Економија
Угостителите во Охрид со продолжено работно време за 16 дена

Продолжување на работното време на сите угостителски објекти во Охрид за вкупно 16 денови во месеците јули, август и септември, одлучија по двочасовна расправа советничките групи.
Продолжување на работното време на сите угостителски објекти во Охрид за вкупно 16 денови во месеците јули, август и септември, одлучија по двочасовна расправа советничките групи.
Најголемиот број од нив се денови од викенд, а останатите неработни денови во кои се случуваат значајни манифестации во градот или празнични денови.
Во седум од вкупно 16-те денови, работното време на угостителските објекти ќе биде продолжено за два часа, а во останатите девет дена, само за еден час.
Ваквата одлука беше донесена по расправата на советниците, а по претходно поднесената иницијатива на угостителите до советот, за продолжување на работното време за два часа до крајот на годината, за време на празнични денови и денови кога се одржуваат манифестации опфатени со годишната програма на општината.
Во текот на расправата, советникот од ВМРО- ДПМНЕ, Кирил Пецаков потенцира дека продолжувањето на работното време на угостителските објекти само дополнително би го зголемил хаосот кој се случува во градот.
И според советниците на СДСМ и коалиционите партнери, предлог- одлуката каква што е поднесена до советниците, од страна на угостителите, е неприфатлива.
„Продолжувањето на работното време како што се бара од страна на угостителите нема да ги реши ниту нивните проблеми, ниту проблемите на граѓаните и туристите. Со донесувањето на таквата одлука советот само би навлегол во една сфера на делување во која нема ингеренции. Ние како советничка група сме за продолжување на работното време само за одредени датуми и се надевам на поддршка и од останатите советници“ рече Томислав Тунтев, координатор на советничката група на СДСМ.
На денешната седница присутни беа и граѓани од стариот дел од градот каде се наоѓаат најголемиот број угостителски објекти.
„Граѓаните не се за продолжување на работното време на угостителските објекти. Непочитувањето на работното време, бучавата, се основните проблеми со кои се соочуваме со години наназад и за кои е потпишана и петиција доставена и до локалната самоуправа. Воопшто навечер не можеме да спиеме поради гласната музика и апелираме до надлежните инспекциски служби да ги преземат сите потребни мерки за решавање на проблемот“ рече Наум Јамандиев, член на месна заедница Стар град.
Против продолжувањето на работното време на угостителските објекти се изјаснија и дел од сопствениците на ноќните клубови во градот.
„Против сме продолжување на работното време на кафулињата, затоа што со тоа згаснуваат ноќните клубови во градот и ни се нанесува голема неправда. Револтирани сме што законските измени кои се однесуваат на угостителската дејност се прават без соработка со угостителите“, рече Илија Џепароски, сопственик на ноќниот клуб Арена. /крај/охрид.њуз
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Трипуновски се сретна со унгарскиот министер за земјоделство: Да се поврзат унгарските и македонските компании за поголема трговска размена на земјоделски и прехранбени производи

Денеска во рамките на Унгарско-македонски владин самит, во Будимпешта министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски оствари конструктивна средба со унгарскиот министер за земјоделство, Иштван Наги.
На средбата се разговараше за предизвиците со кои што се соочува секторот земјоделство.
„Во текот на разговорот со министерот Иштван Наги се согласивме дека е потребно да се продлабочи соработката помеѓу двете министерства“, додаде министерот Трипуновски.
На средбата беше истакнато дека Унгарија е пријателска земја и силен поддржувач на Македонија на патот на евроинтеграцискиот процес.
„Да ја интензивираме соработката помеѓу двете институции, да се поврзат унгарските и македонските компании за поголема трговска размена на земјоделски и прехранбени производи“, додаде министерот Трипуновски, при што посочи дека фокусот на соработката со Унгарија е подобрување на одржливоста на земјоделското производство.
Економија
Битиќи на „Копаоник бизнис форум“: Западен Балкан не смее да остане заробен во поделби и недоверба

