Економија
Кина купува злато, со што го загрозува доларот
Кина префрла дел од нејзините масивни резерви во странство во злато и се одалечува од американскиот долар, со што јапоткопува улогата на доларот како светска резервна валута, се вели во документите кои неодамна ги објави Wikileaks.
Кина префрла дел од нејзините масивни резерви во странство во злато и се одалечува од американскиот долар, со што јапоткопува улогата на доларот како светска резервна валута, се вели во документите кои неодамна ги објави Wikileaks.
„Тие (САД и Европа) имаат намера да ја ослабат функцијата на златото како меѓународна резервна валута. Тие не сакаат другите држави да се свртат кон златните резерви, наместо кон доларот и еврото“, се вели во телеграмата од 2009 година, која го цитира кинеското Radio International. „На овој начин, зголемените златни резерви на Кина ќе послужат како модел и ќе ги поттикнат и другите држави да резервираат поголеми количини на злато“.
Телеграмата е насловена „Кина ги зголемува своите златни резерви со цел да убие две птици со еден камен“. Заедно со0 неодамнешните изјави на повеќе кинески банкарски функционери, тоа може да е сигнал за обидот на Кина до одреден период да го замени доларот како светска резервна валута.
Неодамна, во европските деловни кругови се прошири информацијата дека Кина планира својот јуан да го направи целосно конвертибилен, со што до 2015 година ќе може со него да се тргува на меѓународните пазари. Жу Ксиачуан, гувернерот на кинеската Централна банка, изјави дека оф-шор пазарот на јуанот „се развива побргу отколку што можеше да се замисли“, но и дека не постои конечен временски рок до кога јуанот ќе стане целосно конвертибилен. Во моментов јуанот многу тешко се конвертира во други валути заради владините рестрикции.
Резервите на злато на Кина се мали во споредба со другите големи економии. Таа има 1.054 тони злато, што се шести најголеми резерви во светот, според податоците на Светскиот совет за злато.
Дилемата на доларот
Купувањето злато и дозволата со јуанот слободно да се тргува ќе ја ослабне доминацијата на американскиот долар како меѓународна резервна валута. Овој потег ќе има огромни импликации, пред се поради тоа што на американската влада ќе и биде многу потешко да позајмува пари и да ја одржува трговијата и буџетскиот дефицит.
„САД се навикнати на да ја имаат позицијата на клучна резервна валута, но другите со нетрпение чекаат да ги заменат на таа позиција“, вели Џош Ајценман, професор по економија на Универзитетот на Калифорнија и претседател на Меѓународното здружение на економисти и финансиери.
Како резервна валута, американскиот долар е речиси обврзен при меѓународните трансакции. Ако, на пример, некоја јужнокорејска компанија сака да купи вино од Чиле, најверојатно трансакцијата ќе ја изврши во долари. Но, во тој случај компаниите мора да купуваат долари за да можат да го водат бизнисот, што води до поголема побарувачка. Вредноста на глобалните добра за широка потрошувачка, како нафтата, исто така најчесто се изразува во долари.
Тоа што е резервна светска валута им овозможува на САД да зајмат пари со ниски камати, затоа што централните банки ширум светот „се тепаат“ да купат дел од владиниот долг на САД.
„Секоја земја што може да си ги покрие трошоците со печатење на пари или со продажба на обврзници, всушност, си добива бесплатен ручек“, смета Ајценман.
Со очигледната промена на расположението во Кина, бесплатниот ручек од сега може да биде сервиран со прилично обемна сметка. Ако се земе предвид масовниот трговски дефицит на САД, просечните Американци ќе мора да мијат чинии по рестораните ако доларот го загуби статусот на резервна валута.
„Кина до неодамна беше фокусирана на купување на американски долари преку обврзници“, вели натаму Ајценман. „Но, по економската криза, доларот падна во споредба со другите главни валути, особено во однос на швајцарскиот франк, канадскиот долар и бразилскиот реал. Ова и ги врзува рацете на Кина“, смета тој.
