Економија
Цената за италијанското задолжување достигна рекордни висини
Цената за задолжување на италијанската влада порасна на денешниот старт на тргувањето, како што растат стравувањата од политичката нестабилност во Италија.
Цената за задолжување на италијанската влада порасна на денешниот старт на тргувањето, како што растат стравувањата од политичката нестабилност во Италија.
Заработката од 10-годишните италијански обврзници денеска скокна од 6,37 проценти, на највисокото ниво откако земјата е во еврозоната, 6,64 проценти.
Се стравува дека Италија, трета по големина економија во еврозоната, би можела да биде следната жртва на должничката криза. Премиерот Силвио Берлускони утре ќе треба да се соочи италијанските парламентарци на стресното гласање за идните јавни финансии на земјата.
Главниот италијански индекс, FTSE MB, денеска падна за 1,1 процент. Пад имаше и кај останатите европски обврзници, а најголем беше кај шпанските, за 2,5 проценти.
Загриженоста од ситуацијата во Италија ја засени дури и ситуацијата кај најголемиот должник во еврозоната, Грција, каде што по договорот помеѓу власта и опозицијата за преодна влада го крена индексот на атинската берза за два процента.
Пазарите се повеќе се сомневаат во способноста на Италија да си ги плаќа долговите. Сега разликата помеѓу заработката од италијанските и од германските обврзници се зголеми на 488 базични поени, најголема од 1995 година.
Денеска скокна и заработката на едногодишните италијански обврзници и тоа од 5,5 проценти, на 6,3 проценти, споредено со германските едногодишни обврзници кај кои заработката е 0,26 проценти.
Според Ричард Хантер, шеф на одделот за имот во лондонската брокерска куќа Hargreaves Lansdown, загриженоста на инвеститорите не се должи толку на слабоста на италијанската економија, колку на политичката ситуација.
„Ова би можело да е почеток на крајот на Берлускони“, сета тој. Притисокот врз Берлускони расте се повеќе, а опозицијата најави гласање на доверба на владата во текот на оваа недела.
Во однос на Грција, Хантер вели дека во случајот на Италија се работи за сосема поинаков вид на „животно“.
„На Грција отпаѓаат два процента од БДП-то на еврозоната, додека Италија е трета економија, веднаш зад Германија и Франција“, вели тој.
Денеска претставници на таканаречената „троика“ – Европската комисија, Меѓународниот монетарен фонд и ‘Европската централна банка – се наоѓаат во еднодневна контролна посета на Португалија, исто така една од можните идни сериозни жртви на должничката криза. Тие во Лисабон ќе оценуваат како земјата ги спроведува обврските преземени со договорот за пакет за помош која ја доби годинава.
Подоцна денеска средба треба да имаат министрите за финансии од еврозоната, на која се очекува да се дискутира за најновиот развој на настаните во Грција и за механизмите за проширување на Европскиот фонд за финансиска стабилност (ЕФСФ). /крај/bbc/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Нова потенцијална инвестиција на компанијата „Интекар Глобал“
Директорот на Дирекцијата за ТИРЗ, Гоце Димовски оствари средба со генералниот менаџер на компанијата Интекар Глобал, Махмутхан Келеш. Средбата, која претставува продолжение на разговорите започнати минатиот месец, беше посветена на разгледување на конкретни можности за потенцијално инвестирање од минимум 20 милиони евра.
Директорот Димовски ги претстави активностите и приоритетите на Владата, при што ја истакна подготвеноста за поддршка на компании кои планираат проширување на своето присуство и реализација на развојни проекти кои носат висока додадена вредност.
Од страна на Махмутхан Келеш, генерален менаџер на компанијата Интекар Глобал беа презентирани досегашните резултати, како и визијата за натамошен развој, при што беше нагласен интересот за продлабочување на соработката и разгледување на можности за потенцијална инвестиција од минимум 20 милиони евра. Во тој контекст, беше потенцирана важноста на стабилната деловна средина и институционалната поддршка за успешно реализирање на долгорочни деловни планови.
