Економија
Ирска ќе го зголеми штедењето и даноците
Ирска најави дека ќе ги заостри мерките за штедење со цел да го намали дефицитот во наредната година за 3,8 милијарди евра и ќе ги зголеми даноците за да може до 2015 година да ги исполни условите од договорот за меѓународна помош.
Ирска најави дека ќе ги заостри мерките за штедење со цел да го намали дефицитот во наредната година за 3,8 милијарди евра и ќе ги зголеми даноците за да може до 2015 година да ги исполни условите од договорот за меѓународна помош.
Ирскиот министер за финансии Мајкл Нунан рече дека зголемувањето на кратењата на потрошувачката и на даноците, изнесени во неговиот фискален план за периодот 2012 – 2015 година се потребни за да може Ирска да го врати дефицитот во границата од три проценти од бруто-домашниот производ, што беше клучен услов од договорот за помош, склучен минатата година.
„Големата разлика помеѓу потрошувачката и приходите, кои се уште постои, мора да биде затворен“, вели Нунан.
Ирска во ноември 2010 година беше присилена да преговара за потенцијалната кредитна линија д 67,5 милијарди евра од Европската унија и од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), откако се најде на работ на банкрот заради својата програма за спас на банките по финансиската криза од 2008 година. /крај/онаса/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Димитровски: ЦЕФТА не е само регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија
Заменик-министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Зоран Димитровски, учествуваше на ЦЕФТА неделата 2025, што се одржа во Приштина, Косово. Настанот, организиран од актуелното косовско претседателство со ЦЕФТА, беше фокусиран на унапредување на конкурентноста, дигиталната трансформација и на постепената интеграција на регионот во Европската Унија.
Во своето обраќање, Димитровски, нагласи дека од декември минатата година, Министерството за надворешни работи и надворешна трговија ја презеде и надлежноста за надворешната трговија. Во таа смисла, посочи дека оваа трансформација е дел од пошироката определба на Владата да ја зајакне економската дипломатија, да го подобри економскиот настап на државата во странство и да создаде поцврсти врски со меѓународните пазари.
„Активностите поврзани со ЦЕФТА се само дел од пошироката економска агенда на Министерството, чија цел е да создаде подобра деловна клима и да ја зајакне позицијата на државата на регионалните и европските пазари“, рече тој.
Димитровски во своето излагање, особено го акцентираше претседавањето на Република Северна Македонија со два клучни органи во рамките на ЦЕФТА – Комитетот за олеснување на трговијата и Поткомитетот за нетарифни мерки. Тој посочи дека под наше водство биле постигнати значајни и практични резултати во однос на подобрени процедури за стопанството, дигитални алатки кои го олеснуваат пристапот до пазарите, поефикасни системи за следење на трговските бариери, како и унапреден процес на меѓусебно признавање на одредени професионални стандарди.
Во овој контекст, тој објасни дека модернизацијата и дигитализацијата кои ги спроведуваат земјите од ЦЕФТА придонесуваат регионот постепено да се усогласува со европските правила и практики, што е важно за економиите и за деловната заедница.
„ЦЕФТА не е само наш регионален трговски механизам, туку наша практична подготовка за членство во Европската Унија,“ нагласи Димитровски.
Во дискусиите беше потврдено дека напредокот на Заедничкиот регионален пазар 2025–2028 останува клучно достигнување на регионот, а дека ЦЕФТА продолжува да се развива во попредвидлив и поконкурентен систем ориентиран кон потребите на стопанството.
Заменик-министерот истакна дека посакува ЦЕФТА до 2030 година природно да го заврши своето постоење, бидејќи Република Северна Македонија, земјите од Западен Балкан и Молдавија ќе станат членки на ЕУ, исто како што тоа се случи со земјите од Централна Европа, со што ЦЕФТА целосно ќе ја исполни својата мисија.
На маргините на настанот, заменик-министерот оствари и повеќе средби со претставници од земјите партиципиенти на ЦЕФТА при што бес разменети мислења за продлабочување на економската соработка и зајакнување на интегративните процеси во регионот на Западен Балкан.
Економија
Доделени наградите од конкурсот за ликовна и литературна творба по повод Светскиот ден на штедењето
Во Народната банка се одржа традиционалната свеченост по повод доделувањето на наградите од Конкурсот за ликовна и литературна творба за основните и средните училишта, којшто Народната банка го организира во соработка со Министерството за финансии по повод Светскиот ден на штедењето. На настанот се обрати гувернерот на Народната банка, Трајко Славески и заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски.