Валутни резерви
Во март 2011 година,, Кина држеше 3,04 трилиони американски долари во резерва. Таа е најголемиот сопственик на американски државни обврзници, или државен долг, во светот, со сопственост на 1,166 трилиони од тој долг на 30 јуни годинава. Оттаму, каква и да е поголема девалвација на американскиот долар ќе и наштети и на Кина, затоа што ќе остане со купишта безвредни хартии во рацете.
„Ако на една банка и должите 100 долари, тоа е ваш проблем. Но, ако и должите 100 милиони долари, тогаш тоа е проблем на банката“, изјави еднаш американскиот индустријалец Жан Пол Гети, што е парабола која точно ги опишува неволјите на Кина.
„Кина е заглавена во позиција кога не можат преку ноќ да продадат голем дел од своите резерви во долари, без при тоа да си наштетат самите на себе“, вели Ајценман. „Сега е премногу доцна да се диверзифира набрзина она што веќе го имаат акумулирано“.
Одговорот на сето тоа: купувај злато. Се чини дека сите го прават тоа. Вредноста на овој светкав метал, кој е бескорисен за повеќето практични работи, се зголеми за речиси 400 проценти, од помалку од 500 долари за унца во 2005, на околу 1.900 долари за унца во септември годинава.
„Цената на златото порасна поради несигурноста на светската економија“, смета марк Вајсброт, ко-директор на Центарот за економски и политички истражувања, институт од Вашингтон. „Вообичаено, вредноста на златото би требало да расте кога има висока инфлација. Но, во овој случај вредноста расте затоа што никој повеќе не знае каде да си ги вложи парите“.
Во телеграмата обелоденета од Wikileaks, Кина наведува дека „САД и Европа отсекогаш ја потиснувале цената на златото, ако таа почне да расте“, но ниту Вајсброт, ни Ајценман не мислат дека такво нешто се случува, ниту пак дека е воопшто можно.
Во моментов Кина се уште практикува строга контрола врз својата валута, со што ги ограничува странците да работат со јуанот или да тргуваат со него на странските менувачки пазари. Тоа би можело да се смени во наредните пет години.
Со тоа што поседува толку големи резерви на американската валута и со строгите контроли на јуанот, Кина може да ја одржува вредноста на својата валута пониско отколку што би била ако е на слободна продажба. Со тоа нејзиниот извоз е многу поевтин.
Односот, во кој кинеските инвестиции во американските владини обврзници им овозможува на Американците да добиваат евтини кредити со кои можат да купуваат кинески производи, добро функционираше во изминативе 15 години. Во 2010 година, САД имаа трговски дефицит со Кина во висина од 273,1 милијарда долари.
„Ние си ги плаќаме нашите долгови во долари, за да можеме да печатиме пари, со кои ќе си ги платиме нашите меѓународни долгови“, вели Вајсброт. „Поради статусот на доларот на резервна валута, САД може да го растегнува својот трговски дефицит до бескрај, додека истовремено се зајми на меѓународниот пазар без сериозни реперкусии, со што најголемата економија на светот е постојано во голема предност“.
Ако златото, јуанот или комбинација од други валути го заменат доларот, САД ќе4 ја изгубат таа предност. Без замена во краток рок, ништо нема да го замени доларот како резервна светска валута барем во наредните пет години. Но, ништо не трае вечно.
„Кога тие (Кина) ќе посакаат доларот да пропадне, тогаш и ќе го сторат тоа. На крајот, доларот ќе падне, но тоа може да се случи во многу далечна иднина“, смета Вајсброт.
Без оглед на судбината на доларот, една друга телеграма објавена од Wikileaks отсликува многу пошироки двосмислености на најбитната економска дружба на светот, или „Кинамерика“, како што ја нарече историчарот Ниал Фергусон.
