Економија
Бразил ќе ја спасува Европа преку ММФ
Бразил ќе предложи таа самата, заедно со другите економии во подем, да создадат нови фондови кои ќе му бидат ставени на располагање на ММФ како уште еден начин да се олесни кризата во еврозоната, тврди анонимен бразилски функционер.
Бразил ќе предложи таа самата, заедно со другите економии во подем, да создадат нови фондови кои ќе му бидат ставени на располагање на ММФ како уште еден начин да се олесни кризата во еврозоната, тврди анонимен бразилски функционер.
Гвидо Мантега, бразилскиот министер за финансии предлогот ќе го претстави на наредната средба на групата БРИК (Бразил, Русија, Индија и Кина, а од неодамна и Јужна Африка) кон крајот на неделава во Вашингтон, изјавил за Reuters анонимниот функционер.
Бразил би можел да донира дури 10 милијарди долари свои сопствени средства, кои би се искористиле за помош на Европа преку разни канали, вклучувајќи го и ММФ.
„Давањето пари на ММФ нам ни се чини како најпривлечна опција за да и помогнеме на Европа“, вели функционерот.
Земјите од БРИК веќе купуваат дел од европскиот долг преку Европската установа за финансиска стабилност (ЕФСФ).
Мантега претходно предложи земјите од БРИК да се ангажираат во координирани набавки на европските обврзници, но таа идеја наиде на отпор кај другите членки на групата, кои се плашат да купат ризичен имот или пак се сомневаат дека се доволно моќни за да помогнат. ММФ, пак,нуди побезбедни механизми за координираните напори.
Предлогот задоволува два императива за Бразил. Тоа би можело да помогне во изолирањето на другите проблематични економии од периферијата на Европа – имено Португалија и Шпанија – кои имаат големи инвестиции во Бразил. Згора на тоа, поголемото финансиско учество во ММФ на крајот би ја зголемило моќта на Бразил во оваа финансиска институција.
Функционери од владата на бразилската претседателка Дилма Русеф, велат дека тие на кризата во САД и во Европа гледаат како на можност за Бразил да си избори за себе и за другите земји од БРИК поголема улога во глобалните работи. /крај/Aljazeera/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Гувернерот Трајко Славески учествува на конференција на гувернери во Брисел, во фокус глобалните економски предизвици
Гувернерот на Народната банка, Трајко Славески учествува на конференцијата на гувернерите од Kонституенцата на Меѓународниот монетарен фонд, на која се разгледуваат клучните предизвици и идните насоки на централнобанкарските политики во услови на зголемена глобална неизвесност и променет геоекономски амбиент.
Во фокусот на дискусиите се изгледите за инфлацијата и монетарната политика, како и улогата на централните банки во одржувањето стабилни финансиски системи. Особено внимание е посветено на можните трендови на дерегулација и нивните потенцијални импликации врз финансиската стабилност.
На конференцијата се разговара и за влијанието на технолошките иновации и геостратегиските промени врз економскиот развој и финансиските текови, како фактори што сè повеќе го обликуваат глобалниот финансиски систем.
Во рамките на настанот, се одвива размена на искуства и ставови со гувернери, претставници на европските институции и меѓународните организации, што придонесува кон креирање политики засновани на знаење и соработка, како и кон зајакнување на капацитетите на централните банки за справување со современите економски предизвици и обезбедување стабилен и предвидлив економски амбиент.
Економија
Божиновска на средби со меѓународни партнери за унапредување на енергетиката и рударството
Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, денеска оствари низа работни средби со меѓународни партнери со цел продлабочување на соработката и размена на искуства во енергетскиот и рударскиот сектор.
На средба со амбасадорот на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Солстром, беше разговарано за интензивирање на билатералната соработка во секторот рударство, вклучително размена на добри практики од шведски експерти и соработка со македонските универзитети за унапредување на техничките и научните капацитети. Дополнително, на средбата беа разгледани теми поврзани со развој на обновливи извори на енергија и проекти за подобрување на квалитетот на амбиенталниот воздух како дел од заложбите за одржлив економски развој и зелена транзиција.
Министерката Божиновска оствари средба и со амбасадорката на Кралството Холандија, Узлем Џанел, со која разговараа за унапредување на соработката во енергетскиот сектор, вклучително поддршка за обновливи извори на енергија, зајакнување на енергетската ефикасност. Соговорниците ja нагласија важностa од континуирана експертска соработка и размена на иновативни решенија помеѓу двете земји.
Божиновска оствари средба и со преставници на Strategic and Social Research Foundation – Marmara Group. Фокус на разговорот беше организацијата на 29-тиот Евроазиски Економски Самит и официјалната покана до министерката Божиновска за учество на Самитот. На средбата се разговараше и за инвестициони можности во соларната енергија, како и тековните активности и планови на Министерството за енергетика.
Министерката Божиновска ја истакна важноста на овие средби за промоција на Северна Македонија како модерна, инвестиционо атрактивна и еколошки одговорна земја, која континуирано го унапредува енергетскиот и рударскиот сектор и ја зајакнува регионалната соработка.
Економија
Мицкоски: Очекувам убави вести за шеесетина македонски производи да се извезуваат во САД по повластена тарифа
Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Христијан Мицкоски денеска одговарајќи на новинарско прашање во однос на очекувањата за поволна одлука за тарифите од САД, изјави:
„Да, очекувам денеска убава вест. Изминативе месеци жестоко преговаравме. Се сеќавате тогаш кога излегуваа голем дел од опозициските, условно кажано, медиуми коишто критикуваа како Македонија добила 34% тарифи, не знам што и не знам како. Очекувам сето тоа да биде потврдено со заедничка изјава денеска. Очекувам поволни вести од таму и очекувам негде околу 63-64 производи коишто се за нас стратешки, да бидат со повластена тарифа којашто ќе биде едноцифрена и ќе се движи меѓу 0 и 6,5%.“
фото/Depositphotos