Гувернерот Славески, во своето обраќање, ги истакна посветеноста, знаењето и креативноста на младите генерации, нагласувајќи дека пристигнатите трудови ја потврдуваат значајната улога на финансиската едукација во градењето свесни, одговорни и финансиски писмени млади луѓе.
„Штедењето не е само собирање средства. Тоа е филозофија на животот којашто ни овозможува да ги исполнуваме нашите желби, да обезбедиме сигурност за нашата иднина, но и да ги градиме стабилноста и благосостојбата на целото општество. Денес, овој пристап добива уште поголема важност, бидејќи живееме во време на брзи промени, дигитализација и нови финансиски предизвици и можности“, истакна гувернерот.
Заменик-министерот Јанкуловски поздравувајќи ги учесниците рече дека младите покажуват дека секое мало штедење може да биде почеток на голема цел.
„Вие сте пример дека знаењето, вложениот труд и желбата да се мисли за иднината се вредности кои го движат општеството напред. Овој ден нека биде поттик да продолжиме сите заедно – ученици, наставници, родители и институции – да ја негуваме финансиската писменост, да развиваме здрави навики и да создаваме генерации кои ќе знаат да донесуваат мудри одлуки“, посочи Јанкуловски.
Оваа година на Конкурсот пристигнаа неколку стотици трудови од ученици од основното и средното образование на теми посветени на важноста на штедењето, финансиската писменост и улогата на финансиските услуги во современата дигитална ера. Основците твореа на темата „Да штедиме за нашите желби, да штедиме за нашата иднина“, а средношколците на темата „Штедењето, парите и финансиските услуги во современата дигитална ера“.
Конкурсот, којшто се објавува од 2012 година, прерасна во значајна платформа за поттикнување на младите да размислуваат за финансиските концепти, штедењето и одговорното управување со средствата. Низ литературните творби, ликовните цртежи и есеите, учениците ги претставија своите погледи, знаења и лични цели.
Економија
Дурмиши во Берлин: Северна Македонија нуди нови можности за странски инвестиции
Министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши, денес учествуваше на панел-дискусија на тема „Можности за странски инвестиции во Северна Македонија“, што се одржа во Амбасадата на Република Северна Македонија во Берлин. Настанот беше организиран од Германско–македонскиот бизнис клуб (DNMBC) во соработка со Министерството за надворешни работи и надворешна трговија.
Министерот Дурмиши во своето обраќање истакна дека Северна Македонија се наоѓа во клучен развоен момент, во кој реформските процеси се насочени кон создавање предвидлива, стабилна и европски ориентирана економска средина. Тој ги нагласи приоритетите на Владата – дигитална и зелена трансформација, модернизација на индустријата, поттикнување на иновации и унапредување на човечкиот капитал.
„Нашата цел е да изградиме економија што создава додадена вредност и нуди јасни, долгорочни услови за инвеститорите. Со новиот модел на финансиска поддршка што ќе стартува во 2026 година, државата ги наградува квалитетните инвестиции, отворањето работни места, технолошките центри и проектите што придонесуваат за регионален развој,“ истакна министерот Дурмиши.
Тој подвлече и дека Германија останува еден од најзначајните економски партнери на Северна Македонија, додавајќи дека заедничката визија е да се зајакнат деловните врски, да се поттикнат модерни инвестиции и да се создадат нови можности за економски раст.
Министерот им се заблагодари на организаторите и деловната заедница во Германија за континуираната поддршка, оценувајќи дека ваквите настани се важна платформа за градење доверба и нови партнерства.
Настанот продолжи со динамична панел-дискусија во која учесниците разменуваа искуства и предлози за унапредување на инвестициската клима и можностите за продлабочување на соработката меѓу двете земји.
На отворањето се обратија Гафар Вејсели, претседател на DNMBC, министерот за европски прашања Орхан Муртезани, како и амбасадорот на Северна Македонија во Германија, проф. д-р Илбер Села. Панелот обедини значајни имиња од економскиот и институционалниот сектор, меѓу кои и директорот на ДТИРЗ Гоце Димовски, поранешната гувернерка на НБРСМ Анита Ангеловска-Бежоска, претставници од Министерството за надворешни работи и надворешна трговија и германската делегација за индустрија за регионот.

