Економија
Финализиран договорот за механизмот за спас на еврото
Министрите за финансии од 17-те членки на еврозоната на состанокот во Брисел во понеделник вечерта го финализираа договорот кој го уредува постојаниот фонд за спас на еврото, ЕСМ (European Stability Mechanism).
Министрите за финансии од 17-те членки на еврозоната на состанокот во Брисел во понеделник вечерта го финализираа договорот кој го уредува постојаниот фонд за спас на еврото, ЕСМ (European Stability Mechanism), со што се трасира патот за ЕСМ да стапи во сила во јули годинава, една година порано од планираното.
Премиерот на Луксембург, Жан-Клод Јункер, претседавач со групата на министри за финансии од еврозоната, ја објави информацијата веднаш по завршувањето на состанокот во Брисел доцна навечер во понеделникот. ЕСМ сега е подготвен да го замени привремената Установа за европска финансиска стабилност, ЕФСФ (European Financial Stability Facility) на 1 јули годинава.
„Верувам дека ова е многу значајно постигнување. Тоа потврдува дека евро групата и Европската унија во целина се способни да ги преземат неопходните чекори“, изјави по состанокот германскиот министер за финансии Волфганг Шобл.
Шобл, исто така, вели дека бил постигнат договор за фискалниот пакт на еврозоната, кој земјите-членки на зоната на заедничка валута ќе ги подложи на построги буџетски правила. Иако призна дека најтешкото сé уште не е надминато, Шобл истакна дека „сега има причина за оптимизам“.
ЕСМ ќе се финансира со 500 милијарди евра, со цел да им помогне на земјите-членки кои имаат потешкотии, а главен донатор во фондот ќе биде Германија – иако неодамнешното одбивање од страна на германската канцеларка Ангела Меркел да се зголемат средствата на ЕСМ како полека да исчезнува под притисокот на останатите членки.
Италијанскиот премиер Марио Монти верува дека ЕСМ треба да се дуплира, на еден трилион евра, а и францускиот претседател Никола Саркози неколкупати ја повика Германија да донира повеќе средства. Шефот на Европската централна банка, Марио Драги го дели мислењето на овие двајца, како и шефот на меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Кристин Лагард.
„Ни треба огромен заштитен ѕид. Без него, земјите како Италија и Шпанија, кој во основа се способни да си ги исплаќаат долговите, би можеле да бидат турнати во криза на солвентноста поради високи трошоци за рефинансирање на долговите“, изјави таа по средбата со Меркел во Берлин, исто така во понеделник вечерта.
Германската канцеларка жестоко му се противеше на зголемувањето на износот потребен за ЕСМ, но тоа сега како да се менува. Говорејќи на прес-конференција во Берлин во понеделник, по средбата со белгискиот премиер Елио Ди Рупо, кој исто така сигнализираше дека се залага за зголемување на средствата, Меркел истакна дека: „Германија секогаш го правела она што е потребно да се заштити еврото“.
Германскиот удел во ЕСМ ќе изнесува речиси 22 милијарди евра во готовина, згора на 168-те милијарди евра во достапен капитал. Дискусиите за тоа дали да се зголеми обемот на ЕСМ ќе продолжат во март, како што беше договорено меѓу членките уште минатата година.
Понезависен и поробусен
Во меѓувреме, германската влада ги негираше извештаите дека е подготвена да се согласи со зголемување на ЕСМ на 750 милијарди долари.
„Тоа не е вистина. Не постои таква одлука“, категоричен беше портпаролот на Меркел, Штефан Шајбарт. Информацијата дека Германија ќе прифати зголемување ја објави весникот Financial Times, а за возврат ќе барала партнерите од еврозоната да ги прифатат построгите правила од предвидената фискална компактност помеѓу членките.
Земјите од еврозоната се обврзани да обезбедат вкупно 80 милијарди евра во готовина за новиот ЕСМ, во надеж дека тој ќе биде понезависен и поробустен од претходникот ЕФСФ, кој неодамна беше деградиран од агенцијата за кредитен рејтинг Standard&Poor’s.
Земјите кои ќе сакаат да добијат помош од ЕСМ ќе мора првин да го потпишат пактот на ЕУ за построга буџетска дисциплина, што е суштинско барање од Берлин.
