Економија
На Волстрит втор ден пад на акциите

Во понеделникот на Волстрит берзанските индекси забележаа пад втор ден по ред, а се наоѓаа под најголем притисок акциите во рударскиот сектор откако Кина ја намали целената стапка на својот економски раст.
Во понеделникот на Волстрит берзанските индекси забележаа пад втор ден по ред, а се наоѓаа под најголем притисок акциите во рударскиот сектор откако Кина ја намали целената стапка на својот економски раст.Индексот Dow Jones ослаби за 0,11 отсто на 12.962 поени, индексот S&P 500 се лизна за 0,39 отсто на 1.364 поени, додека индексот Nasdaq забележа пад за 0,86 отсто на 2.950 индексни поени.Негативно во понеделникот врз пазарите делуваше намалувањето на целената стапка на економски раст на кинеското стопанство од 8 на 7,5 отсто. Оваа информација уште на стартот од тргувањето предизвика пад на акциите на азиските, а потоа во текот на денот и на европските берзи, па така и Волстрит не остана имун на оваа вест. Под најголем притисок во понеделникот беше рударскиот сектор, бидејќи Кина е најголемиот светски потрошувач на сировини, па инвеститорите стравуваат дека забавениот раст во второто според обемот стопанство во светот може да предизвика пад на побарувачката на сировини.Оттаму во понеделникот паднаа и цените на сировините, што повлече и намалување на цените на рударските компании. Така индексот S&P на овој сектор падна за 1,6 отсто. Растот на акциите на Волстрит од почетокот на година, при што индексот S&P 500 скокна за 8,5 отсто, најмногу се должи на податоците коишто укажуваат на зајакнување на американската економија. Меѓутоа, инвеститорите и аналитичарите го поставуваат прашањето дали растот на американската економија е одржлив, имајќи предвид дека другите најголеми светски економии се под притисок. Јапонија е во рецесија, а рецесијата и’ се заканува и на еврозоната. Во понеделникот реномираниот лондонски институт Markit соопшти дека неговиот индекс PMI за деловни активности во еврозоната в февруари се намалил од 50,4на 49,3 индексни поени, што е поголем пад отколку што се очекуваше. Тоа недвосмислено покажува дека еврозоната е на работ од рецесија, имајќи предвид дека економија на оваа групација падна во последниот минатогодишен квартал. И на европските берзи во понеделникот цените на акциите забележаа пад, па така индексот на лондонската берза FTSE 100 се намали за 061 отсто на 5.874 поени, индексот на берзата во Франкфурт DAX 30 падна за 0,70 отсто на 6.866 поени, додека индексот на париската берза CAC 40 се лизна за 0,39 отсто на 3.487 поени. /крај/ро/мф/сн
©Makfax.com.mk Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.

Економија
Стојаноски: За првпат после долго време, носиме ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи

Бојан Стојаноски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ, на денешната Комисија за финансирање и буџет, се обрати и истакна дека ребалансот е резултат на анализа, одговорност и јасна визија. Според него, со зголемени приходи и рационално трошење, се вложува во плати, пензии, образование, здравство, транспорт, локален развој и млади. Стојаноски додаде дека ова не е симболика, туку конкретна инвестиција во квалитетен и достоинствен живот за сите граѓани во земјава.
,,Ова е порака, порака за нова економска парадигма, порака за домаќинско водење на државните финансии, порака дека не чекаме кризите да не затекнат, туку со рационален пристап и силна политичка волја ги пренасочуваме средствата таму каде што најмногу треба кај граѓаните. Затоа што буџетот, тоа не се само бројки. Тоа е политика во својата најконкретна форма За првпат после долго време, носиме Ребаланс во ситуација кога немаме минус, туку имаме зголемени приходи“, рече Стојаноски.
Истакна дека со ребалансот се обезбедуваат дополнителни средства за плати 800 милиони денари, пензии 2,5 милијарди денари и капитални проекти 300 милиони денари, со што се засилува економскиот развој.
,,Оваа рамка е показател дека Буџетот не е притиснат и потрошен, туку управуван мудро и рационално. Приходите растат, трошењето е контролирано, а приоритетите се кристално јасни“, кажа Стојаноски.
Тој посочи дека ова ќе овозможи повеќе луѓе со попреченост да живеат во заедницата, а не во институции, а ќе има повеќе лични асистенти, повеќе дневни центри, повеќе услуги достапни во секоја општина. Тој напомена и дека најважно од се е тоа што значи дека младите не се заборавени, туку активно вклучени во секоја социјална политика.
Тој додаде дека овој ребаланс значи вложување во луѓето и иднината, во подобри услови за факултети, студентски домови и училишта, во достапен транспорт и здравство за сите, без разлика каде живеат, во поддршка за културата, енергетска независност и младите. Според него, ова не е трошок туку инвестиција во достоинствен живот.
Економија
Битиќи: Ребалансот e признание дека Владата ја загубила финансиската контрола, со дефицит од 4 проценти, над законскиот лимит

