Економија
Можни рестрикции на струја во Црна Гора
Црна Гора се наоѓа пред можни рестрикции во потрошувачката на електрична енергија бидејќи езерата се наоѓаат на биолошки минимум, а увозната струја е сè поскапа.
Црна Гора се наоѓа пред можни рестрикции во потрошувачката на електрична енергија бидејќи езерата се наоѓаат на биолошки минимум, а увозната струја е сè поскапа.Целокупната дневна потрошувачка на струја се покрива со увоз, изјави Зоран Ѓукановиќ, директор за оперативно управување на Електростопанство на Црна Гора, пренесува весникот „Побједа“.Како што пишува весникот, струја има сè помалку и во Европа, а посебно во регионот, во кој електроенергетската ситуација е „крајно критична“.Проблемите во снабдувањето со електрична енергија, како што укажуваат претставниците на црногорското Електростопанство, и во лошата наплативост заради што недостасуваат пари за набавка на енергија.Домаќинствата во Црна Гора должат за потрошена струја околу 120 милиони евра, 32 милиона должи Комбинатот за алуминиум во Подгорица, шест милиони никшиќката Железара, а околу 40 милиони е вкупниот долг на стопанството. /крај/б/ст
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
Левица: Буџетот наместо развој, нуди нов циклус на задолжувања и безнадежност
Буџетот од 6,7 милијарди евра, најобемен во историјата на Македонија, кој како „развоен и стабилизациски“ документ до Собранието го достави владата на ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ не само што не е развоен, туку е длабоко потрошувачки и ризичен документ кој ја турка државата во нов циклус на задолжување без реален економски раст, велат од Левица.
Според партијата, вака планираниот не стимулира продуктивност и инвестиции и не создава нова вредност. Напротив, велат од Левица, тој ја цементира зависноста од јавната потрошувачка и краткорочните политички ефекти.
„Капиталните инвестиции учествуваат со само 9,7% од вкупните расходи што е алармантно ниско ниво. Тоа значи дека државата троши за тековни потреби, наместо да инвестира во иднината. Со ваков пристап не се гради економија туку се купува социјален мир. Особено загрижува што 31% од приходите се обезбедуваат преку ново задолжување. Тоа значи дека секој трет денар што државата ќе го потроши е позајмен. Дополнително 1,25 милијарди евра се за отплата на стари долгови, што претставува речиси петтина од буџетот. Со други зборови, државата работи за да враќа стари долгови, а во исто време зема нови кредити што директно води кон фискална нестабилност. Само за камати, наредната година треба да се исплатат 346 милиони евра“, велат од Левица.
Од партијата наведуваат дека во структурата на расходите од новиот буџет, јасно се гледа приоритетот на оваа власт – политички опстанок, а не јавен интерес.
„Наместо инвестиции во здравство, образование, социјална сигурност и квалитет на живот, Владата се одлучи да штеди токму на тие сектори кои ја држат државата исправена“, велат од Левица.
Според партијата, дури и правосудството не е поштедено. „Намалување на средствата за судската власт и Јавното обвинителство, за повеќе од 2,2 милиони евра, е уште еден јасен сигнал дека правната држава не е приоритет“, велат од Левица.
Партијата смета дека со ваков буџет, државата не се движи напред туку тапка во место и сè повеќе тоне во долгови, сиромаштија и безнадежност.
Економија
Божиновска и де Грут: Можности за големи енергетски инвестиции и зелена трансформација во Македонија
Министерката за енергетика, Сања Божиновска, оствари работна средба со потпретседателот на Европската инвестициска банка (ЕИБ), Роберт де Грут, кој ја надгледува активноста на банката во Западен Балкан, вклучително и Македонија. Средбата се одржа во рамките на посетата на потпретседателот де Грут на земјата, при што тој ја потврди својата поддршка за развојот на стратешки проекти во енергетскиот сектор.
На средбата, министерката и потпретседателот на ЕИБ разменија мислења за идните проекти и иницијативи кои банката може да ги поддржи во земјата, со посебен фокус на енергетската транзиција, модернизацијата на електроенергетската инфраструктура и зголемувањето на енергетската ефикасност. Беа разгледани можностите за комбинирана финансиска, техничка и експертска поддршка, која ќе овозможи побрза подготовка и реализација на проекти со висок приоритет.
