Економија
Кривична за директорот на ТД „Солун 2001“
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2016/11/6411473a-fa6a-4a25-beb6-e7ca9377323b-1.jpeg)
Генералниот директор на гевгелиската фирма ТД“ Солун 2001“АД, гевгеличанецот Б.П. (68), е осомничен дека ја злоупотребил службената положба и ги оштетил акционерите на друштвото за 7,4 милиони денари, соопшти МВР
Освен Б.П., за криминалот е осомничен и Ѓ.Д. (58) од Гевгелија, претседателот на УО на друштвото. Полицијата против двајцата поднела кривични пријави за злоупотреба на службената положба и овластување и за фалсификување исправа.Според МВР, кога во 2001 г. ТД „Солун“ АД Гевгелија било поделено на две друштва – „Солун 53“ и „Солун 2001“, било договорено Ѓ.Д. да ја повлече тужбата што ја поднел бидејќи не му биле признаени уплатени акции во ТД „Солун 1990“. Осомничениот, сепак, го прекршил договорот и поднел тужба за признавање на уплатените акции. Тогаш директорот без одобрение од Собранието на акционерите и спротивно од Законот за парничната постапка, во Основниот Суд Скопје 1 го признал тужбеното барање. На тој начин Б.П. му овозможил на Ѓ.Д. да се стекне со противправна имотна корист од 4,7 милиони денари.Од истрагата било утврдено дека осомничениот директор во 2003 г. склучил вонсудска спогодба со која на Б.М. од селото Богородица му било признаено право на сопственост на парцела вредна 2,6 милиона денари, а која била во сопственост на „Солун 2001“. Осомничениот, за да го убеди Судот дека парцелата не била сопственост на „Солун 2001“, туку на Б.М., приложил фалсификуван имотен лист за парцелата.
Повеќе информации за ТД Солун можете да најдете во нашето ДОСИЕ-денационализација.
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/makfax_logo_350px.jpg)
Економија
Државни станови по 1.000 евра за м2, продажбата започнува утре во Битола
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/stanovi.jpg)
Од утре, понеделник, започнува продажбата на државни комерцијални станови по цена од 1000 евра за метар квадратен. Како што најави министерот за транспорт и врски, Александар Николоски, оваа иницијатива има за цел да интервенира на пазарот на недвижности и да ги направи становите по-достапни за граѓаните.
Николовски во телевизиско интервју истакна дека станува збор за првиот чекор во намалување на високите цени на недвижностите во неколку градови, вклучувајќи Битола, Скопје, Охрид и Штип. Во Битола, продажбата на становите ќе започне по цена од 1000 евра за метар квадратен, а гаражите ќе се продаваат по 500 евра за метар квадратен.
„Моментално цените на комерцијалните станови во неколку градови галопираат. Обидуваме да интервенираме со оваа цена, која е далеку пониска од она што моментално се нуди на пазарот“, изјави Николоски.
Министерот ја потенцираше важноста на оваа иницијатива, нагласувајќи дека цените на становите се во несоодветност со животниот стандард на граѓаните. Во текот на следните неколку месеци, државата ќе се фокусира на изградба на нови комерцијални станови во Скопје, Охрид и Штип, а како дополнителен напор, ќе бидат изградени и социјални згради.
„Младите брачни двојки не можат да си дозволат дом по цените од 2500-3000 евра за квадрат. Затоа, оваа иницијатива е нашата интервенција за создавање на попристапни услови за сите граѓани“, додаде Николоски.
Оваа продажба ќе им овозможи на граѓаните, особено на младите, да купат стан по прифатлива цена, што ќе има значителен ефект на пазарот на недвижности во земјата.
Економија
Можни се мерки за контрола на цените, најави премиерот Мицкоски
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2023/04/market-ovoshje-zelenchuk-ceni.jpg)
На наредната владина седница во вторник, Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) ќе поднесе извештај во врска со последиците од бојкотот на маркетите поради високите цени на прехранбените производи, а можно е Владата да преземе мерки за контрола на цените, најави премиерот Христијан Мицкоски.
