Економија
Во октомври 2047 г. ќе снема нафта
Како што пренесоа светските агенции, порталот на Европската агенција за енергетика објави дека сите резерви на нафта на планетава ќе бидат исцрпени на 22 октомври 2047 г. точно во 20.58 часот по средноевропско време
Според истите пресметки, природниот гас ќе го снема 19 години подоцна, односно на 12-ти септември 2068 г., јагленот ќе исчезне на 19-ти мај 2140 г., а меѓу необновливите извори на енергија најдолго ќе го има ураниумот кој ќе се исцрпи на 28-ми ноември 2144 г.Според податоците на Европскиот енергетски портал, најмногу нафтени резерви има на Блискиот исток, и тоа најмногу во Сирија, па во Иран, Ирак и Кувајт, па потоа следува Венецуела, Обединетите арапски емирати, па Русија, а САД е на 11. а Кина на 14-то место.А токму САД и Кина се далеку најголемите потрошувачи на нафта, по што следи Јапонија, Индија и Русија. Природниот гас, пак, најмногу го трошат САД и Русија. Кина е најголемиот светски потрошувач на јаглен но и најмногу го произведува. Најголеми резерви на ураниум има во Австралија, дури 23 отсто од светските резерви, но најмногу нуклеарно гориво произведуваат Канада и Казахстан. На ова листа се дадени и податоци за обновливите извори на енергија, а со нив најмногу располага Велика Британија. Како што се забележува на порталот, обновливите енергетски извори сега покриваат помалку од два отсто од британските потреби од енергија. Во најдобра ситуација на оваа листа е Данска чии потреби од енергија веќе сега со 17 отсто ги задоволуваат обновливите избори., а нејзината цел е за следните десет година оваа бројка да се зголеми до 30 отсто. Целна на Европската Унија е 20 отсто од нејзините енергетски потреби до 2020 г. да ги задоволува од обновливите извори на енергија.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.
Економија
По 13 години пауза, продуктоводот Солун – Скопје подготвен за работа: завршени сите технички контроли
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, присуствуваше на завршната техничка контрола и верификација на мерниот систем на продуктоводот преку кој ќе се транспортира дизел гориво од Рафинеријата во Солун до Рафинеријата ОКТА во Скопје. Со успешно реализираната проверка се потврдени исправноста, прецизноста и целосната функционалност на системот, со што се исполнети сите технички и контролни предуслови за негово ставање во употреба. Со ова, продуктоводот повторно започнува со работа по 13 години прекин, претставувајќи значаен чекор кон зајакнување на сигурноста во снабдувањето со нафтени деривати и модернизација на енергетската инфраструктура.
Проверката беше спроведена од страна на Бирото за метрологија, со учество на претставници од Чешкиот метролошки институт (CMI) и лабораторијата „Метрон“ од Солун, а во присуство и на преставници од царинската служба. Заедно со овластените и стручни лица од Бирото, тие ја проверуваа исправноста и метролошките карактеристики на системот, со цел да се потврди дека мерната опрема функционира прецизно, сигурно и согласно највисоките стандарди.
Божиновска истакна дека техничката исправност и точноста на мерењето се клучни предуслови за безбедно и транспарентно функционирање на енергетската инфраструктура.
„Ова е значаен чекор кон воспоставување сигурен и модерен систем за снабдување со деривати. Прецизното мерење, контролата и меѓународната верификација значат доверба, стабилност и долгорочна енергетска сигурност за државата“, нагласи Божиновска.
Продуктоводот, пуштен во функција во 2002 година за пренос на сурова нафта, по 2013 година беше предмет на инвестиции за негова пренамена во инфраструктура за транспорт на дизел гориво. Станува збор за систем во должина од 213,5 километри.
Инфраструктурата располага со 15 блок-вентил станици за подобрено управување и високо ниво на безбедност, складишни капацитети од 80.000 м³ во Грција и 30.000 м³ во Северна Македонија, како и современ SCADA систем за следење на притисок, температура и проток во реално време, што гарантира долгорочна сигурност и ефикасност.
Економија
Од полноќ нови цени на горивата
Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад на Република Северна Македонија (РКЕ) донесе Одлука со која се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 1,24% во однос на одлуката од 16.2.2026 година.
Од 24.2.2026 година од 00:01 часот максималните цени на нафтените деривати ќе изнесуваат:
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 95 73,50 (денари/литар)
Моторен бензин ЕУРОСУПЕР БС – 98 75,50 (денари/литар)
Дизел гориво ЕУРОДИЗЕЛ БС (Д-Е V) 69,00 (денари/литар)
Масло за горење Екстра лесно 1 (ЕЛ-1) 68,00 (денари/литар)
Мазут М-1 НС 34,520 (денари/килограм)
Малопродажните цени на бензините ЕУРОСУПЕР БС-95 и ЕУРОСУПЕР БС-98 се зголемуваат за 0,50 ден/лит.
Малопродажните цени на ЕУРОДИЗЕЛ (Д-Е V) и на Екстра лесното масло за домаќинство на (ЕЛ-1) се зголемуваат за 1,00 ден/лит.
Малопродажната цена на Мазутот М-1 НС се зголемува за 0,637 ден/кг и сега ќе изнесува 34,520 ден/кг.
Референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување во просек: кај бензините за 1,380%, кај дизелот за 2,624%, кај екстра лесното масло за 2,351% и кај мазутот зголемувањето е за 2,274%.
Курсот на денарот во однос на доларот во изминатиот период по кој беа формирани цените со претходната пресметка е повисок за 0,4252%.

