Економија
Италијански бизнисмени ја скенираат состојбата во Македонија

Претставници на повеќе италијански компании од енергетскиот сектор, текстилната индустрија, производството на автоделови и од агроиндустријата во четвртокот ја посетија Македонија
Станува збор за претставници на италијански инвеститори во Бугарија, Србија и Албанија. Тие денеска во просториите на Стопанската комора на Македонија одржaa бизнис-форум со претставници на неколку македонски компании, со цел воспоставување контакт и соработка. Претставникот на здружението на италијански инвеститори во Бугарија, Фредерико Кази, рече дека целта на оваа посета е почетокот на еден проект, наречен Проект за Балканот, којшто предвидува воспоставување контакт на сите италијански инвеститори присутни во регионот. „На денешниот форум присуствуваат претставници на енергетски компании кои што во голем број се присутни во разни проекти во Македонија. Има претставници на занаетчиите, на текстилната индустрија, на компании кои што се занимаваат со производство на автоделови и секако претставници на агроиндустријата, која што несомнено има голем неоткриен потенцијал во Македонија“, рече Кази. За денеска попладне закажани се повеќе билатерални средби меѓу италијански и македонски компании.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
УЈП: Фискалните каси да имаат точни адресни податоци и редовно да се одржуваат во овластени сервисери

Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници кои вршат промет на добра и услуги со готовински плаќања дека се должни за секое работно место каде што се врши прометот да воведат и користат фискален систем на опрема, задолжително да издаваат фискална сметка за секој извршен промет и редовно да ги одржуваат и сервисираат фискалните апарати во овластен сервисен центар.
„Адресните податоци внесени во фискалниот систем треба да бидат точни и да соодветствуваат со локацијата каде што се користи фискалната каса. Даночниот обврзник кој го користи фискалниот систем во одреден деловен објект не смее да го пренесува, користи или отуѓува фискалниот апарат во друг објект без претходна пријава во Управата за јавни приходи преку овластен сервисен центар“, се наведува во соопштението.
Управата за јавни приходи ги потсетува даночните обврзници, корисници на фискална опрема дека секоја промена или одјава на фискалниот систем мора да биде одобрена од страна на Управата за јавни приходи.
Исто така даночните обврзници кои престануваат да го користат фискалниот систем, било поради прекин на дејност или набавка на нова опрема (нов фискален апарат), должни се стариот да го одјават преку овластен сервисен центар во Управата за јавни приходи.
УЈП апелира даночните обврзници да ги почитуваат одредбите од законот и да бидат даночно усогласени.
Економија
Објавена е табелата со цени на плинот во Европа, еве каде е Македонија

Домаќинствата во Европската Унија плаќале највисока цена на гас во втората половина од 2024 година откако Европскиот завод за статистика објавува податоци.
Просечната цена на гасот за домаќинствата во ЕУ беше за речиси 11,7 проценти повисока во втората половина од 2024 година отколку во претходните шест месеци, достигнувајќи го највисокото ниво од 2008 година, од 12,33 евра за 100 киловат-часови.
Во првата половина од минатата година, тоа беше за речиси два проценти пониско отколку во претходните шест месеци.
Домаќинствата на ниво на Унијата повторно потрошија повеќе за гас, за прв пат од крајот на 2022 година, главно поради зголемените даноци во многу земји по ублажувањето на енергетската криза, според статистичарите.
На годишна основа, цените за домаќинствата во ЕУ се зголемија за 9,6 проценти во втората половина од 2024 година, покажуваат табелите на Евростат.
Во еврозоната, гасот за домаќинствата во периодот од јули до декември бил во просек за 12,7 проценти поскап отколку во претходните шест месеци и чинел 13,18 евра за 100 киловат часови.
Најниска цена на гасот, изразена во евра, плаќале домаќинствата во Унгарија – 3,20 евра за 100 киловат часови.
Следи Хрватска – 4,56 евра за 100 киловат-часови, па Романија, каде што чинеше околу 5,4 евра за 100 киловат часови.
Највисоки цени на гасот, изразени во евра, плаќале домаќинствата во Шведска и Холандија, приближно 18,9 евра и 16,7 евра за 100 киловат часови.
Економија
Дурмиши ги предупреди трговците: Ако има енормно зголемување на цените, ќе има поригорозни мерки

Нови поригорозни мерки ќе бидат воведени доколку Државниот пазарен инспекторат утврди енормно зголемување на цените на производите по укинувањето на мерките што важеа до крајот на април, рече денес министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши. Тој денес рече дека официјалните податоци за изминатиот период додека беа замрзнати маржите покажуваат намалување на инфлацијата.
„Официјалните податоци покажуваат дека инфлацијата за април е практично нула. Во споредба со март има покачување од 0,6 %. Во споредба со април минатата година инфлацијата е 2,6 %, што значи дека не надминува 3 % и е во стабилна фаза. Цените на храната се речиси непроменети, само 0,3 % годишно зголемување и мора да потенцирам дека ако го споредиме април со декември 2024 година имаме дефлација од 1,35 %. Значи, имаме намалување на инфлацијата“, рече министерот Дурмиши.
Овој месец Државниот пазарен инспекторат ќе прави и редовни и вонредни контроли на цените и кај трговците, и кај дистрибутерите, и кај производителите и ќе подготви извештај врз основа на кој ќе се димензионираат нови, поригорозни мерки доколку се утврди дека покачените цени немаат економска оправданост.
„Може да ја прошириме листата со која ќе бидат опфатени производи за ограничување на маржата, односно ова што го имавме сега како мерка – може да ставиме повеќе производи, може да го покачиме процентот на маржата, да видиме кои се тие можности за поригорозна мерка. Ова го кажувам за да ги известам трговците, производителите и дистрибутерите да не се однесуваат девијантно, да не ги покачуваат цените без економска оправданост. Ако има покачување, ќе има поригорозни мерки. Се вршат контроли“, рече министерот Дурмиши.
На забелешките дека има хигиенски производи, кои се и за 60 денари поскапи по завршувањето на мерката, министерот Дурмиши рече дека првин треба Државниот пазарен инспекторат да го утврди тоа, да го извести секторот во Министерството за економија да направи анализа за тоа кои построги мерки да бидат донесени.