Компанијата Интекар Глобал која веќе подолг период работи во Индустриската зона Дуброво, Неготино е водечки производител во индустријата за кабли со широк спектар на производи, од нисконапонски до средно напонски кабли, соларни кабли и специјални кабли. Компанијата е препознаена по високите стандарди за квалитет, флексибилноста во прилагодување на барањата на клиентите и силниот акцент на технолошки развој и енергетска ефикасност.
Оваа средба – продолжение на разговорите започнати ноември годинава, претставува дел од концептот посветен на активна комуникација и соработка со сите инвеститори. Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, останува и понатаму посветена на создавање стабилна и предвидлива деловна средина, преку партнерски однос со инвеститорите и институционална поддршка за реализација на инвестиции што придонесуваат кон економски раст и отворање нови работни места.
Економија
НБРМ: Стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,3%
На редовната седница на Советот на Народната банка е усвоен Извештајот за ризиците во банкарскиот сектор за третиот квартал од 2025 година.
Во Извештајот се оценува дека и во третиот квартал од 2025 година, банкарскиот сектор работи стабилно и сигурно, со висока солвентност, подобрена ликвидност и со подобар квалитет на кредитното портфолио.
Стапката на адекватност на капиталот е стабилна и изнесува 19,5%, а ликвидносната позиција зајакна со што покрива значителен дел од краткорочните обврски и од депозитите на домаќинствата. Квалитетот на кредитното портфолио дополнително се подобри, при што стапката на нефункционални кредити се намали на историски најниското ниво од 2,3%. Резултатите од стрес-тестовите укажуваат на висока отпорност на банкарскиот систем на потенцијални шокови.
Растот на депозитите и натаму е солиден, иако е благо забавен, при што значителен придонес имаат денарските и долгорочните депозити. Кредитниот раст на нефинансиските сектори забави на квартална основа, додека годишната стапка на раст на вкупните кредити благо се зголеми и изнесува 14,9%.
И во првите девет месеци од 2025 година, банкарскиот сектор остваруваше добивка од работењето, иако таа благо се намали, но показателите за профитабилноста и натаму се на солидно ниво.
Во време кога сѐ уште постојат надворешни и домашни ризици, се очекува дека тековната поставеност на монетарната политика и преземените макропрудентни мерки ќе придонесат за одржување на ценовната стабилност, стабилноста на девизниот курс и на финансиската стабилност. Народната банка и натаму внимателно ќе ги следи ризиците и ќе ги презема сите неопходни мерки за остварување на своите законски цели.
На истата седница беа разгледани и усвоени повеќе материјали поврзани со работата на Народната банка.
Економија
Нова веб-апликација на Народната банка за полесно споредување на банкарските кредити и депозити
Народната банка овозможи нова веб-апликација „Споредба на податоците од банките и штедилниците за кредити и депозити за физички лица“, современа дигитална алатка наменета за сите граѓани кои сакаат лесно да ги споредат понудите на банките и штедилниците во земјава врз основа на транспарентни информации.
Апликацијата овозможува брз и прегледен увид во каматните стапки и другите важни услови под кои се нудат кредитите и депозитите, со цел граѓаните да можат да донесат финансиска одлука заснована на информации и според нивните лични потреби и можности, велат од Народната банка.
„Преку едноставна алатка, корисниците можат да избираат вид на кредит или депозит, да ги споредуваат каматните стапки и надоместоците, да применуваат филтри според типот на производот, износот, рокот, каматните стапки, како и да добијат основни, но релевантни информации за секој финансиски производ на едно место.
Со воведувањето на оваа веб-апликација, Народната банка обезбедува нов, модерен и практичен начин за споредување на понудите на финансиските институции, со што директно придонесува кон зголемување на транспарентноста, јакнење на финансиската писменост и финансиската информираност.
Податоците за кредитите и депозитите ги доставуваат банките и штедилниците и тие се одговорни за нивната точност и за редовното ажурирање.
Народната банка, во рамките на својата улога, и во иднина ќе биде посветена на унапредувањето на транспарентноста, заштитата на потрошувачите, финансиската едукација и довербата во финансискиот систем, преку дигитални решенија во интерес на граѓаните.
Оваа веб-апликација е поддржана од Европскиот фонд за Југоисточна Европа (ЕФСЕ ДФ) и е изработенa со финансиска помош од Европската Унија“, соопшти Народната банка.

