување ќе настанат согласно Договорот за слободна трогвија со ЕУ, што како што велат од Царината е и најкарактеристично бидејќи најголемиот дел од размената Македонија ја прави со земјите од Унијата. Согласно Договорот со ЕУ, има намалување кај месото, млекото, павлаката, јужното овошје, при што наместо 30 проценти од редовната стапка во 2010 година ќе се наплаќа 20 отсто. На пример кај пилешкото во 2009 година се наплаќало по три проценти царинска стапка плус 0,1 евро по килограм, а во 2010 година ќе се наплаќа 2 процента царинска стапка и 0,1 евро по килограм. Кафето ќе се царини наместо со 9 отсто со 7,5 отсто, кај лимонот царината паѓа од пет на три проценти, кај маслинките од 6 на четири отсто, путерот од пет на три проценти, прашакот за перење од 6 на 1,23 отсто, облеката од 5 на 2,5 отсто… Намалување ќе има и кај автомобилите при што кај употребуваните возила од четири се намалува на два отсто, а кај новите од 2 на еден отсто. Од следната година царинската стапка ќе биде нула.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos
Економија
Премиерот најави стабилизирање на инфлацијата: „Очекувам да се движиме околу 3 проценти“
Премиерот, Христијан Мицкоски, одговарајќи денеска на новинарско прашање за инфлацијата, изјави дека очекува стабилизирање на ценовните движења во 2024 година.
„Како што веќе кажав во неколку наврати, очекувам инфлацијата оваа година да се стабилизира под 3 проценти“, рече Мицкоски.
„Очекувам месечна негативна динамика, односно опаѓање споредено со лани. Во јануари минатата година имавме т.н. кошничка, па очекувам оваа година да се движиме некаде околу 3 отсто – можеби малку под или малку над – но со јасна негативна тенденција месец за месец.“
Тој додаде дека во следните денови се очекува објавување на параметрите од страна на надлежните институции, и нагласи дека Владата спроведува политики што се во интерес на стандардот на граѓаните:
„Водиме домаќински политики, работиме на консолидација на состојбите. Од хаотична ситуација, распаднати институции и уништен систем, дојдовме до точка каде можеме да кажеме дека сме стабилизирани. Сега е време да ја развиваме Македонија каква што ја посакуваат сите граѓани“, додаде премиерот.