Овој ребаланс е индиректно признание дека Владата ја изгубила фискалната контрола и јасно огледало на продлабочената фискална неодговорност во јавните финансии. Наместо реално прилагодување и развојна ориентација, добиваме документ кој прикрива неизвршени ветувања и скицира нереална економска слика, рече пратеникот на СДСМ, Фатмир Битиќи, на денешната седница за ребаланс.
Тој истакна дека иако дефицитот останува на 4% од БДП, тоа е над законскиот максимум од 3%, а отстапување е дозволено само во вонредни ситуации кои во нашата земја не постојат.
„Владата веќе не контролира фискална рамнотежа и го користи ребалансот како политички инструмент. Дефицитот речиси се удвои за месец и половина, од 13,4 на 27,5 милијарди денари. Таков раст не се случува во економија со здрава фискална дисциплина и е знак за неефикасно управување и неконтролирана јавна потрошувачка. Ако приходите растат по 40%, а расходите достигнаа 44%, дали оваа Влада има план? Или троши сè како да нема утре?“ – рече Битиќи.
Според него, наместо реална прераспределба, ребалансот е само козметика, розово на хартија, а црвено во реалноста. Ова не е буџет со план, туку импровизација за политички цели.
„Новото задолжување од 500 милиони евра и скриените долгови од над 700 милиони евра создаваат дополнителен фискален товар што ја загрозува економската стабилност и ќе мора да се решава во иднина.
Разочарувачки е и нискиот степен на реализација на капиталните инвестиции – само 23%, далеку од ветениот рекорден инвестициски циклус“.
Како што рече, Буџетот се користи како предизборно оружје: зголемувањето на пензиите и платите во јавниот сектор, растот на трошоците за договорни услуги и тројното зголемување на буџетските резерви укажуваат на непотизам, партиски вработувања и нетранспарентна потрошувачка.
Во услови кога јавните финансии се загрозени, ова не е одговорно управување со државните пари, туку краткорочна партиска кампања со ризик за економската иднина на граѓаните.
Економија
Божиновска-Триподи: Македонија е стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти со јасна регулаторна рамка

Во рамки на Бизнис форумот „Италија – Северна Македонија“, кој денес се одржа во Скопје, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари билатерална средба со Марија Триподи, заменичка министерка за надворешни работи и меѓународна соработка на Република Италија.
На средбата беше изразено заедничко задоволство од сè поинтензивната економска и политичка соработка меѓу двете земји, особено во доменот на енергетиката, каде што постои значаен интерес од италијански компании за инвестирање во зелени и одржливи технологии.
Министерката Божиновска ја информираше соговорничката за тековните проекти што ги спроведува Министерството, како и за новите можности за странски инвестиции во обновливи извори на енергија, енергетска инфраструктура и складирање на енергија. Таа истакна дека Северна Македонија станува стабилен и предвидлив партнер за големи енергетски проекти, со јасна регулаторна рамка и амбициозни цели во енергетската транзиција.
Од страна на г-ѓа Триподи беше изразена поддршка за енергетските реформи што ги спроведува земјата и интерес за продлабочување на билатералната соработка преку конкретни проекти и партнерства, како на институционално, така и на деловно ниво.
Двете соговорнички се согласија дека енергетиката претставува стратешко поле за понатамошно поврзување на Северна Македонија и Италија, со можност за заеднички проекти во контекст на регионалната поврзаност, транзицијата кон чисти извори и развој на модерна енергетска мрежа.