„Очекувам детално реферирање на седницата, по што ДПИ, заедно со Министерството за економија и труд, ќе излезат со конкретни параметри. Ако системот не функционира како што треба – од производителите, преку дистрибутерите, до трговските ланци – Владата ќе мора да реагира со дефанзивни мерки за контрола. Оваа акција ќе биде проширена и на други економски оператори, вклучувајќи аптеки и продавници за бела техника. Неприфатливо е исти производи да бидат два до три пати поскапи кај нас отколку во соседството“, изјави Мицкоски.
Тој истакна дека го разбира револтот на граѓаните поради високите цени, но потенцира дека решението треба да се бара преку дијалог.
„Доколку некоја страна не ги почитува договорените мерки, Владата ќе мора да интервенира. Не сакаме да водиме политика преку интервенции, туку преку конструктивен дијалог. Претходниот обид пред Нова година не заврши како што очекувавме, бидејќи беше нарушена довербата меѓу Владата и трговците“, додаде премиерот.
На владината седница, покрај ДПИ, извештај ќе поднесе и министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, а ќе бидат поканети и други релевантни институции.
Мицкоски ја најави и изградбата на нов автопат од Букојчани до Кичево, кој ќе овозможи модерно поврзување на Тетово, Гостивар, Кичево и Охрид.
„Останува отворено прашањето за делницата од Требеништа до Ќафасан, бидејќи таа се наоѓа во заштитена зона под УНЕСКО. Работиме на наоѓање соодветно решение за оваа делница“, објасни премиерот.
Проектот за делницата Букојчани – Кичево ќе се финансира со заем од ЕБРД во висина од 130 милиони евра, од кои 20 милиони се грант.
„Очекувам изградбата да заврши до крајот на 2028 или почетокот на 2029 година, во ист период со автопатот Тетово – Букојчани. Јавниот повик за претквалификација веќе е објавен, а очекувам до март да заврши и потоа да се распише тендер за избор на компанија. Целата постапка треба да заврши до крајот на годината“, најави Мицкоски.
Економија
Ангеловска-Бежоска – Палминтери: Народната банка цврсто чекори кон Европскиот систем на централни банки
![](https://makfax.com.mk/wp-content/uploads/2025/02/Средба-со-амбасадор-на-Италија.jpg)
Народната банка постојано работи на усвојување на најдобрите европски практики и стандарди со што сѐ повеќе се приближува до Европскиот систем на централни банки. Ова беше посочено на средбата помеѓу гувернерката на Народната банка Анита Ангеловска-Бежоска и амбасадорот на Република Италија во земјава, Паоло Палминтери.
Во оваа смисла беше нагласено значењето на поднесеното барање за членство на земјава во Единствената област за плаќања во евра (СЕПА). Амбасадорот Палминтери ја изрази својата поддршка за заложбите на Народната банка во овој процес. Гувернерката Ангеловска-Бежоска посочи дека имајќи го предвид високиот степен на усогласеност на правната рамка, се очекува позитивна оцена што ќе овозможи скорешно пристапување на нашата земја во СЕПА.
На средбата, стана збор и за системот за инстант плаќања којшто централната банка на Италија го развива за земјите од Западен Балкан, по одлука на Европската централна банка (ЕЦБ) како клон на системот ТИПС со кој таа управува. Системот ќе овозможи инстант извршување на домашните плаќања во текот на кое било време од денот во текот на годината во секоја од земјите, како и на нивните меѓусебни плаќања и на плаќањата со земјите од ЕУ. Поставувањето платежна инфраструктура за инстант плаќања во земјите од регионот по стандардите и правилата на системот на ЕЦБ претставува историски исчекор за развојот на регионот и негова интеграција на единствениот европски пазар и пред земјите да обезбедат полноправно членство во ЕУ, се согласија гувернерката и амбасадорот.
Се разговараше и за билатералната соработка на нашата со централната банка на Италија, во рамките на втората фаза од Регионалната програма за зајакнување на капацитетите на централните банки на Западен Балкан, финансирана од Европската Унија. Оваа соработка ќе придонесе кон унапредување на стандардите и примената на најдобрите практики во Народната банка, преку споделување искуства и експертиза од страна на Банката на Италија.
Гувернерката Ангеловска-Бежоска и амбасадорот Палминтери ја потврдија својата заложба за понатамошно јакнење и продлабочување на соработката, заради унапредување на финансиската стабилност и натамошна интеграција на финансискиот систем со европскиот финансиски систем, особено во платежната сфера.