„Никој во 1979 година не можеше да предвиди дека Кина ќе стане најбитната врска на САД за само 30 години“, се вели во телеграмата. „Никој денес не може да предвиди со сигурност какви ќе бидат нашите односи со Пекинг за 30 години од сега“. /крај/Aljazeera/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Спасовски: Со минимална плата од 600 евра ја штитиме егзистенцијата на граѓаните, прифатете го Законот
„Со континуираниот раст на минималната плата, државата го штити и вреднува трудот на работниците. Предлог-законот за минимална плата, во износ од 36.960 денари, претставува продолжение на континуираниот раст на минималната плата, што започна системски во 2017 година и кој во изминатите години значително го подобри животниот стандард на работниците со најниски примања“, рече пратеникот на СДСМ, Оливер Спасовски, на денешната комисиска расправа .
Тој посочи дека, и покрај законскиот механизам за усогласување на минималната плата со растот на просечната плата и трошоците за живот, реалноста покажува дека динамиката на поскапувањето ја надминува динамиката на законското усогласување.
„Најзасегнати од ова се граѓаните кај кои минималната плата е единствен извор на приход. Со овој закон предлагаме утврдената минимална плата од 36.960 денари со цел да се зачува реалниот животен стандард и да се обезбеди достоинствен надомест за трудот на сите работници“, додаде Спасовски.
Тој посчи дека дека средствата за спроведување на законот, предвидени во износ од 7,5 милијарди денари, ќе се обезбедат преку пренамена во рамките на постојниот буџет, без зголемување на дефицитот и без ново задолжување.
„Станува збор за одговорна и внимателно планирана пренамена која обезбедува високи примања на работниците, а при тоа ја зачувува и финансиската стабилност на државата. Минималната плата е показател на тоа колку едно општество го вреднува трудот на работниците. Таа е прашање на социјална правда, економска стабилност и човечко достоинство. Ако трошоците за живот растат, платите мора да го следат тој раст“, рече Спасовски.
Тој повика на единство во носењето на законот: Барам од сите колеги, без разлика на политичката припадност, да застанеме заедно во носењето на ова законско решение. Со тоа испраќаме порака дека го слушаме гласот на работниците и синдикатите и дека обезбедуваме егзистенција за граѓаните.
Економија
(Видео) Битиќи: Минималната плата од 600 евра не е привилегија, туку право на работниците
Зголемувањето на минималната плата на 600 евра не е никаков каприц, туку барање за социјална нормалност, а без оваа законска интервенција, оваа нормалност може да биде само политичка привилегија. Кога велиме 600 евра минимална плата, ние не велиме државата да продолжи да биде пасивен набљудувач и работите во економијата да се движат по инерција. Бараме платата да се зголеми, а Владата да си ја преземе одговорноста, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната комисиска расправа во Собранието за предлог-законот за зголемување на минималната плата.
Битиќи остро ја критикуваше Владата за продлабочувањето на сиромаштијата, слабата контрола врз цените и отсуството на вистински социјален дијалог околу минималната плата од 600 евра. Тој предупреди дека растот на трошоците директно ја нагризува куповната моќ на граѓаните.
„Оваа динамика ни кажува едноставно дека куповната моќ се јаде одвнатре, односно постои изразена тенденција сиромаштијата системски да е толерирана. Во овие услови, Владата нема право да зборува за одржливост кога се отвора темата за плати, а да молчи за сопствените институционални потфрлања што директно ја гушат економијата“, појасни Битиќи.
Тој посочи дека наместо да преземе одговорност, Владата го префрла товарот врз работниците и синдикатите.
„Се соочуваме со последователно множество на институционални слабости што го креваат стопанството на колена, а потоа Владата им држи лекција на работниците и фирмите да се договорат, праќајќи порака дека од нејзината страна нема простор за достоинствени плати.“, рече пратеникот на СДСМ.
Во однос на социјалниот дијалог, Битиќи беше дециден:
„Трошоците на живот растат, синдикатите бараат решение, а одговорот што го добиваат е одложување, игнорирање и политичка острина кон барањата на работниците. Во таква клима, социјалниот дијалог не се одржува, туку се задушува. 600 евра минимална плата е линија под која државата не смее да се повлече. Цените и трошоците веќе покажаа дека сегашните политики на Владата произведуваат работничка сиромаштија. Да не го оставаме работникот сам да се бори со инфлацијата и слабата контрола на државата. Достоинството не се одложува, туку мора да се гарантира.“, заклучи Фатмир Битиќи.