Згора на тоа, одлуките за тоа каде ќе одат парите од ЕСМ веќе нема да мора да бидат едногласни, со што на малите земји-членки им се оневозможува да го блокираат фондот. За носење на одлука во ЕСМ ќе биде потребно мнозинство од 85 проценти. Според еврокомесарот за економски и монетарни прашања Оли Рен, ЕСМ ќе биде столбот на новиот заштитен ѕид против должничката криза.
И Грција беше на дневниот ред на состанокот на министрите за финансии во Брисел. Другите 16 членки на еврозоната поставија додатни услови за секој нов пакет за помош. Тие сакаат новите камати за грчките обврзници, по „стрижењето“ на долговите кои земјата ги имаше кон приватните банки и инвеститори, да се одржуваат на ниво под четири проценти. Министрите повикаа и на поголеми реформски напори од страна на Атина.
Одржувањето на каматите за грчките обврзници под четири проценти, сепак, може да се покаже како исклучително тешко. Преговорите со приватните кредитори на Грција се тешки, и покрај потребата за брзо и успешно завршување за да се избегне несолвентноста на земјата. Кредиторите засега се исклучително претпазливи кон понудите кои досега ги понуди Атина, затоа што се предвидува поголемо кратење на долговите од 50 проценти, за колку што се согласија минатата година. Успешното завршување на преговорите е услов за финализирање на вториот пакет за помош на Грција, вреден 130 милијарди евра. /крај/spiegelonline/сс/
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.
Економија
За една година поскапеа и кафаните: угостителските услуги зголемени за 3,5 проценти
Цените на угостителските услуги во декември 2025 година се зголемени за 3,5 проценти во споредба со истиот месец лани, покажуваат податоците на Државен завод за статистика.
На годишно ниво, односно во периодот јануари – декември 2025 година во однос на истиот период од 2024 година, угостителските услуги се поскапени за 4,8 проценти.
Истовремено, статистиката покажува дека во декември нема промени во однос на претходниот месец. Цените на угостителските услуги останале на исто ниво како и во ноември 2025 година.

Фото: unsplash
Економија
МФ: Пласирани над 224 милиони евра за поддршка на инвестиции кон компаниите, исплатена нова транша од Буџетот кон Развојната банка
Министерството за финансии од Буџетот изврши исплата нова транша во вредност од 424,9 милиони денари или 6,9 милиони евра кон Развојната банка за поддршка на домашните компании.
Со исплатата на оваа транша вкупната поддршка на државата кон домашната економија изнесува 13,8 милјарди денари или 224,3 милиони евра од вкупно планираните 250 милиони евра за поддршка на домашните компании, велат од Министерството за финансии.
„Владата ги обезбеди овие средства преку кредитна линија од Унгарската експорт-импорт банка со цел поддршка на домашната економија. Поддршката се состои од пласман на средства по поволни услови за компаниите во насока на реализација на приватните инвестиции, со што тие ќе обезбедат сопствен развој и поттикнување на економскиот раст. Средствата се пласираат до крајните корисници преку деловните банки, каматната стапка е 1,95% годишно, рокот на отплата е до 15 години и грејс период до 3 години.
Вкупниот буџет за поддршка на домашните компании предвидени во Буџетот изнесува 250 милиони евра, а вредноста на инвестицискиот циклус се проценува на околу 300 милиони евра“, се додава во соопштението на Министерството за финансии.
Економија
Мицкоски најави построги казни за супермаркетите што го кршат законот: „Ако така продолжат, ќе мора да стават клуч на врата“
Премиерот Христијан Мицкоски оцени дека годишната инфлација ќе се движи околу четири проценти, најавувајќи засилени инспекциски контроли и законски измени со значително повисоки казни за трговските ланци што ги прекршуваат правилата за нефер трговски практики.
Одговарајќи на новинарско прашање, Мицкоски изјави дека ваквите проекции за инфлацијата се присутни веќе со месеци и дека Владата активно делува преку зачестени контроли на инспекциските служби.
„Ќе предложиме законски измени со многу поголеми казни за сите ланци на супермаркети коишто го изигруваат законот за нефер трговски практики. За некои од ланците веќе имаме докази и мислам дека ако така продолжат, ќе мора клуч да стават на врата“, изјави премиерот.