Најголемата пречка за развојот на Западен Балкан не е економијата – туку длабоко вкоренетите предрасуди и отпорот кон соработка. Додека договорите и политичките рамки создаваат структура за интеграција, клучниот предизвик е волјата на општествата да ја прифатат оваа соработка како можност, а не како закана, порача пратеникот од СДСМ, Фатмир Битиќи, во своето обраќање на панелот „Западниот Балкан: Одржлива регионална соработка“, на годинешниот „Копаоник бизнис форум“ во Србија.
Битиќи посочи дека децении на поделби, поттикнати од историски наративи и националистичка реторика, продолжуваат да ја обликуваат јавната перцепција, создавајќи отпор кон подлабоки економски, културни и институционални врски.
„Без соочување со овие основни социјални тензии, дури и најдобро структурираните договори ризикуваат да бидат поткопани од недостаток на доверба, што ја ограничува способноста на регионот да функционира како кохезивен економски и политички блок,“ порача Битиќи.
Тој потенцираше дека вистинскиот напредок бара не само реформи во политиките, туку и промена на менталитетот, во насока на тоа што ќе почне да ја гледа регионалната соработка како можност, а не како компромитирање на било кој идентитет.
„Ниту една земја во нашиот регион не може самостојно да се спротивстави на глобалните економски притисоци. Но, заедно, можеме да изградиме силен и конкурентен економски блок кој привлекува инвестиции, ги зајакнува индустриите и обезбедува долгорочен раст. Ова значи премин од зависност кон меѓузависност – создавање регионални синџири на вредност, усогласување на инвестиционите политики и интегрирање во европските добавувачки мрежи како еден пазар, а не шест фрагментирани“, рече Битиќи.
Според пратеникот Битиќи регионалната координација на напорите на пристапување во ЕУ преставува клучен чекор кој треба да се направи на Западен Блакан.
„Наместо да ја третираме интеграцијата како трка еден против друг, мора да дејствуваме како единствен блок, усогласувајќи ги политиките и реформите за да го забрзаме економското усогласување. Европската иднина на Западен Балкан носи можности, но само ако се движиме заедно, а не одделно“, порача Битиќи.
На крајот од своето обраќање тој ја истакна важноста на нов пристап во регионалната соработка, кој ќе ги надмине старите модели на меѓусебно ривалство.
„Западен Балкан повеќе не може да си дозволи да биде поделен. Мораме да се натпреваруваме на глобално ниво, а не меѓусебно. Преку прифаќање на регионалната конкурентност наместо регионална конкуренција, можеме да изградиме економија која е отпорна, просперитетна и подготвена за иднината,“ заклучи Битиќи.
Економија
АД МЕПСО и АД ЕСМ: Заедно работиме на развојот на преносната мрежа и интеграцијата на обновливите извори на енергија

На денешната координативна средба, раководствата на АД МЕПСО и АД ЕСМ ги усогласуваа стратегиите за развој на електропреносна инфраструктура и можностите за интеграција на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори.
Во насока на зајакнување на преносната мрежа и обезбедување поголема стабилност и доверливост, АД МЕПСО ги презентираше проектите со кои се става особен фокус на адаптација и проширување на капацитетот на преносната инфраструктура за нови производни извори на енергија и изградба на објекти за складирање на енергија, а АД ЕСМ ги презентираше плановите за проширување на производното портфолио.
На средбата беа разменети информации во однос на напорите кои се прават за изградба на нови преносни водови, нови трансформаторски станици и примена на напредни технологии со кои ќе се подобри ефикасноста и стабилноста на целокупниот електроенергетски систем.
Двете компании се договорија да ја продолжат соработката и да ги динамизираат активностите за реализација на планираните проекти со единствена цел, да се одговори на идните предизвици во енергетиката и да се обезбеди одржлив и сигурен развој на енергетскиот сектор во државата.