Особено внимание беше посветено на поддршката на иницијативи за поддршка за проекти поврзани со трафостаници и електроенергетска инфраструктура, со користење на флексибилни модели на финансирање.Подготвеност за вклучување во активности поврзани со РЕК Битола, особено во делот на енергетска транзиција, модернизација и зголемување на ефикасноста на производствените процеси.
ЕИБ располага со експерти за енергетска ефикасност и развиени програми во оваа област, спроведени во други земји. Понудена е експертиза и поддршка во дизајнирање и имплементација на слични програми на национално ниво.
Потпретседателот де Грут истакна дека ЕИБ е подготвена да обезбеди не само финансиска поддршка, туку и експертиза за развој на програми за енергетска ефикасност и инфраструктурни проекти, со цел да се зајакне националниот потенцијал и да се унапреди одржливиот развој.
Министерката Божиновска нагласи дека Македонија ја цени соработката со ЕИБ, која ќе придонесе за забрзување на реализирањето на клучни проекти во енергетскиот сектор и зајакнување на енергетската независност и одржливост на земјата.
Од страна на банката беше изразена силна заинтересираност за воспоставување поинтензивна соработка и поддршка на нови иницијативи во различни сектори
Економија
Министерката за енергетика во посета на лабораторијата за проверка на броила на Електродистрибуција Скопје
Телото за инспекција на броила за електрична енергија на Електродистрибуција кое е акредитирано по меѓународни стандарди и служи за метролошко испитување на броилата, денес беше посетено од Министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Ова тело врши проверка на исправноста на броилата по барање на корисниците. Неговата работа опфаќа редовна и вонредна проверка на броилата, метролошка контрола на нивниот квалитет, како и вонредна инспекција на исправноста на броилата (А-тест) со цел да се обезбеди точност, сигурност и доверливост при мерењето на потрошената електрична енергија.
Посетата произлезе по реализација на 13-тата редовна надзорна оценка на Институтот за акредитација на Република Северна Македонија и Бирото за метрологија при Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини, кои повторно годинава потврдија дека Телото за инспекција на броила целосно ги исполнува барањата на меѓународниот стандард МКС ЕN ISO/IEC 17020.
Министерката Божиновска, во придружба на директорот на Бирото за метрологија, Седад Рушани, ја разгледаа опремата што се користи во лабораторијата, вклучувајќи ги и седумте современи испитни станици произведени од германската компанија ЕМХ.
Тие се запознаa со професионалниот тим кој секојдневно обезбедува прецизни, сигурни и транспарентни метролошко испитувања на броилата.
„Нашата земја располага со висококвалификувани лаборатории кои работат според највисоките меѓународни стандарди. Прецизното испитување на броилата е клучен сегмент во создавање доверба кај потрошувачите, бидејќи секој граѓанин треба да биде сигурен дека плаќа за реално потрошена енергија. Резултатите од последната надзорна оценка потврдуваат дека Телото за инспекција на броила на Електродистрибуција е пример за професионализам и транспарентност. Ваквите лаборатории мора да бидат модерни, сертифицирани и кредибилни, за граѓаните да знаат дека постои место каде можат да ја проверат исправноста и точноста на своето броило. Тоа е прашање на фер однос, доверба и јавен интерес.“ порача Божиновска.
Менаџерскиот тим на Електродистрибуција, нагласи дека компанијата ќе продолжи да вложува во развој на технологијата и обуката на стручниот тим со цел да ја задржи високата прецизност и објективност во процесот на испитување на броилата со највиски стандарди на квалитет. Од 2012 година кога Телото за инспекција на броила прв пат било акредитирано, компанијата успешно ја обновува акредитацијата пред највисоките државни тела, секогаш со позитивна оценка.
„Во Електродистрибуција вложуваме во знаење, технологија и системи кои обезбедуваат точност и објективност во процесот на испитување на броила. Во овој процес секој детал е важен, од најсовремената опрема до стручноста на тимот кој стои зад секоја проверка.“ истакна менаџерскиот тим на Електродистрибуција. Тимот на Електродистрибуција пред присутните детално ја презентираа технологијата, процесите и постапките кои се практикуваат во насока на спроведување на активностите поврзани со проверка и метролошко тестирање на броилата.