Економија
Скопскиот аеродром ја доби наградата за квалитет на аеродромските услуги „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми
Аеродромот во главниот град на Македонија ја добива наградата ASQ по 11-ти пат. Ова признание се базира целосно на повратните информации од патниците преку анкетата ASQ што ја пополнуваат додека чекаат да се качат во авион.
Меѓународниот Аеродром Скопје, управуван од ТАВ Македонија, подружница на ТАВ Аеродроми и членка на Групацијата АДП и оваа година ја доби престижната награда за квалитет на аеродромските услуги (ASQ) за 2025-та година за „Најпријатно аеродромско искуство во Европа“ од Меѓународниот совет на аеродроми(ACI).
Наградата која скопскиот аеродром ја добива по 11 пат е уште едно признание од патниците во заминување кои што ги пополнуваа анкетите за задоволство од квалитетот на аеродромските услуги, преку кои се мерат клучните индикатори како што се ефикасноста на пријавувањето на патници и багаж (чекирањето), безбедносната проверка, снаоѓањето низ аеродромот, како и целокупната леснотија при движење низ аеродромот.
Ова континуирано меѓународно признание е уште еден доказ за посветеноста на вработените на аеродромот кон квалитетот на услугите, грижата за патниците и постојаното унапредување на стандардите во работењето. А наградата, која се темели на оценките од патниците, покажува дека скопскиот аеродром ги исполнува нивните очекувања.
„ Добивањето на наградата за квалитет на аеродромските услуги за патничко искуство за 2025 година, во категоријата Најпријатно аеродромско искуство во Европа од Меѓународниот совет на аеродроми е значајно достигнување за Меѓународниот Аеродром Скопје и ТАВ Македонија.
Признанието по 11-ти пат ја покажува конзистентноста на нашата оперативна извонредност и нашата постојана посветеност на квалитетни аеродромски услуги. Во 2025 година, исто така, достигнавме историски успех со тоа што услуживме рекордни над 3 милиони патници – што го прави ова достигнување уште позначајно.
Оваа награда, целосно заснована врз повратните информации од патниците преку програмата за квалитет на аеродромските услуги, го потврдува нашиот стратешки фокус на ефикасност, сигурност и патничко искуство.
Изразувам искрена благодарност на сите вработени, партнери и патници на Меѓународниот Аеродром Скопје. Во ТАВ Македонија, ние остануваме целосно посветени на обезбедување беспрекорно, висококвалитетно патување и континуирано подобрување на нашата работа“, изјави Неџат Курт, Генерален директор на ТАВ Македонија.
Џастин Ербачи, генерален директор на ACI World, изјави:
„Добивањето на ASQ наградата за квалитет на аеродромските услуги од ACI ја потврдува континуираната посветеност на Меѓународниот Aеродром Скопје да ги слуша своите патници. Ова признание ја одразува вашата заложба за постојано унапредување и обезбедување исклучително патничко искуство за сите патници“.
Меѓународниот Aеродром Скопје припаѓа во ASQ панел од 20 аеродроми, во категоријата аеродроми во Европа со големина од 2 до 5 милиони патници годишно. Покрај Меѓународниот Aеродром Скопје, другите аеродроми во овој панел се аеродроми во Италија, Шпанија, Португалија, Норвешка, Естонија како и уште два аеродроми управувани од ТАВ Аеродроми, аеродромот во Загреб и Тбилиси во Грузија.
Досега, за 2012, 2015, 2013 и 2018 Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби ASQ наградата – Најдобар аеродром во Европа во големината до 2 милиони патници, додека за 2019, 2020, 2021, 2022, 2023 и 2024 аеродромот ја доби ASQ наградата, но во големина од 2 до 5 милиони патници годишно, врз основа на порастот на бројот на патници кој автоматски овозможи да се натпреварува со таа група на аеродроми во регионот на Европа.

